Изминатиов период зад нашите северни граници повторно се реактуализира прашањето токму за тој „ослабен ураниум“, присутен во остатоците од шрапнелите на муницијата користена од Алијансата во Србија и во Косово. Почвата, подземните води, а со тоа и сите води и територија каде што биле бомбардирањето и ракетирањето, сега се загадени со тешки метали што повеќе од две децении им го загрозуваат здравјето на граѓаните

Колку се ризични последиците од користените тешки метали во војните во соседството и за граѓаните на Македонија?

Планински превои и рамни полиња се природните граници што Македонија ја одделуваат од соседно Косово и од Србија. Токму на тој потег има низа населени места што за време на конфликтот во 1999 година беа „посеани“ со борбени гранати од НАТО, полни со ослабен ураниум. Изминатиов период зад нашите северни граници повторно се реактуализира прашањето токму за тој „ослабен ураниум“ присутен во остатоците од шрапнелите на муницијата користена од Алијансата во Србија и во Косово. Почвата, подземните води, а со тоа и сите води каде што биле бомбардирањето и ракетирањето, сега се загадени со тешки метали што повеќе од две децении им го загрозуваат здравјето на граѓаните. И не само на локалното население, имено, познат е случајот со италијанските мировници што по отслужувањето на мисијата на Косово во 2001 година заболеле од тешки смртоносни болести како леукемија и канцер…

Прва приватна тужба против НАТО

Во белградскиот суд, нишкиот адвокат Срџан Алексиќ ја поднесе првата приватна тужба против НАТО во име на заболен поранешен офицер од канцер, како последица на НАТО-бомбардирањето во оваа земја. Истиот адвокат за јавноста најавил дека пред судовите тој ќе застапува и Албанци од Косово на кои им е нарушено здравјето од истите причини. Во истиот контекст
„Дојче веле“ ги анализира последиците од користење ураниум во Косово, констатирајќи дека истиот тој „го нарушува нивното здравје, а еколошките последици се засега несогледливи“. И „Дојче веле“ потсетува дека италијански мировници во Косово по отслужувањето на нивната мисија во 2001 година заболеле од тешки смртоносни болести како леукемија и канцер, токму како „последица од користењето бомби со ослабен ураниум во оваа балканска земја.“ Медиумот пренесува и изјава на Бернард Крушнер, кој како преставник на организацијата „Доктори без граници“ бил присутен во мировната мисија во Косово.
Во своја изјава, Кушнер тврди дека НАТО испукал околу 30.000 воени проектили со ослабен ураниум во Косово и во околината, но дека „тие места сега никој не ги истражил по завршување на конфликтот и по повлекување на меѓународната мисија.“

Треба ли близината на териториите бомбардирани со осиромашен ураниум да ја загрижи македонската јавност?

Факт е дека нашата земја и жителите во неа се одделeни од местата каде што паднале бомбите само од природни планински препреки. Но таквата физичка близина и соседство прави влијанијата да ги чувствуваме речиси идентично, почнувајќи од атмосферските влијанија, а завршувајќи до заедничките подземни води. Покрај тоа, соседството овозможува високофреквентен проток на луѓе и трговска стока, па размената е на повисоко ниво. Дури и во услови на пандемијата на коронавирусот, со северните соседи слободно економски соработувавме и тргувавме со индустриски и прехранбени производи, чија контаминираност со тешките метали, како ураниумот, според експертите, треба задолжително да се провери. Но безбедносно-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека во практика е невозможно нашата држава да спроведе контрола по таа основа на трговските стоки што ги минуваат нашите северни граници, односно што ги увезуваме на нашиот домашен пазар и кои, поради осиромашениот ураниум, барем хипотетички се ризични за здравјето на луѓето.
Дополнително, Стефаноски мисли и дека дури ниту Косово ниту Србија засега се немаат обидено да го надминат овој потенцијален ризик, за кој експертите во свои истражувања посочуваат дека сѐ повеќе одзема животи на двете страни на границата.
Како најпогодени региони Стефаноски ги смета оние по должината на планините Шар Планина и Скопска Црна Гора каде што минуваат реките и подземните води, кои е можно да се контаминирани од ослабен ураниум.
– Сѐ на сѐ говориме за една многу непријатна состојба во која не по своја вина се најде Македонија. Тоа, за жал, е данокот што во модерно време е нуспроизвод на модерно водените војни на Балканот. Па оттука мислам дека ризикот по здравјето на луѓето во Македонија ќе е константен сѐ додека по моделот на Украина и Чернобил можеби не се намалат последиците од оружјата со ослабен ураниум користени при крајот на 1990-тите – вели Стeфаноски.

 


Што е осиромашениот ураниум?

Во стручна статија на оваа тема физичарот и професор Стојан Манолев констатира дека уранот е хемиски елемент со реден број 92 во периодниот систем на хемиските елементи.
Тој истакнува дека оваа состојка има период на полураспаѓање, временски интервал во кој се распаѓа половината од почетниот број на радиоактивни јадра при што се испуштаат α-алфа или β-бета честици, а во овој процес ткивата на човечкиот организам во целост ги апсорбираат штетните честици.
– Проектил изработен од осиромашен ураниум ги пробива и најцврстите оклопи. Погоден за изработка на артилериска муниција. Со внесување муниција од таков вид што ја користат некои армии се загрозуваат здравјето на војниците што секојдневно ја носат со себе и на работниците во магацините каде што се чува истото тоа и околната средина. Местото каде што е употребена таква муниција, каде што паѓаат такви проектили, повторно се загрозува – заклучува Манолев.


Честичките од осиромашениот ураниум ја загадуваат целата природа

Остатоците од осиромашениот ураниум ги загадуваат природата и целокупниот жив свет. Од нив страдаат воздухот, водата и почвата што, пак, предизвикува канцероген синџир во исхраната на луѓето и животните.
Професорката Татјана Миткова, која е агроном, во свој осврт на проблематиката забележува дека јоните на радионуклеидите во почвата се однесуваат како и другите јони: можат да се апсорбираат и десорбираат, да се транслоцираат, да се апсорбираат од растенијата и да влегуваат во веригата на исхраната и слично.
– Радионуклеидите се акумулираат на самата површина каде што ќе паднат и со обработка се мешаат со подолните слоеви на почвата. Во растенијата навлегуваат преку лисјата (фолијарно) или индиректно преку почвата и на тој начин влегуваат во синџирот на исхрана.
Радионуклеидите се транспортираат до почвата на разни начини. Можат да се депонираат суво со покрупните честички или преку дожд (аеросоли со најситни честички), а овој пренос зависи од ветерот. Можат да се транспортираат и на големи далечини. Во почвите доаѓаат и со промивање на растителните органи или со наводнување ако ги има во водите за наводнување – пишува професорката.
Според неа, радионуклеидите, пак, присутни во почвата се апсорбираат од растенијата влегувајќи во синџирот на исхраната и затоа се јавуваат и во прехранбените продукти од растително и од животинско потекло.


Здравствените ризици потекнуваат од храната

Универзитетскиот професор и хематолог д-р Оливер Каранфиловски во свое обраќање на оваа тема во јавноста заклучува дека опасноста по здравјето доаѓа поради навлегувањето на ураниумот во почвата и последично инкорпорирање, прво во растенијата, а потоа и во живиот свет што истите тие ги консумира
Каранфиловски информира дека доколку се работи за животни, значи дека изотопите ќе се најдат и во месните преработки, кои потоа би ги консумирале сите ние, а се разбира дека може да бидат и директно консумирани растителни продукти.


Извештајот на ОН без конкретни докази?

Германскиот сервис „Дојче веле“ информира дека во 2000 година и тим од ОН посетил 12 проценти од местата гранатирани од страна на НАТО. Извештајот објавен една година подоцна забележал дека не постои широко распространета контаминација на почвата или на водата.
– Но тој извештај исто така не ги исклучи опасностите во иднина и препорача идно мониторирање, особено на снабдувањата со вода. Извештајот нагласи и дека користената муниција може да пробие до седум метри под земја и таму да се распадне. Некои од гранатите се заглавени во област со подземни бунари со вода, кои се наоѓаат на само два метри под земја. Извештајот нагласува и дека осиромашениот ураниум брзо ’рѓосува кога ќе дојде во контакт со вода или кислород. ’Рѓосаниот, или оксидиран ураниум, може да се раствори во вода и да ја контаминира – информира „Дојче веле“.

 

[email protected]