Речиси три години по потпишувањето на Преспанскиот договор и четири од Договорот за добрососедство со Бугарија, во македонската реалност се покажува дека наместо добивање потврда и гаранција на националниот идентитет, како и отворање на европските перспективи, овие договори речиси секојдневно продуцираат нови опструкции и предизвици за Македонија на меѓународен план. Овој пат негативниот пример посочен од македонски интелектуалци се однесува на една од најважните мултилатерални организации, ООН, каде што официјално со Преспанскиот договор исчезнуваат и именките и придавките изведени од терминот Македонија
Каде исчезнуваат именките и придавките изведени од терминот Македонија
За Македонија, македонската нација и сите елементи на македонскиот идентитет е отворен нов, длабок и сложен предизвик пред Обединетите нации, а имено поради неможноста да бидеме едноставно именувани со именката „Македонија“ или со придавката – „македонски“?! Во секојдневието веќе се очигледни конкретните негативни импликации од одредбите на Преспанскиот договор. Како такви, тие веќе се спроведуваат во меѓународната практика, во правниот сообраќај и во актите на меѓународните институции, како што се Обединетите нации. Професори веќе гласно предупредуваат на овој феномен. Во тој контекст, тие посочуваат дека именката од англискиот „Macedonian не се преведува како Македонец“ и дека полека, но сигурно ни се oдзема каква било можност за употреба на придавката македонски „при идентификувањето на државата, официјалните органи и други јавни ентитети“…
Зошто повикот „Во борба, македонски народе“ сѐ уште е актуелен…
Професорот Митко Панов, од Институтот за национална историја, во својата неодамнешна колумна укажува на веќе започнатата примена на практиката за именување на Македонија и македонскиот народ според Преспанскиот договор (во личната карта на ООН, односно во УНТЕРМ-терминолошката база на податоци). Таквата новозапочната практика генерира потреба од нова и решителна дипломатска битка за правото на придавката „македонски“ при описот на македонскиот национален идентитет (без косата црта) во актите на ОН и покрај сите добиени уверувања за „гарантиран идентитет“ со Преспанскиот договор.
– Нација, без име и без придавка! Нација, која е изгубена во официјалниот превод на македонски јазик во билатералниот договор со Грција (што станува меѓународна практика) – каде што македонска нација не постои, како што не постои ниту терминот националност; каде што англискиот Macedonian не се преведува како Македонец. Единствена нација во светот, во чија лична карта на ООН (УНТЕРМ-терминолошка база на податоци), ѝ се oдзема каква било можност за употреба на придавка при идентификувањето на „државата, нејзините официјални органи и други јавни ентитети, како и приватни ентитети и учесници што се поврзани со државата и уживаат финансиска поддршка од државата за активностите надвор“. Нација, која со уставните измени, во сите наведени случаи има право да го користи единствено новото официјално име на државата „Република Северна Македонија“ или „Северна Македонија“, но не и придавката македонски. Единствена нација, која нема придавка со која би се идентификувала. Нација, која повеќе не може да ја користи ознаката Македонци за да се идентификува и да ја идентификуваат.
Безимена нација, која е сведена на демоним, бидејќи косата црта „/ граѓани на Република Северна Македонија“ станува нераздвоен дел од идентитетот. Во забелешката на официјалниот француски превод на личната карта во OОН, тоа е експлицитно забележано: „овој демоним (ce gentilé) мора да се репродуцира на начинот на кој е наведен, што ја вклучува и косата црта“. Нација, чие државјанство/граѓанство (citizenship) „на Република Северна Македонија“ станува единствено релевантно, наспроти националноста (nationality). Каде што ознаката „македонско“ нема значење на придавка со која се дефинира националноста, односно припадноста кон нацијата. Нација, со коса црта! Нација, коja нема име, нема придавка и чија идентитетска ознака е сведена на „граѓани на Република Северна Македонија“. Нација, со која граѓаните не можат да се идентификуваат – пишува професорот Митко Панов, правејќи своевидна вивисекција на актуелната и фактичка состојба на меѓународен план, што води до обезименување и обезличување на македонскиот национален идентитет, јазик, историја.
Нови и нови опструкции и предизвици за Македонија на меѓународен план
Речиси три години по потпишувањето на Преспанскиот договор и речиси четири од Договорот за добрососедство со Бугарија, во македонската реалност се покажува дека наместо потврда и гаранција на националниот идентитет и отворање на европските перспективи, овие договори речиси секојдневно продуцираат нови опструкции и предизвици за Македонија на меѓународен план. И покрај постојаните уверувања на потписниците на договорот дека „идентитетот е бетониран“, „добиен е имотен лист во ОН“… и покрај додадената географска одредница во името на државата, практиката со имплементацијата на одредбите од договорите, сѐ почесто ги демантира „смирувачките пораки“ за македонската јавност.
– Сѐ повеќе станува јасно дека Македонија со Преспанскиот договор, како меѓународноправен и државен субјект, се откажала од користењето на именките и придавките од терминот Македонија. Затоа не треба да нѐ изненадува практиката што неизбежно се воспоставува врз основа на овој договор и, според која, ниту во ОН ниту каде било нема да има ниту македонски народ, македонски јазик, македонска историја… Таа практика очигледно веќе е воведена и во Обединетите нации. Со други зборови, признавале или не, насекаде ние ќе бидеме „северномакедонци“. Впрочем, не само во светот, нашите политичари употребата на именката и придавките од Македонија ги избегнуваат и дома. Неодамнешен најдобар доказ за тоа беше честитката на власта до фудбалерите, кои не беа именувани како „македонски“, туку како „наши“. Ако веќе самите се негираме, како да очекуваме другите да нѐ почитуваат? Наместо при спроведувањето на обврските од договорите (колку и да се штетни за нас) да бараме оптимум во наша корист, ние правиме сѐ што е во корист на другата страна. Ги спроведуваме дури и преземените обврски, кои се условени со почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, што ни од далеку не е на повидок. Кога самиот се девалвираш, сите други го следат тоа автоматски – вели македонскиот дипломат Ристо Никовски.
Во однос на релевантноста односно тежината на меѓународните договори, амбасадорот Никовски напоменува дека „еднаш кога тие се ратификувани во националниот парламент, тие се посилни од домашното законодавство“. Но исто така, тој укажува дека „практиката во примената на одреден закон може да ја покаже неговата неприменливост и несообразеност со реалноста!“ Поточно, слободната употреба на името Македонија и придавката „македонски“, како на домашен така и на меѓународен план, само практично ќе ја утврди небулозноста на договорите.
– Ако се напише некаде дека нема Македонци, не значи дека Македонците ќе престанат да постојат. Па дури тоа да е напишано и во меѓународни организации како Обединетите нации. Но ако навистина во ОН терминолошки е редуцирана употребата на придавките од терминот Македонија за означување на македонскиот национален идентитет, тоа никако не смеело да се дозволи, зашто тоа е искривоколчување на една реалност. Низ документацијата на ООН, македонскиот јазик постои многу одамна. Така што, ако сега е поддржана практиката за неупотреба на придавката „македонски“ за означување на македонскиот национален идентитет, јазик, историја…, значи или дека македонската дипломатија затаила, потфрлила, или македонската држава се обврзала на тоа со меѓународните договори. Која и да е причината, доколку навистина е воспоставена таква практика во ОН, ситуацијата е поразителна.
Дипломатијата и државните институции мора да реагираат. Во 2011 година, во ЕУ се обидоа да го избришат македонскиот јазик, но по нашите реакции како македонска (интелектуална) јавност до институциите во Брисел, јазикот беше вратен во документите на Унијата. Сепак, реакциите од македонската јавност не можат секогаш да се наметнат пред меѓународните институции, туку тоа треба поангажирано да го прави државата преку релевантните државни институции – министерства, дипломатија… За жал, во решавањето на прашањата од национален интерес за Македонија на меѓународен план, научните институции се прескокнати од државата, па се наоѓаме во недозволена ситуација кога за цела национална историја (не за одредено историско прашање) се преговара комисиски, игнорирајќи научна институција како Институтот за национална историја – вели професорката Елка Јачева-Улчар, од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.