Коинциденција ли е анализата на германската „Кондрад Аденауер“ посветена токму на македонското црковно прашање во православието, во која се сугерира вклучување „упатени посредници“ за решавање на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, и почетокот на изборот на нов српски патријарх? Кои се тие посредници, зошто ова го заговара влијателната германска фондација? Овие дилеми се појавија во јавноста во период кога СПЦ избира нов поглавар, а вселенскиот патријарх го стави на маса црковното прашање за автокефалноста на МПЦ
Можно ли е изборот на нов патријарх на Српската православна црква, најавен за идната недела, да донесе нови ветрови од црковен Белград за решавање на македонското црковно прашање?
Истовремено со ова излезе и анализа на германската „Кондрад Аденауер“, токму посветена на македонското црковно прашање во православието, во која се сугерира вклучување „упатени посредници“ за решавање на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија.
Коинциденција ли е анализата на германската фондација и почетокот на изборот на нов српски патријарх? Кои се тие посредници, зошто ова го заговара влијателната германска фондација? Овие дилеми се појавија во јавноста во период кога СПЦ избира нов поглавар, а вселенскиот патријарх го стави на маса црковното прашање за автокефалноста на МПЦ.
Бранко Ѓорѓевски, познавачот на црковните состојби во православието, смета дека и по изборот на новиот српски патријарх нема да се случи ништо посебно ново, со оглед дека во изборот доминираат стари, конзервативни структури.
– Не очекувам дека за нов патријарх ќе биде избрана некоја личност што ќе донесе промени. Во врвот на СПЦ сега е јасно дека по заминувањето на патријархот Иринеј и на митрополитот Амфилохиј, главен збор ќе има бачкиот епископ Иринеј, односно круг на митрополитите блиски до него. Поради начинот на изборот на српскиот патријарх можно е бачкиот епископ да не седне на тронот. Битката, сепак, ќе се води меѓу тројца кандидати, од кои ќе се врши изборот да влезат тој и уште двајца други личности блиски до него. Познато е дека тој во изминативе години имал силно влијание во изборот на нови митрополити на СПЦ, односно на личности што се негови „духовни деца“. Тоа значи дека кој и да биде избран, ќе ја следи неговата политика. А таа воопшто не е наклонета кон МПЦ и кон македонското црковно прашање – посочува Ѓорѓевски.
Токму поради тоа аналитичарот смета дека Вселенската патријаршија и МПЦ залудно се надеваат дека новиот поглавар на СПЦ ќе донесе промени.
– Тоа значи дека Вселенската патријаршија ќе мора сама да решава за тоа како ќе ја вклучи МПЦ во светското православие – заклучува Ѓорѓевски.
Сепак, на интересирањето на германската фондација гледа позитивно.
– Како дел од севкупниот ангажман што Германија го има како држава, а кој дојде до израз при нивните обиди Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, а на што се попречи бугарска блокада. И ова е дел од севкупната поддршка што Германија ѝ ја дава на Македонија – посочува Ѓорѓевски.
Вселенската патријаршија во изјава за грчкиот медиум „Етникос кирикас“, дадена кон крајот на минатата година, соопштила и дека во јануари 2020 година била испратена покана до СПЦ за разговори за нашето црковно прашање, но таа останала без одговор.
За истакнување е дека минатата година се случи нова дипломатска иницијатива на македонскиот државен врв за враќање на црковното прашање на масата на вселенскиот патријарх. Прво претседателот Стево Пендаровски, а потоа и премиерот Зоран Заев испратија писма до Вартоломеј, во кои побараа тој да го искористи апелациското право како дел од неговите канонски надлежности и да го реши црковното прашање за МПЦ-ОА.
Како ќе се избира новиот српски патријарх?
Светиот архијерејски синод на СПЦ е закажан за 18 февруари годинава, кога ќе биде избран новиот, 46-ти патријарх. По смртта на патријархот Иринеј, кој почина од ковид-19, сѐ до изборот на новиот водач на Српската православна црква, на негово место беше привремено назначен митрополитот Хризостом.
Членовите на собранието што ќе имаат изборен карактер ќе изберат нов црковен водач од вкупно 34 митрополити и епископи, онолку колку што исполнуваат услов да бидат избрани за патријарх.
Уставот на Српската православна црква предвидува изборното собрание да се одржи најдоцна во рок од три месеци по извршувањето на функцијата патријарх, односно патријаршискиот престол, а две третини од членовите архиепископи треба да присуствуваат на собранието.
На изборното собрание членовите предлагаат тројца кандидати за нов патријарх. Тие мора да исполнуваат неколку услови, односно да бидат епархиски архиепископи, односно да бидат на чело на епархијата под администрација на СПЦ најмалку пет години. Потоа се одржува тајно гласање и секој кандидат мора да добие мнозинство гласови, така што има најмалку два круга на гласање.
Кога ќе бидат откриени имињата на тројцата кандидати што добиле повеќе од половина од гласовите, тие преминуваат на „апостолското реми“. Потоа, имињата на кандидатите се ставаат во три одделни плика, оние во Евангелието, а еден од монасите, избран од Соборот, извлекува плик со името на новиот патријарх.