Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на својата работна посета на Брисел оствари средба со новиот еврокомесар за соседска политика и проширување Оливер Вархеи. За време на средбата стана збор за статусот на политиката на проширување на ЕУ, со посебен акцент на новата методологија, како и за статусот на реформите и останатите актуелности во земјава.
– Најпрво честитки за новата функција, која, се надевам, во претстојниот период во целост ќе ја оправда интенцијата на целата Комисија за повторно разгледување на можноста за одредување датум за старт на преговорите со Северна Македонија во текот на хрватското претседателство. Се надеваме дека процесот на реформа на методологијата нема да се одолговлечи, а уште помалку, дека ќе ја блокира иницијативата за брзо враќање на процесот на проширување назад на агендата на Унијата – истакна Османи, потенцирајќи притоа дека сè што ќе го направи процесот на преговори подобро структуриран, поефикасен, пофер, посуштински и покредибилен е од интерес и за државата.
Османи ја потенцираше подготвеноста на земјата за старт на преговорите, но истовремено и посветеноста и фокусираноста на Владата кон обврските и во претстојниот период, при што на еврокомесарот Вархеи, Османи му ја претстави и реформската агенда на Владата за претстојниот период, а во пресрет на самитот на ЕУ во март следната година.
– По неуспехот на октомврискиот самит да се обезбеди одлука за старт на преговорите, кредибилитетот на ЕУ во целиот регион е сериозно нарушен, се надевам дека преку новите иницијативи ќе успееме да ја вратиме довербата не само во европските институции, туку воопшто и во процесот на европеизација на целиот регион – истакна Османи.