Иако (не)функционирањето на правосудниот систем се смета за наш главен кочничар на патот кон ЕУ, клучните чинители што се дел од целиот тој систем се заштитени со голем број привилегии, меѓу кои и со својот траен доживотен мандат. Токму таквата поставеност, во едно еродирано судство, како и постојаните критики за немање правна држава, за дел од експертите е повод за дилема за тоа колкава е оправданоста за доживотен мандат на некој што не си ја врши работата. Експерите посочуваат дека и ова прашање треба да се стави на дневен ред при зафатите за темелни реформи на правосудството
Патот на Македонија до толку посакуваното членство во ЕУ и понатаму ќе води преку целосно и безусловно исполнување на критериумите за воспоставување на правната држава и владеењето на правото. Со новата методологија за проширување на ЕУ, тоа всушност претставува и клучниот и најважен услов за секоја земја-кандидат, вклучувајќи ја и Македонија
Едноставно, сѐ ќе почнува и ќе завршува со поглавјата за владеење на правото. Од друга страна, во досегашните извештаи на Европската комисија, според старата методологија, без разлика на општата оцена, речиси секогаш имало сериозни забелешки (некогаш повеќе, некогаш помалку) во однос на спроведување на реформите во судството. Секако, сето тоа не придонесува за позитивна перцепција на владеењето на правото и на правната сигурност во Македонија (што секогаш се мониторира во извештаите на ЕК), но и покрај таквата констатирана состојба, интересен феномен претставува недопирливоста на судиите, односно нивната заштитеност со трајниот мандат.
Иако (не)функционирањето на правосудниот систем се смета за наш главен кочничар на патот кон ЕУ, клучните чинители што се дел од целиот тој систем се заштитени со голем број привилегии, меѓу кои и со својот траен доживотен мандат. Токму таквата поставеност во едно еродирано судство, како и постојаните критики за немање правна држава за дел од експертите, е повод за дилема за тоа колкава е оправданоста за доживотен мандат на некој што не си ја врши работата.
– Не постои држава во светот каде што по вакви афери тие судии би продолжиле да судат. Но Судскиот совет си спие, ниту пак си ги знае ингеренциите што му припаѓаат. Тоа се тотални анонимци! Ние од фелата не ги познаваме луѓето што се во тој совет. Според мене, потребна е уставна промена на судството, во смисла на кратење на трајниот мандат на судиите. Ние треба да го вратиме југословенскиот концепт, кој важел, ако не се лажам во 60-тите и 70-тите години на 20 век, односно слично како уставните судии да ги избираме и редовните – со деветгодишен мандат, без право на реизбор. Еднаш судија девет години – и крај. А кај нас те избираат за судија на 30 години и ти можеш до пензија да си бидеш судија. Тоа е бесмислено. Според вака поставен систем, ти, како судија, стануваш корумпиран од самиот почеток и можеш да се пензионираш како корумпиран судија. Во помалите градовите сите ги знаат кои се корумпирани судии и никој ништо не им може. Нам ни е потребна уставна промена за воведување ограничен мандат на судиите, слично по принципот на уставните судии. Еднаш судија девет години, без право на реизбор – смета Димитар Апасиев, професор на Правниот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“.
Сепак постојат и правни експерти што сметаат дека постојат проблеми на сите нивоа во правосудството, но прашањето за трајниот мандат на судиите го гледаат во поширок контекст на политичкото влијание при нивниот избор.
– Принципот на траен мандат за судиите се применува во повеќето земји во светот и тој не треба да претставува проблем доколку нивниот избор се прави според критериумите за личен интегритет и стручност. Кај нас изборот на судиите е проблематичен со самиот факт што ги избира политичко тело, како Судскиот совет во кој се избираат членови по предлог од Собранието, што значи како партиски предлози. Со самиот тој факт дека ги избира политичко тело и изборот на судиите е политички компромитиран, дури и ако го запоставиме фактот дека се прави без проверка на знаењето, стручноста, па и на имотот уште на самиот почеток на мандатот. Сегашните иницијативи за ветинг во судството, односно проверка на имотот по низа години судски мандат, претставуваат само политичка импровизација. Нам ни е потребен модел за избор и контрола на работата на судиите, по одреден период (на пример, на три години), како во Словенија. Мандатот на судиите можеби не е главниот проблем за судството, но е дел од проблемите на сите нивоа во правосудството, меѓу кои е и законот за кривична постапка, хиерархиската поставеност на судовите, можноста за укинување на пресудите… Сето тоа води и некои навидум лесни и јасни случаи да се комплицираат и да не се решат. Секако, за предефинирање на правосудниот систем, потребни се уставни измени, а за тоа е потребен политички консензус – смета Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд.
Со оглед на неодамнешната презентација на новата методологија за преговарање за членство во ЕУ, сѐ уште не се направени процени какви промени треба да бидат спроведени во правосудството за исполнување на европските критериуми, но секако дека ќе биде предмет на постојано надгледување, особено на контаминираноста од политичко влијание.
– Во судството не можете да ги решите проблемите со мали реформи. Тие се само вакцина на заболеново општество. Таму треба радикални зафати дури и со уставни промени каде што ќе се стави ред, бидејќи вака е башибозук. Ова е невозможно да го реформирате. За споредба, ние имаме 650 судии на два милиони жители, а треба да имаме 400 судии. Имаме дури 250 судии повеќе и пак имаме најбавна правда и најкорумпирана – вели професорот Димитар Апасиев.
Законот за ЈО во трка со времето
Политичкиот заплет околу законот за Јавно обвинителство и понатаму продуцира разногласија околу неговиот исход. Додека пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ веќе поднесоа предлог за распуштање на парламентот на 12 февруари, во власта се оптимисти дека ќе биде постигнат договор за двотретинско мнозинство и дека законот ќе се изгласа пред да се распишат изборите. Сепак, од Министерството за правда нема информации дали веќе има договор со пратеничките групи за предлог-текстот и кога може да се очекува тој да влезе во собраниска процедура.
Ако се усогласи текстот на законот, тогаш, според координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, нема да има пречка да се испочитуваат сите рокови за распуштање на парламентот. Од ВМРО-ДПМНЕ не се чувствуваат одговорни за законот и ќе учествуваат во работните групи, само доколку се прифатат нивните барања, текстот да го изготват експерти од уставното и кривичното право. Претседателот на Алијансата на Албанците Зијадин Села смета дека ниту една политичка партија не треба да го блокира носењето на законот.
Според процените, доколку предлогот влезе во Собранието со европско знаменце и се носи во скратена постапка, би биле потребни четири до пет дена за негово донесување.