Заменик претседателот на Владата, задолжен за европски прашања Бујар Османи, во рамки на работната посета на Брисел, денеска имаше неформален брифинг со претставници на Работната група при Советот на ЕУ за Западен Балкан (КОВЕБ).
На состанокот, вицепремиерот Османи, соопшти неговиот кабинет, брифирал за актуелната состојба во Македонија, оценувајќи ја политичката клима како позитивна за имплементација на предвидените реформи, особено сега, по првата одлука за пристапување кон промени на Уставот согласно договорот од Преспа, со што се откочи и работата на Собранието.
– Како Влада и како држава внимателно работиме на исполнување на сите забелешки и препораки содржани во Извештајот на Европската Комисија, особено оние кои реферираат на заклучоците од јунските самити на Советот на ЕУ, со што ќе изградиме солидно портфолио кое ќе обезбеди конфирмација на одлуката од страна на Советот следниот јуни и почеток на преговорите, истакна Османи, посочувајќи притоа на напредокот и во имплементација на уставните измени, и на реформите од Планот 18.
Османи ќе има и работна седба со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.