Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска ќе и биде домаќин на министерката за Европа и Америките на Обединетото Кралство, Венди Мортон, која престојува во работна посета на нашата земја.
Целта на посетата е одржувањето на првиот инаугуративен состанок на Советот за партнерство, трговија и соработка помеѓу Македонија и Обединетото Кралство, на кој од страна на Македонија ќе ко-претседава министерот Османи, додека од страна на Обединетото Кралство ќе ко-претседава министерката Мортон.
Советот се смета за највисоко работно тело надлежно за имплементација на Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу двете земји, кој ќе ја има улогата на координатор на имплементацијата на одредбите од Спогодбата и развојот на севкупните односи меѓу двете земји. Исто така, во рамките на Советот, предвидено е министрите да потпишат и Деловник за работа, како рамка преку која ќе се одвива целосната соработка во рамките на ова тело.