Недостигот од чипови и полуспроводници што се изработуваат во Кина предизвика отежнато снабдување и застој во испораката на нови автомобили на европскиот пазар.
Недостигот, пак, на нови автомобили, ги сврте купувачите кон половните возила. Тоа, пак, од друга страна, придонесе за покачување на цените на половните возила, но и за зголемување на емисиите на штетни гасови од постарите возила… Ваквите светски трендови се одразуваат и во Македонија, засега не во толкава мера поради послабата куповна моќ на македонските граѓани, но веќе стануваат забележливи
Светските трендови во автомобилската индустрија ја погодуваат и Македонија
Недостигот од чипови и полуспроводници што се изработуваат во Кина предизвика отежнато снабдување и застој во испораката на нови автомобили на европскиот пазар, но и во Македонија, поради што не е исклучено тоа да доведе до поскапување на половните возила во земјава.
За апсурдноста на целата ситуација говорат последните податоци од Германија, кои покажуваат дека половните возила користени една година сега се поскапи од тогаш кога биле купени.
Земјата од која се извезуваа илјадници половни автомобили кон Македонија, но и другите земји од регионот, во моментот нема квалитетни половни автомобили за извоз бидејќи Германците што сакаат да купат нов автомобил се ставени на листа на чекање до следната пролет, па мораат да го задржат стариот автомобил уште извесен период.
Ваквите светски трендови се одразуваат и во Македонија, засега не во толкава мера поради послабата куповна моќ на македонските граѓани, но веќе стануваат забележливи.
Евентуалниот недостиг од нови автомобили може повторно да ги врати купувачите кон половните возила, а тоа, пак, од друга страна, да придонесе за покачување на цените, но и за зголемување на емисиите на штетни гасови во воздухот предизвикани од постарите дотраени возила.
– Неодамна сакав да купам половен автомобил, но забележав дека за два месеца цената му пораснала за 1.000 евра од првичната кога го гледав возилото. Трговецот ми рече дека потешко оди набавката на половни автомобили од странство бидејќи и таму има застој во продажбата на нови автомобили, па и Европејците ги задржуваат постарите возила додека не се стабилизира пазарот со нови возила.
Очигледно ќе мора да почекам до пролет оти не ми се исплатува да давам толку пари за возила стари по седум-осум години – вели Петар Даниловски, педагог.
И македонските дистрибутери на нови автомобили потврдуваат дека случувањата на пазарот на чипови се одразува и врз домашните состојби.
– Застојот во дотур на нови автомобили се чувствува и на македонскиот пазар. Очигледно она што се случува на глобално ниво, се случува и кај нас. Има недостиг од возила, недостигаат чипови, недостигаат спроводници и микроспроводници, така што има проблем – потврдуваат од „Аутомотив груп“.
Оттаму уште додаваат дека недостигот од чипови се одразува врз навремената достава на нови возила до граѓаните.
– Од нарачката, до подигањето на возилото се чека од два до три месеца. Тие возила што беа на лагер сега повеќе не се достапни, така што светските трендови дефинитивно го зафатија и домашниот пазар – појаснуваат од „Аутомотив груп“.
Дистрибутерите на половни автомобили засега не чувствуваат зголемена побарувачка на половни автомобили во однос на претходните периоди, без оглед што има забавена достава на нови автомобили.
– Продажбата засега е на истото ниво од пред две-три години. Во време на пандемијата очекувавме пад на продажбата, но остана исто. Засега, што се однесува на нашиот плац, не чувствуваме некои поголеми промени во однос на кризата што се случува со набавката на нови автомобили – велат трговците со половни автомобили од „Аутомилано“.
Сепак, евидентно е веќе и на онлајн огласите дека продавачите ги покачиле цените на половните возила за неколку стотина евра, па стари модели на „фиат уно“, кои чинеа околу 500 евра, сега достигаат и до 1.000 евра, во зависност од состојбата. Како и да е, станува збор за возила стари 25 и повеќе години.
Во меѓувреме на саемот на автомобили во Минхен речиси никој од изложувачите повеќе не нуди возила на дизел или бензински погон. Сите што изложуваат се префрлија на електрични возила, бидејќи од 2030 година електричниот погон ќе биде задолжителен во сите поголеми европски градови. Ниту за овие возила во моментот нема чипови, па така и за нив се чека подолго.
– Очекуваме од следната година да има повеќе достапни електрични возила бидејќи автомобилската индустрија целосно се преструктурира кон еколошки возила – најавуваат од „Аутомотив груп“, коментирајќи ја побарувачката за електрични возила на македонскиот пазар.
Она што е повеќе од јасно е дека доколку продолжи кризата со чипови и полуспроводници за новите автомобили, во земјава ќе се почувствува недостиг од нови возила, а тоа ќе придонесе за зголемување на цените на половните возила од 20 до 30 отсто.