На вечершата прес-конференција на Државната изборна комисија, претседателот Александар Даштевски кажа дека според пребројувањето на гласовите, Тимчо Муцунски и Александар Стојкоски од ВМРО-ДПМНЕ се новите градоначалници на скопските општини Аеродром и Ѓорче Петров.
Врз основа на оваа информација, може да се констатира дека по првиот круг, градоначалници добија шест скопски општини, а во останатите четири ќе се оди во втор круг.
Претходно, врз основа на веќе обработени податоци, беше објавено дека нов градоначалник на Бутел е Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ, на Гази Баба неговиот сопартиец Бобан Стефановски, на Кисела Вода – Орце Ѓорѓиевски од истата партија, а во Сарај беше реизбран Блерим Беџети од ДУИ.
Во вториот круг ќе се води битка за Карпош, Центар, Чаир и Шуто Оризари.
За овие општини резултатите се пребројани во целост, па врз основа на тоа се знае дека во Центар во втор круг одат Горан Герасимовски од СДСМ со 40,24 отсто од гласовите и Наташа Котлар Трајкова од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата со 33,27 отсто од гласовите во првиот круг.
Во Карпош битката ќе се води меѓу Душко Весковски од СДСМ со 32,24 отсто од гласовите по првиот круг и Стевчо Јакимовски со 23,69 отсто од гласовите.
Втор круг ќе има и во Шуто Оризари каде што Ферат Асан од СДСМ доби 37,07 отсто од гласовите пред Курто Дудуш од ЛДП/ДОМ со 25,38 отсто.
Во Чаир за градоначалник во вториот круг ќе се тркаат Висар Ганиу од ДУИ 48,87 и Беким Сали од АА/Алтернатива 36,97 отсто од гласовите.
Даштевски информира дека советничката листа на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје освоила 78.538 гласови, коалицијата на СДСМ добила 52.431 гласови од граѓаните, за листата на ДУИ гласале 26.338 избирачи, за Левица гласот го дале 20.070 гласачи, за коалицијата ЛДП-ДОМ гласале 9.152 избирачи, за коалицијата Алијанса за Албанците гласале 11.447 граѓани, додека за независната листа на група избирачи предводена од Драгана Велковска (Зелен хуман град) гласале 9.062 избирачи.
Што се однесува пак, до изборите за градоначалник на Град Скопје Даштевски потврди дека ќе има втор круг во кој влегуваат независниот кандидат Данела Арсовска која освоила 85.657 гласови, како и актуелниот градоначалник Петре Шилегов со освоени 77.852 гласови.
На прес-конференцијата беа соопштени општините во кои изборите за градоначалник завршија во првиот изборен круг, односно таму се избрани градоначалници.
ВМРО-ДПМНЕ победи во 22 општини, СДСМ во 9 општини, а ДУИ во три општини.
ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг доби градоначалници во општините (по азбучен ред): Аеродром, Босилово, Бутел, Велес, Виница, Гази Баба, Градско, Ѓорче Петров, Зрновци, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Неготино, Новаци, Могила, Петровец, Прилеп, Свети Николе, Сопиште и Штип.
СДСМ победи во општините: Берово, Богданци, Валандово, Делчево, Дорјан, Крива Паланка, Кривогаштани, Крушево и Струмица.
ДУИ ќе има градоначалници во Липково, Сарај и во Пласница.
Во останатите општини ќе има втор круг.
Даштевски информира дека првиот изборен круг ќе биде повторен во општините Центар Жупа и во Маврово – Ростуша бидејќи таму излезноста била под една третина од запишаните избирачи.
До вечерва немало приговори од учесниците во изборната трка.