Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи денес учествуваше на Меѓународната конференција на високо ниво во Скопје „Проширувањето на ЕУ на крстопат“.
-Многупати имам кажано дека ориентираноста на земјите од Западен Балкан кон ЕУ не е поради географски, историски или економски причини, туку целта е да се изгради долгорочно стратешко партнерство, односно начин како да се променат балканските земји, а ЕУ да нè прифати како еднакви- посочи Османи, нарекувајќи го овој процес мисија која допрва треба да се исполни.
Оваа година, истакна Османи, го добивме најпозитивниот Извештај од Европската комисија досега, кој ги рефлектира реализираните реформи и постигнатиот напредок.
-Дури и самиот да го пишував Извештајот, немаше да биде толку позитивен- ќе мислевте дека сум пристрасен и дека преувеличувам. Меѓутоа овој Извештај го пишуваат професионалци кои го следат нашиот напредок на дневна база и нотираат сè што имаме постигнато- истакна Османи, посочувајќи дека овој успех и признание не се подарок, туку заслуга стекната со многу посветеност, многу работа, храбро лидерство изминативе две години, но и со значајн акумулирана вредност во текот на изминатите деценија и пол.
-Оваа 2019 година е пресвртна година за Европската Унија, но дозволете да додадам и круцијална година за нас – земјите од Западниот Балкан. Имаме неповтролива шанса да го искористиме фокусот на Европа насочен во насока на консолидација на континентот, и да создадеме трајна вредност за нас, за нашите општествата, за идните генерации. Во таа насока, успехот на Северна Македонија треба да претставува поттик и за останатите земји од регионот да се приклучат на европскиот бран и да го искористат овој европски моментум- заклучи Османи.
Меѓународната конференција е во организација на поранешниот претседател Бранко Црвенковски и Подгоричкиот клуб, а на кој учествуваат поранешни претседатели и премиери од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора.