Колку квалитетни услуги испорачува администрацијата за време на корона-кризата
Целата државна и јавна администрација, општините и судовите, во согласност со принципот на работа и работниот процес, последните две недели, откако бројот на позитивни случаи во земјава секојдневно надминува 800, е организирана да работи во смени или онлајн од дома. Рестриктивните мерки поради пандемијата причинија и работа на администрацијата со т.н. редуциран систем на ротации, зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите. Овие мерки што ги усвои Владата, по препорака на Комисијата за заштита од заразни болести, се секако начин да се спречи ширењето на вирусот меѓу вработените во институциите, а со тоа и на целото население.
Но во јавноста веднаш се наметна практично прашање колку ваквиот начин на работа на администрација ќе го отежни целиот процес на функционирање на институциите, а со тоа колку ќе се задржи или ќе падне квалитетот на услугите за граѓаните? Животот продолжува со несмален интензитет, а граѓаните, пак, на овој начин не се изземени од релациите со администрацијата, од наједноставни примери за потребен документ да појдат на шалтер и да го подигнат, до многу посложени примери каде што е потребно повеќекратно лично нивно присуство во комуникација со администрацијата.
Изминатиот период во јавноста се појавија многу коментари, фотографии и видеоматеријали за тоа колкав метеж и редици се прават во некои институции што работат со директен контакт за извршување услуга на граѓаните.
Експертите се согласни дека администрацијата веќе одамна има потреба од зголемување на ефикасноста, намалување на големиот број вработени и бројот на институциите, за да има брзи, ефикасни и квалитетни услуги.
Борче Давитковски, професор на Правниот факултет, веќе многупати укажувал на тоа дека реформата во администрацијата е процес што не се решил во многу владини гарнитури. Во овој период смета дека најголем проблем е што администрацијата не е соодветно обучена за онлајн работа од дома.
– Законот за општоуправна постапка наложува обука за онлајн работа на вработените во администрацијата, а со тоа и онлајн комуникација со граѓаните за нивните потреба. Со тоа, граѓаните онлајн ќе можеа да аплицираат за одреден документ, а вработените онлајн од дома ќе можеа да ги услужат. Така, во ова време на ковид-19 администрацијата ќе беше подготвена за оваа состојба и немаше во одредени институции да има застој во работата, а граѓаните да мораат да одат по шалтери за да набават докуметнација – објаснува професорот.
Според него, законот е на функција повеќе од три години, но досега не се спровел.
Од друга страна, Јетон Шаќири, министерот за информатичко општество и администрација, вчера во изјава за „Нова Македонија“ посочи дека со напор, но и со волја на вработените во администрација и во овој период на корона-криза, администрацијата може да биде ефикасна и да постигнува резултати. Но, сепак, смета дека сега е приоритет здравјето на вработените, како и на сите граѓани.
– Системот на ротации, како и на онлајн работењето на вработените од дома засега дава позитивни резултати во работата на администрација. Секако, иако не се обврзани, во функција за извршување на работните задачи се ставени и оние вработени што се во самоизолација, но се без симптоми и се здрави – посочува министерот Шаќири.
Професорот на Правниот факултет Борче Давитковски издвои многу интересен став за администрацијата. Имено, тој посочи и дека проблемот не е во многубројната администрација, туку во тоа што вработените не се функционално распределени.
– Има повеќе вработени во јавните установи отколку во тие институции каде што администрацијата треба да е директен сервис на граѓаните. Затоа и граѓаните не ја гледаат на терен користа од администрацијата – вели професорот.
Во јавната администрација има вкупно 160 илјади вработени. Од нив околу 18 илјади се вработени во државната администрација, односно во министерствата и во локалната самоуправа. Oфицијалните податоци говорат дека во 2017 година имало 128.722 вработени во јавниот сектор, во 2018 година биле 132.068 лица, а во 2019 г. се 132.900. Истовремено, се зголемувал и бројот на државните институции, кој за три години пораснал за 25, од 1.299 на 1.324 институции.