Турција изминативе години беше еден од најголемите донатори на Македонија, особено во сферата на одбраната Фото: Дарко Андоновски

Во сета фокусираност на нововоспоставените пријателства, со Бугарија и со Грција, кои сепак се засновани на уцени, искреното и докажано пријателство со Турција како да е ставено на спореден колосек, оценуваат аналитичари и поранешни дипломати. Според нашите соговорници, мошне е индикативно што неодамна Турција потпиша договор за целосно олеснување на економската соработка со Србија, што Македонија го нема. Ова се толкува и како сигнал дека Турција на некој начин веќе го пренасочува својот економски интерес

Дипломатската вештина, во модерниот свет, често е ставена пред искушение поради комплицирано испреплетените глобални интереси. Таквите предизвици на постојано барање сојузници во светот, со кои е соочена Македонија од својата независност, очигледно добиваат нов пресврт по потпишувањето на договорите за пријателство и добрососедство со Бугарија и со Грција, во интерес на отворање на евроатлантските перспективи на земјава. Од друга страна, дискретно, во дипломатските односи, веќе се наметнува и прашањето дали фокусот на градење пријателство со соседите, со кои речиси до вчера односите биле затегнати или студени, полека ги става во сенка некои веќе докажани и искрени пријателства.

Или со други зборови, дали затоплувањето на односите со некои од соседите ќе влијае на заладување на односите со други држави.
Конкретно, прашањето што се отвора е дали новото пријателството меѓу Македонија и Грција може да влијае на традиционалната и искрена поддршка што земјава секогаш ја имала од Турција. Дотолку повеќе што Турција и Грција од поодамна имаат несогласувања и на моменти тензични односи по одредени прашања. Оттаму можно ли е по затоплувањето на односите меѓу Македонија и Грција сега Турција да испорача одредени свои услови на нашиот пат кон НАТО.

Одредени аналитичари токму така ја протолкуваа пораката на турскиот министер за одбрана Хулуси Акар, кој неодамна на средбата со неговата колешка Радмила Шекеринска побарал од македонските институции да преземат конкретни мерки против лица поврзани со организацијата „Фето“, која турските власти ја прогласија за терористичка. Ова барање некои аналитичари на македонско-турските односи го протолкуваа како порака-услов за понатамошната поддршка на Турција, во финализирањето на процедурата за целосно членство на Македонија во НАТО.
Од друга страна, Турција отсекогаш била прва во поддршката на земјава во нејзината меѓународна афирмација па дури и пред промената на името беше единствена земја, која се залагаше во фуснота да стои дека Турција нѐ признала под нашето уставно име. Во таа насока аналитичарите не очекуваат какви било пречки од страна на Турција на нашиот пат кон НАТО.

– Владата на Република Северна Македонија, премиерот и со свои гестови и со присуство на одредени настани покажаа дека ја ценат поддршката на Турција и покажаа дека тој тип солидарност и поддршка што сме ги добиле сме подготвени и да ги возвратиме и затоа не очекувам да биде загрозена ратификацијата на нашиот протокол за пристапување во НАТО. Ние сметаме дека прашањата што се важни за нашите пријатели и сојузници се важни и за нас. Немаме дилеми дека така како што Турција нѐ поддржуваше целиот овој период дури и во ситуации кога навистина беа осамени, така ќе продолжи да нѐ поддржува и понатаму – вели министерката за одбрана Шекеринска, во врска со барањата на турскиот министер за одбрана и можноста за условување на ратификацијата на протоколот за НАТО од страна на Турција.

Претставниците на турската заедница во македонскиот парламент сметаат дека со Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција не се загрозени македонско-турското меѓудржавно пријателство и поддршка.

– Република Турција секогаш била на страната на правдата и поддршката за Македонија. Бев присутен на настанот на кој поранешниот премиер на Турција, Јилдирим, уште пред да биде потпишан Преспанскиот договор изјави дека поддржува наоѓање на какво било меѓусебно решение на долгогодишниот спор меѓу Македонија и Грција и дека тоа ќе биде прифатено од нивна страна. Во поглед на поддршката за членството на Македонија во НАТО, со Турција имаме потпишано договор за стратегиско пријателство и соработка, уште во 2008 година и тие нема да отстапат од тоа. Причината зошто сѐ уште не е ратификуван протоколот за НАТО во турскиот парламент, најмногу се должи на фактот што Турција е во изборен процес со локалните избори и турското собрание не работи веќе два месеца. Очекувам, до крајот на годинава протоколот за влез на Македонија во НАТО да биде ратификуван и од Турција – вели Енес Ибрахим, претставник во македонскиот парламент на Партијата за движење на Турците во Македонија и претседател на собраниската група за пријателство со Турција.

Сепак, постојат и други согледувања на развојот и текот на настаните во традиционално пријателските односи меѓу Македонија и Грција.

– Во сета фокусираност на нововоспоставените пријателства со двата соседа, Бугарија и Грција, кои сепак се засновани на уцени, искреното и докажано пријателство со Турција како да е ставено на спореден колосек. Навистина, Турција нема да си дозволи да го погази таквото пријателство и да го попречи напредувањето на Македонија во НАТО, но забележливи се одредена воздржаност и претпазливост. Тоа се манифестира со помал интерес за турски инвестиции во Македонија во последно време, а намалена е и бројката на посетите на високи политички функционери од Турција, па соработката главно е сведена на техничко ниво. И она што е мошне индикативно, неодамна Турција потпиша договор за целосно олеснување на економската соработка со Србија, што Македонија го нема. Тоа значи дека Турција на некој начин веќе го пренасочува својот економски интерес. Македонија и така е мал пазар, па ако има навестување за какви било нови отежнувачки околности во работата, секој инвеститор размислува дали воопшто ќе инвестира – вели Мелпомени Корнети, поранешна амбасадорка на Македонија во Турција, од 2006 до 2010 година.


Никос Коѕијас: Преспанскиот договор ги намалува можностите за турско влијание

Поранешниот министер за надворешни работи на Грција и потписник на Преспанскиот договор од грчка страна, смета дека една од придобивките на спогодбата од Нивици е тоа што го намалува турското влијание во регионот, пред сѐ во Македонија.
– Договорот ја ослободува Грција од товарот и ја претвора во главен херој во поширокиот регион. Спогодбата дава можност за создавање стратегиски односи со нашите соседи. Таа исто така ги намалува можностите на турската елита да ја заградува Грција со комбинирани закани од исток и од север. Таа ги одвратува дејствата на религиозните фанатични движења. Спогодбата ја подобрува безбедноста во регионот и најмногу во Грција – вели Коѕијас.