Фото: Игор Бансколиев

Во интересниот пресврт на судбината, под различни околности, договорот го потпишаа премиерите на Грција и на Македонија пред седум месеци, поточно на 17 јуни, на 79-от роденден на посредникот на ОН, Метју Нимиц. Во ексклузивно интервју за „Ју-ен њуз“, претставникот на ООН открива како по дваесет години тивка дипломатија се роди името Северна Македонија

Конечно ја завршивте вашата работа. Договорот беше постигнат. Како се чувствувате, дали сте возбуден, дали ви падна камен од срцето или можеби чувствувате некаква празнина, како што се случува понекогаш во вакви ситуации?
– Точно, сè од горенаведеното. Најпрво сум задоволен, затоа што на овој проект работев долги години. Имавме подеми и падови, но навистина ме радува кога гледам како на крајот двете соседни држави го решија инаку сериозниот меѓусебен спор.

Рековте дека вашата работа никогаш не е здодевна затоа што се занимавате со разна актерска екипа, па, така, ќе ве цитирам, замислете го режисерот што ги режира „Кралот Лир“ или „Хамлет“, но на поинаква сцена и со поинакви актери. Ќе зборуваме подоцна за актерската екипа, но за да останам во шекспировски манир, ме интересира што содржи името. Што беше ставено на коцка?
– Многумина ќе се запрашаат колку сигурно е здодевно да се потрошат над дваесет и четири години само на еден збор, едно име и зошто народот не можеше сам да најде решение за име за кое се потребни само пет минути. Секако стануваше збор за важни прашања, не беше само името, името беше само она што беше очигледно, но се работеше за идентитетот на двете држави. Па, така, самото прашање имаше историски аспекти, чувствителни аспекти и сè уште ги има. Разговаравме за Александар Велики и Филип Втори Македонски, но не како важни историски ликови, туку како обични луѓе. Историјата е сложена во тој регион.

Кога зборуваме за Александар Велики, сакам да ве прашам нешто повеќе за моментот што ги обедини двете страни практично против вас, кога сите споменици на Александар Велики почнаа да се појавуваат во Грција и во поранешна Република Македонија.
– Едно од прашањата беше историското наследство и дали е заедничко, дали е само хеленско. Во Скопје има споменици на Александар Велики, што беше проблем за Грција. Ваквиот проблем беше чуден, на пример споменик на Ганди во Њујорк е убав гест, но ако тврдиме дека Ганди бил Американец, тогаш на Индијците нема да им е сеедно. Така, јас дадов несоодветен коментар и дадов неколку неточни изјави, па дури имав една малку потценувачка изјава за Александар во однос на тоа зошто сите толку се фокусираат на Александар Велики и дека треба тоа да се остави настрана. Двете страни се разгневија на ова, а јас морав практично да се извинам и потоа ја повлеков изјавата и го признав значењето и влијанието на Александар Велики, кој постигнал неверојатни успеси, го ширел хеленизмот во светот и го проширил целиот регион од Грција до Авганистан и дури до Индија. Така, сега внимавам да не изјавам нешто погрешно за него и за неговите Македонци.

Би сакала да се навратам на актерската екипа и не очекувам да кажете нешто лошо за нив, но прашањето е кога имаше промена на власта, дали со секој нов премиер моравте да почнете од почеток или имаше веќе некаков континуитет? Или можете да ми кажете која е најнезаборавната интеракција што ја имавте?
– Точно, лидерите се менуваа и верувам дека тие имаат огромно влијание врз историјата. Лидерите во двете држави имаа различни ставови за ова прашање и имаше периоди кога за лидерите во едната или во другата држава ова не беше главен приоритет, а некои од нив не беа подготвени да преземат големи ризици во оваа област. Од позитивен аспект и една од причините поради кои овој договор се склучи беше затоа што имавме двајца согласни лидери, кои навистина сакаа да се реши овој проблем, да вложат политичка енергија во него, да преземат ризици и да направат компромиси.

Тие се согласија поранешната југословенска Република Македонија да стане Северна Македонија. Кои други имиња беа понудени на преговарачката маса?
– Низ годините дадов многу идеи за името, кои не беа само мои предлози туку потекнуваа од други луѓе. Во јануари 2018 година дадов пет различни предлози. Уставното име беше Република Македонија, но во ООН и во други земји се користеше привремената референца поранешна југословенска Република Македонија, која е многу долга да ја изговорите, барем за мене е долга и тешка. Дури и генералниот секретар Бан Ки-мун еднаш ми рече дека морам да го решам ова прашање, затоа што никогаш не можеше да запомни кое е името на државата. Еднаш изјави „поранешна југословенска Република Југославија“, по што настанале забуни и не сфатил убаво кое е името на државата. Така дадов пет предлози за името: Република Северна Македонија, за кое на крајот се одлучија, Република Горна Македонија, Република Нова Македонија, Република Вардарска Македонија, затоа што Вардар е реката што тече низ државата, и Република Македонија – Скопје. Им ги понудив овие пет имиња, кои беа добри, звучни и чесни. Проблемот е во регионот, кој е голем, а самата држава е во рамките на регионот, но не го опфаќа целиот. Од грчка гледна точка, ако се нарекувате Република Македонија, тогаш подразбирате дека целиот регион е ваш. Вие можете да дебатирате надолго и нашироко за ова, но Советот за безбедност ова го сметаше за вистински проблем. Како пример да го земеме регионот Скандинавија. Ако Шведска реши да го смени името во Скандинавија, тогаш Норвежаните сигурно ќе се побунат. Станува збор за ваков вид прашање и затоа географската одредница беше добро решение.

Вие исто така пред некое време рековте дека сте имале несоници поради ова прашање и дека цели ноќи сте размислувале за предлози за името. Како се вклопи овој процес во вашиот живот полн со обврски?
– Прво, овој процес не го опфаќаше целосно моето работно време. Работев како адвокат, работев во приватна инвестициска фирма, се занимавав и со друго, имам убаво семејство и имам многу други активности. За мене ова беше многу важно прашање и секогаш кога имаше состаноци или некаква можност да преземам нешто, за мене тоа беше приоритет. Првенствено верувам дека треба интересот да го насочите на повеќе нешта, не треба да сте преокупирани само со една работа. Ова важи за сите. Без разлика со што се занимавате, многу лесно можете да се преокупирате со работа. На пример, готвачите цело време смислуваат рецепти. Јас можам многу напорно да работам на едно прашање, па потоа многу лесно да почнам да се занимавам со нешто сосема друго. Секако дека имаше разочарувања.

Но вие продолживте да се борите, ја слушавте интуицијата и не се откажавте.
– Па, да, не сакам да се откажувам. Како прво, станува збор за многу интересно прашање и двете страни не сакаа да ме тргнат од процесот. Дури и ги прашав ако сметаат дека постои друг човек што подобро ќе ја заврши работата или дека повеќе не сметаат дека јас треба да работам на прашањето, едноставно да бидат искрени и да кажат. Но најмногу сум горд што развив чувство на доверба кај двете страни и ниедна страна не сметаше дека сум пристрасен. Понекогаш се случуваше едната страна да ми забележи дека сум бил понаклонет на другата, но генерално во текот на овие 24 години имав одлични односи со двете страни и многу сум задоволен од тоа.

Ја завршивте својата работа и добивте многу пари за неа, околу 20 долари, поточно еден долар годишно.
– Да, точно еден долар годишно. Знаете, дури не ме ни исплатија. Еднаш се пожалив и им реков дека сакам платата да ми е исплатена. Патните трошоци ми ги намирија, но еднаш добив известување од одделот за финансии на ООН дека ми наплатиле дури 12 долари и 50 центи повеќе две години однапред или нешто слично, не се сеќавам точно што се случи, но се работеше за мала сума и им реков дека ќе им ги вратам парите. Но не ми ја исплатија платата од еден долар месечно, па им реков во ред е.

Што е следно?
– Имам разни интереси. Член сум во многу одбори, универзитетски одбори и други проекти. Имам три прекрасни внуки, кои понекогаш ги носам на училишни приредби, и имам други обврски. Ова го работев долго време, но сега го постигнавме Преспанскиот договор, а двете страни треба да го спроведат и меѓусебно да комуницираат. Јас ја завршив мојата работа и сега ќе се насочам на нешто друго.

Подготвил:
Билјана Здравковска