Последниот одговор на науката е дека лицата што прележале ковид-19 добиваат имунитет со антитела, но и преку клеточниот имунитет. Реинфекциите засега се исклучително ретки
Колку трае имунитетот на лицата што прележале ковид-19? Дали тие треба да се вакцинираат? Овие дилеми сѐ повеќе се присутни во јавноста, додека граѓаните ја чекаат вакцината против ковид-19. Земјите во светот се во фаза на имунизација, одредени се и приоритетните групи, но во нив ги нема тие што оздравеле од ковид-19.
Од почетокот на пандемијата, па сѐ досега вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјата изнесува 96.152 лица.
Последниот одговор на науката е дека лицата што прележале ковид-19 добиваат имунитет со антитела, но и преку клеточниот имунитет. Реинфекциите засега се исклучително ретки.
Д-р Александар Петличковски, директор на Институтот за имунобиологија и хумана генетика, вели дека безбедни од реинфекција со вирусот најмалку осум месеци ќе бидат и оние што ќе примат вакцина, но и оние што оздравеле од ковид-19, додека покомплетен и посеопфатен имунитет ќе имаат лицата што го прележале коронавирусот.
Тој вели дека една година од прогласувањето на пандемијата, медицината сѐ уште учи за новиот вирус.
– Сега работите се малку појасни. Со сигурност се знае дека имунитет по ковид-19 сепак има. И тоа солиден имунитет. Може да се манифестира со создадени антитела, кои се присутни и осум месеци по прележаната инфекција, а може да биде запомнет и од клеточниот имунитет – посочува Петличковски.
На прашањето дали оние што прележале ковид-19 треба да се вакцинираат, Петличковски смета дека тие не треба да бидат во приоритетните групи за вакцинација.
– Препораките на сите авторитетни здравствени асоцијации е дека може да се вакцинираат, но не и дека треба да се вакцинираат. Значи штета не се очекува да има. Но кај нас логично е да не бидат приоритетни, односно да не се вакцинираат во првата тура – додава тој.
Според него, има распон во создавањето на антителата кај прележаните пациенти.
– Некои луѓе создаваат повеќе антитела, некои помалку. Над 95 отсто од луѓето што прележале ковид-19 развиваат антитела. Пет отсто не, но и кај нив има имунитет, но тој не оди преку антителата, туку преку клеточниот имунитет – нагласува доктор Петличковски.
Според министерот за здравство Венко Филипче, генералното правило за имунизација е дека за колективен имунитет од 60 до 70 отсто од населението треба да се вакцинира.
– Со ова, може да се смени сликата со ковид-19. Во однос на реакциите по вакцинацијата, досега нема публикации што укажуваат на нешто невообичаено во споредба со другите вакцини. Станува збор за мошне сигурен начин и развој на вакцини. Тоа што засега се знае е дека вакцината штити од инфекција за период од шест до девет месеци – посочи Филипче.
Вели дека ќе има два механизми за вакцинација.
– Првиот е преку матичниот лекар што ја испитува волјата на пациентот, а вториот е преку веб-страницата „вакцинација.мк“. Со мечирање на хроничните болести се прави список за известување кон матичните лекари, а тие треба да ги известат и прашаат своите пациенти за вакцинирање. Низ разговор треба да направат мини-анамнеза за да ја знаат моменталната здравствена состојба на граѓанинот. Улогата на матичните лекари е многу важна и ги вреднуваме нивниот труд и работа – објаснува министерот.
Според утврдениот Национален план за имунизација на населението, вакцинацијата против ковид-19 во земјава треба да се спроведе во три фази.
Во првата фаза е предвидено да се вакцинираат здравствените работници што се на првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување инфекција.
Во оваа фаза е предвидено да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.