Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи ќе учествува на редовниот состанок на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на дипломатии што ќе се одржи денеска во Брисел.
На тој начин, Османи ќе биде прв политички претставник од Македонија кој физички ќе присуствува на состанок на Северноатлантскиот совет од зачленувањето на нашата земја во НАТО, во март минатата година. Тој ќе го искористи состанокот да оствари и неколку билатерални средби со министри за надворешни работи на земји-членки на НАТО и партнерите, како што соопшти МНР.
Станува збор за прв состанок на Советот што ќе се одржи со физичко присуство во седиштето на НАТО, по едногодишна пауза поради пандемијата. Предвидено е да се дискутира за прашања од приоритетен интерес за НАТО, во кои спаѓаат состојбите во Авганистан, влијанието на глобалните геостратешки односи врз безбедноста на евроатлантската област, како и пошироката регионална стабилност.