Откако властите најавија дека наскоро ќе се отворат градинките и дека основците и средношколците ќе ја заокружат учебната година од дома, останува отворено прашањето што ќе се случува со студентите, за кои надлежните допрва треба да подготват протоколи за физичко присуство на факултетите
ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧУВА СО ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС ПО ОЛАБАВУВАЊЕТО НА МЕРКИТЕ?
Откако надлежните решија да ги олабават рестриктивните мерки што беа во сила изминативе месеци, се наметнува дилемата што ќе се случува со воспитно-образовниот процес на сите нивоа – и во предучилишното и во основното и во средното, како и во високото образование. Властите веќе најавија дека наскоро се планира да се отворат градинките, за да може децата да бидат згрижени, бидејќи наскоро нивните родители ќе треба да почнат редовно да одат на работа. Министерот Арбер Адеми изјави дека основците и средношколците ќе ја заокружат учебната година од дома.
Надлежните уверуваат дека веќе е воспоставен систем на далечинско учење и дека ако има потреба во иднина, нема да има проблем наставата да се одвива од дома. На студентите, пак, им е дадена можност да полагаат од дома или со физико присуство на факултетот, во зависност од природата на студиите. Тоа ќе се прави под протокол подготвен од Министерството за образование и наука (МОН), кој деновиве треба да го финализира Комисијата за заразни болести.
Во високото образование во овој период привршува семестарот, а професорите и студентите се подготвуваат за претстојната јунска сесија. Деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, проф. д-р Иван Чорбев, вели дека на овој факултет ќе има колоквиумска недела од 1 до 8 јуни.
– Од 15 јуни почнуваме со јунската испитна сесија. Тежнееме кон тоа студентите да полагаат од дома, а за тоа обезбедивме соодветни услови што ќе значат веродостојно полагање на испитите.
Поради бројноста и на студентите и на испитите, ќе се полага на далечина. Тешко е да се предвиди што ќе се случува генерално со високото образование од следната академска година. Важно е дека досега стекнавме многу искуство, сѐ повеќе учиме со секој поминат ден како да се подобриме во однос на предавањата и испитите – вели Чорбев.
Пред извесно време, професорот Кирил Барбареев од Факултетот за образовни науки при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип рече дека никој сам во овие моменти не може да донесе одлука или да каже што треба да се прави на долг рок.
– Итно е потребно да се формира стручно координативно тело, кое врз основа на информациите од експертите во здравството и Владата ќе сугерира стручни одлуки за сите нивоа на воспитно-образовниот систем, за усогласеност на одлуките. Овде секако не треба да се заборави и компонентата на воспитувањето, која треба да биде неразделна од образованието и не смее да се игнорира и да се запоставува.
Тоа тело ќе треба да создаде услови за реализација и дефинирање на процедурите за тоа како да се заврши академската година, како да се спроведат уписите 2020/2021 година, како да се гарантира безбедноста на личните податоци, какви се реалните услови на секој факултет, универзитет, училиште. Тоа тело треба да реши и како ќе се заклучи и оцени практиката. Дали можеби постои потреба од законски измени на задолжителните компоненти на студиската програма (настава, оценување, практика), заради слични ситуации и по септември – рече Барбареев.