Ветувањата за повисоки плати што ги даваат политичките претставници и од власта и од опозицијата можеби се убави за слушање, но тие најчесто се без економска логика и со единствена цел да се придобијат што повеќе гласови. Според експертите, раст на платите може да се очекува само во услови на динамизирање на економијата, зголемено производство, пораст на БДП, како што кажува и економската логика
Предизборни Партиски лицитации со висината на личниот доход
Пред секои избори (без разлика дали се локални, парламентарни или претседателски), прашањето за висината на платите е во фокусот на политичката кампања и реторика на партиите и од власта и од опозицијата. Така е и овој пат, во пресрет на изборите наесен.
Политичките партии, и од власта и од опозицијата, и од македонскиот и албанскиот блок, распалија со ветувања за повисоки плати за граѓаните.
Повторно има најави за просечна плата од 750 до 800 евра, па дури за специфичните професии, како доктори и дефицитарни кадри, таа во политичката реторика достигнува и до 1.500 евра месечно, па и повеќе. И порано имало мноштво политички најави и ветувања за повисоки плати, но клучното прашање е колку се тие реално остварливи, достижни и поткрепени со мерливи економски параметри. Зашто висината на платата е пред сѐ економска категорија, која се одредува врз јасно утврдени показатели.
Ветувањата за повисоки плати се убави за слушање, но тоа, сепак, не е желботека, политичко-партиска лицитација и сл. Особено не во период кога економијата е под сериозен удар, предизвикан од кризата со пандемијата, државата се задолжува, а работниците и синдикатите се исправени пред предизвикот на отпуштања, нередовни плати и затворени погони.
Професорите и политиколозите со кои се консултиравме велат дека лицитацијата со платите што во моменти ја прават партиите, во пресрет на локалните избори, е надвор од политичката логика на дејствување во светот. Тие велат дека најавите за зголемување на платите се популистички изјави, со кои се ловат гласови, и истовремено ваквите најави немаат допирна точка со локалните избори ниту со економската реалност на Македонија.
Политички најави без економска логика
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов вели дека темата со лицитирањето со платите е неразбирлива, зашто се појавува во говорите на политичарите за време на локалните избори.
– Партиите можат да влијаат со своите политики околу минималните и просечните плати во јавниот и приватниот сектор, но реално е тие да ги обелоденуваат нивните ставови само за време на парламентарните избори, а кога се „трча“ за време на локалните избори сето тоа е сосема нелогичен чин – вели Узунов.
Професорот објаснува дека еден градоначалник ниту може да влијае на висините на платите на своите вработени во општината ниту го има тоа во своите ингеренции.
– Сето тоа е надвор од економско-политичката логика со лицитирањето со висината на платите, бидејќи градоначалниците можат да влијаат само на тоа како е општината уредена и на кој начин тие би ги решиле комуналните проблеми со кои се соочуваат граѓаните – вели професорот.
Тој објаснува дека, за жал, изјавите поврзани со платите се чист популизам, практикуван од нашите политичари, и од власта и од опозицијата, и од македонскиот и од албанскиот табор на партии.
– За време на изборната трка во 2017 година, оваа тема за висината на платата во државата доби популарност. Оттогаш сите партии го прифатија трендот, а тоа најверојатно се должи на фактот дека гласачите очигледно сакаат да слушаат вакви работи – вели Узунов.
Тој објаснува дека за да се зголемат платите во земјата, на национално ниво се потребни длабинска анализа и одмерени економски политики, а не само политичка констатација како што сега даваат партиите.
– Во практика во развиените демократии, за разлика од нашата земја, морам да истакнам дека во јавноста не се констатира зголемувањето на просечната национална плата само врз основа на фактот дека некој политичар одлучил дека тоа ќе е така и не се истакнува само со фактот дека платата од наредниот месец во земјата ќе биде на пример 1.000 евра, бидејќи одредена партија ќе дојде на власт, туку сето тоа се дефинира поинаку, односно се вели дека од одредена година до одредена година платата во земјата би можела да порасне на ниво од 1.000 евра месечно, а за да се случи тоа владата треба да направи серија политики што ќе ја стимулираат економијата да ги подигне платите на посакуваното ниво.
Несериозните изјави го рушат рејтингот на партиите
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека актуелните случувања во кои политичарите лицитираат со нелогични политики за време на локалните избори говорат дека партиите во земјата го загубиле чекорот со реалните политики што се водат во светот.
– Да се заговара висина на плата за време на локални избори е надвор од секоја логика на политичката современа мисла. Дополнителен проблем е што сумите што ги најавуваат партиите е практично неостварливо да се постигнат. Како некоја владејачка гарнитура за локалните избори ќе го зголеми нивото на националните плати ако истовремено се отпишуваат долговите на општините што не можат да се снајдат економски да „преживеат“, ако имаме општини што не можат да врзат крај со крај во месецот и ако се знае дека земјата од ден на ден сѐ повеќе се задолжува на меѓународно ниво – вели Пекевски.
Тој констатира дека партиите и од власта и од опозицијата играат несериозна политичка игра, која го руши нивниот рејтинг, а сето може да се врати многу негативно за политичарите, бидејќи граѓаните со вакви лажни политики може да одлучат да одбијат да гласаат за нив на следните избори.
aleksа[email protected]