Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) ќе ангажира 279 набљудувачи за претстојните претседателски избори, чиј прв круг е закажан за 21 април. Денеска и официјално почна набљудувачката мисија за претседателските избори, а мисијата ја предводи Корин Јонкер, која на прес-конференција појасни дека ја сочинуваат 11 експерти со седиште во Скопје, а следниот понеделник во земјава пристигнуваат 18 долгорочни набљудувачи, информира МИА.
Тие ќе работат во девет тимови по двајца, при што ќе се води сметка тимовите да имаат мултиетнички карактер.
Неколку дена пред изборите ќе се приклучат 250 краткорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени низ целата на територија на земјата, а на денот на изборите набљудувачката мисија на ОДИХР ќе ги здружи своите сили со делегациите на парламентарните собранија на ОБСЕ и Советот на Европа.
Мисијата во земјава веќе набљудувала 17 избори, овие ќе бидат 18, а таа во својата работа ќе ја применува методологијата, која со години ја развивала врз основа на набљудувањето на голем број избори во 57. земји-членки.
-Со мисијата ќе вршиме набљудување не само на денот на гласањето, туку и пред гласањето и по изборите. Ќе го набљудуваме спроведувањето на изборите на сите нивоа, регистрацијата на гласачите, на кандидатите, самата кампања, како се финансира и известувањето на медиумите. Наш интерес не е резултатот од изборите, туку фер, демократски, непристрасен процес, сите учесници да имаат еднакви можности и гласачите да ги остварат своите права загарантирани со закон, гласањето да биде тајно, а резултатите да бидат објавени чесно и транспарентно. Нашата улога е да набљудуваме и да поднесеме извештај за процесот на изборите, на ниту еден начин не се мешаме, ниту нудиме помош – нагласи Јонкер.
Мисијата ќе објави периодичен извештај за својата работа пред гласањето, а ден по изборите ќе објави прелиминарни наоди и заклучоци на прес-конференција, а околу два месеци по завршување на изборите се очекува и конечен извештај. Доколку изборите имаат втор круг, ќе има прес-конференција денот по гласањето.
Во конечниот извештај ќе бидат содржани препораки, а како рече Јонкер, се надева дека тие ќе бидат земени предвид од властите во земјава со цел подобрување на сите натамошни изборни процеси.
Набљудувачката мисија е назначена на покана на Министерството за надворешни работи. Мисијата вчера имаше средби во МНР, а денеска одржала состанок со Државната изборна комисија.