Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи оствари средба со делегацијата на Комисијата за европски прашања при Парламентот на Холандија, предводени од пратеникот Хајке Велдман, претседател на Комисијата.
– Особено ја цениме билатералната поддршка која земјава во континуитет ја добива од Холандија, која особено внимателно е таргетирана во развојот на демократските капацитети на општеството, владеењето на правото и поддршка за реформите – истакна Османи, упатувајќи благодарност до делегацијата и за севкупната политичка поддршка за европските и евро-атлантските аспирации на земјава.
„Новата методологија претставува исклучително добра основа за да се забрза и унапреди квалитетот на преговарачкиот процес. Земјите членки ќе добијат засилен политички мониторинг и насочување на процесот, додека земјите кандидатки ќе добијат фер можност низ прецизен и јасен мерит систем на дело да покажат колку се подготвени за напредок во европските интеграции“, истакна Османи, пренесувајќи ги впечатоците на Владата по прашањето на новата методологија.
„Имаме позитивни сигнали дека методологијата ги задоволува барањата на земјите членки, што го враќа оптимизмот во процесот на проширување, враќајќи го со тоа и кредибилитетот на Европската Унија во регионот, кој по октомвриските самити беше значително нарушен“, истакна Османи, упатувајќи на силен оптимизам кој се создава во пресрет на пролетните самити на ЕУ, под палката на Хрватското претседателство.
„Очекуваме Советот да ја исполни обврската штоси ја постави и ова прашање да биде затворено пред мајскиот самит посветен на Западниот Балкан во Загреб“, посочи Османи.