Иако никој не го мери нивото на микропластика во водата, а досега не е посветено конкретно истражување на нејзиното влијание врз живите организми, таа претставува уште еден потсетник дека водата за пиење е нашето најголемо богатство, овој пат нападнато од проблем што би можел да опстојува долги години. Затоа, во иднина се препорачува пластиката да се употребува онаму каде што е најпотребна, а продуктите да бидат рециклирани и правилно фрлани
Сведоци сме на време кога планетата постојано се загадува, а продуктите од пластика сѐ почесто завршуваат во водите и во почвата, поради негрижата и несвесноста на човекот. Со оглед на тоа што распаѓањето на пластиката претставува долг процес, кој трае стотици години, таа не исчезнува веднаш, туку се ситни на помали парчиња, кои претставуваат опасност за живиот свет. За жал, опасноста од микропластиката кај нас, па и во светот, претставува новост и досега не се направени подетални истражувања за нејзиното штетно влијание.
– Како категорија, микропластиката опфаќа широк спектар материјали составени од различни супстанции, со различна густина, хемиски состави, форми и големини. Не постои научно договорена дефиниција за микропластика, иако често се дефинира како пластични честички со должина од 5 милиметри. Според Светската здравствена организација, во водата за пиење се пронајдени широк спектар форми на честички, а најчесто откриените полимери грубо корелираат со количествата на производство на пластика. Во водата за пиење, фрагментите и влакната се преовладувачки форми на честички, а полиетилен терефталат и полипропилен се полимерите што се најмногу откриени. Подмножеството на микропластиката помала од еден микрометар се нарекува нанопластика – вели Наташа Доковска од „Новинари за човекови права“.
За жал, најчести загадувачи на водите во Македонија се граѓаните, кои несовесно фрлаат пластика директно во реките или, пак, на дивите депонии, а поради временските услови таа стигнува до реките. Сепак, според професорот Михаил Кочубовски, раководител на Одделот за здравствена екологија при Институтот за јавно здравје во Скопје, водите за пиење во Македонија засега се безбедни.
– За жал, голем процент од пластиката се фрла на депонии. Подоцна таа пластика, поради распаѓањето предизвикано од топлината, микроорганизмите и благодарение на ветрот, стигнува до површинските и до подземните води. Со текот на времето, пластиката се ситни на сѐ помали парчиња, кои не се видливи за голо око, а ако почвата нема соодветен капацитет на филтрација, пластиката преку водата мигрира и во некои случаи може да дојде и до водите за пиење – вели Кочубовски.
Во Македонија се користи вода од трет водоносен слој, каде што е многу тешко да дојде до нејзино загадување. Според анализите на Институтот за јавно здравје, пристапот до безбедна вода за пиење во Македонија е 97 отсто, а Македонија е една од земјите со највисок пристап до вода за пиење, далеку над европскиот и светскиот просек. Откако СЗО го наметна и прашањето дали пластичните шишиња, односно амбалажираната вода претставува извор на микропластика, Кочубовски смета дека нема простор за алармантност во Македонија.
– Сите амбалажирани изворски и природно минерални води кај нас се претежно од планински подрачја, каде што има заштитни зони и нема антропогено загадување, така што во тие води нема опасност од микропластика. Водата потекнува од чисти планински подрачја, ненаселени од луѓе и нема загадувачки активности. За секој случај, и специјалните филтри оневозможуваат продор на биолошки агенси и вируси, така што ја прават водата безбедна – објаснува Кочубовски.
Бидејќи досега не е посветено доволно време за проучувањето на микропластиката, рано е да се процени какви здравствени ризици предизвикува микропластиката кога ќе биде внесена во организмот на човекот, ниту, пак, кое е „дозволеното“ количество на микропластика што смее да заврши во нашите организми. А од микропластиката не се поштедени ниту животните. Морската фауна сѐ почесто консумира пластика, која се таложи во нејзиниот организам и влијае на нејзиниот раст, развој и размножување, додека микропластиката предизвикува импликации врз економиите на приморските земји, бидејќи влијае на нивниот риболов и туризам.
– Едно истражување на УНЕЦЕ открива дека во слатките води, пријавениот број на микропластични честички се движи до илјада честички на литар. Биле утврдени само девет студии со кои се мери микропластиката во водата за пиење. Овие студии пријавиле броење на честички во одделни примероци до десет илјади честички на литар и средни вредности од десет до илјада честички на литар. Но не треба да се прави споредба на податоците помеѓу студиите направени за слатки води и водата за пиење, затоа што во повеќето случаи студиите за слатки води имаат за цел поголеми честички, а користат филтри што се поголеми во однос на филтрите за пречистување на водата за пиење – вели Доковска.
Откако во делови од светот беше откриено присуство на микропластика во водата за пиење, се постави и прашањето какво влијание има микропластиката врз здравјето на луѓето. Истражување покажало дека микропластичните честички, откако ќе влезат во човечкото тело, претставуваат проблем за имунолошкиот систем, а влијаат и врз органите за детоксикација, црниот дроб и бубрезите, како и на репродуктивните органи.
Се проценува дека 80 отсто од микропластичните остатоци најверојатно само поминуваат низ дигестивниот тракт, но кога ќе останат и ќе се распаднат во организмот, тие ослободуваат токсични хемикалии, кои завршуваат во крвотокот, предизвикуваат репродуктивни оштетувања, дебелина и проблеми кај развојот на децата. Неодамна микропластика беше откриена и во плацентата кај бремените жени, со што дури и неродените се изложени на загадувањето пред да дојдат на овој свет.
Високи концентрации на микропластика во животната средина доаѓаат и од отпадните води, главно поради машинското перење на облеката, во форма на микрофибери, а засега не постојат воспоставени методи за деградација, за да се избегне загадувањето со микропластиката преку отпадните води. Друг извор на миркопластика најчесто доаѓа преку отпадните води во форма на продукти за женска хигиена. Истражување на „Новинари за човекови права“ покажува дека жените што се во репродуктивниот период месечно фрлаат околу шест милиони парчиња менструален отпад, кој потоа се разложува во период од половина век. Овој отпад има големо количество пластика, а преку канализацијата може да стигне до подземните води и на тој начин да влијае на нивното загадување. Иако никој не го мери нивото на микропластика во водата, а досега не е посветено конкретно истражување на нејзиното влијание врз живите организми, таа претставува уште еден потсетник дека водата за пиење е нашето најголемо богатство, овој пат нападнато од проблем што би можел да опстојува долги години. Затоа, во иднина се препорачува пластиката да се употребува онаму каде што е најпотребна, а продуктите да бидат рециклирани и правилно фрлани.
Со овој текст, весникот „Нова Македонија“ се приклучува кон кампањата „Разбистри сѐ“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.