Свои размислувања и искуства на пет исти прашања, за „Нова Македонија“ споделија микробиологот Никола Пановски и епидемиологот Александар Стојанов, кои изминатава година беа во фокусот на случувањата со пандемијата на ковид-19 во земјава
Докторите беа во центарот на вниманието во 2020 година. Нивната саможртва во борбата со пандемијата беше од исклучително значење за спасување на многу животи. Но тие беа и луѓето што преку медиумите помагаа што полесно да се преброди пандемијата.
Ако годината што измина беше една од најтешките, докторите веруваат дека 2021 година ќе биде година на ставање под контрола на епидемиолошката криза, но и на враќање на животот во нормала.
Свои размислувања и искуства на пет исти прашања, за „Нова Македонија“ споделија микробиологот Никола Пановски и епидемиологот Александар Стојанов, кои изминатава година беа во фокусот на случувањата со пандемијата на ковид-19 во земјава.
Годината што изминува ќе биде веројатно една од историските во поновата светска историја. Пандемијата беше најголемиот предизвик. Што од оваа година би го зеле со себе за следната, а што би го оставиле во 2020 година, во историјата?
ПАНОВСКИ: Со себе би ги зел моето здравје и здравјето на целата фамилија. Имено, не се разболевме од ковид-19. Никој не се разболе, ниту од нас петтемина дома, ниту од фамилиите на моите два сина, кои имаат по четири члена. Можеби би ја зел прославата на 50-годишниот роденден на мојата сопруга Бети. На 5 март, свиреа „Силви бенд“, беше лудо и незаборавно, се веселевме како да ни е последно, а и навистина испадна дека ни било последно, се надевам последно за 2020 година само.
Би ги зел уште мирните денови со моите три деца, нашето зближување, воопшто оваа година беше година на семејно живеење, со помалку кавги отколку вообичаено. Се разбира, оваа година добив можност да се афирмирам преку медиумите како едукатор, некои викаат како олеснувач или лексилиум за народот, па и тоа на некој начин ме исполнуваше. Сѐ друго беше една грозна година, во која коронавирусот ми однесе другар, ракот ми однесе прв братучед, да не зборувам какви трагедии доживеаја цели семејства. Година на страв од болест, неизвесност дали ќе се преживее економски итн.
СТОЈАНОВ: Се разбира дека оваа година ја обележи тековнава ковид-пандемија, од која не беше поштедена речиси ниту една земја. Би сакал да можевме оваа пандемија да ја оставиме во оваа година, но тоа секако нема да се случи во најскоро време. Искуството од минативе месеци ќе ни помогне во иднина, како во превенцијата, така и во лекувањето од оваа болест. Голем исчекор се наоѓањето на вакцината за толку кратко време и најавите за наоѓање специфичен лек за хемио профилакса на оваа болест.
Од денешна дистанца, девет месеци по појавата на ковид-19, можеше ли Македонија да одговори поинаку на овој предизвик?
ПАНОВСКИ: Се разбира дека можеше. Се презедоа мерки од европските држави што, неочекувано, најлошо се справија со пандемијава, па, така, и ние настрадавме копирајќи ги.
СТОЈАНОВ: На почетокот на пандемијата не можевме да претпоставиме со какви сѐ предизвици ќе се соочиме. Го користевме искуството од претходните епидемии, но оваа болест ни донесе проблеми што досега ги немавме видено. Ги користевме препораките на Светската здравствена организација и тие на другите земји, па мислевме дека работиме најисправно, дека носиме рестриктивни мерки, кои можеби беа построги во тој момент, но најважно е што мерките во целиот период дадоа резултат.
Кој беше најисправниот потег, а кој најпогрешниот во оваа година, во поглед на активностите за справување со корона-кризата?
ПАНОВСКИ: Да речеме дека најисправен потег беа мерките донесени релативно рано, на 23.4.2020 година, кога Светската здравствена организација уште се премислуваше кој треба да носи маска, а се однесуваа на физичка дистанца, носење маски и миење на рацете кај општата популација, а добро е што во тие мерки не влезе носењето ракавици, глупава мерка што не знам зошто воопшто се препорача. Најпогрешен потег мислам дека е тоа што не се вклучија приватните лаборатории во системот за ПЦР-тестирање, па 40 отсто од тестовите граѓаните ги плаќаа од свој џеб, за напумпаните цени на тестирањето и да не зборувам. Нешто недозволиво во услови на епидемија, каде што сите треба да добијат ист третман, и богати и сиромашни, и каде што државата е таа што треба да го обезбеди тоа. Вака, ако направиме анализа, сигурно ќе се добие слика дека побогатите биле почесто позитивни на ковид-19, што е лажна слика, бидејќи тие почесто се тестирале од сиромашните.
СТОЈАНОВ: Мислам дека рестриктивните мерки, формирањето на ковид-болниците и брзото формирање на лабораториите беа исправен потег во целата ситуација. Додека недоволното санкционирање поради непочитувањето на мерките беше најлошиот потег.
Какви се надежите дека 2021-та може да биде година во која ќе биде означен крај на пандемијата?
ПАНОВСКИ: Па, еве, по 2.500 жртви и, веројатно, околу 85.000 позитивни на ковид-19, во 2020 година, сега имаме стабилен тренд на намалување на бројот на нови случаи, а во почетокот на 2021 година очекувам и бројот на починати да почне да се намалува. Тоа е знак дека постои некаков колективен имунитет, бидејќи падот не се должи на некои нови ригорозни мерки, а граѓаните мислам дека мерките ги почитуваат релативно добро, и тоа уште некаде од почетокот на ноември. Доаѓа пролетта, кога луѓето ќе можат послободно да се движат на отворено, да проветруваат, а доаѓа и вакцината. Сево ова заедно се надевам дека ќе ни обезбеди поубаво и побезбедно лето од претходното, а од септември очекувам училишното ѕвонче да означи крај на оваа состојба глупаво наречена „новата нормалност“, бидејќи нешто што е ненормално, не може да биде нормално.
СТОЈАНОВ: Претстојната масовна вакцинација, колективниот имунитет, кој се надевам полека се јавува, и новите лекови во најава, ми даваат надеж дека оваа пандемија ќе ја ставиме во некои рамки што ќе ни овозможат понормално живеење, се разбира, и понатаму ќе мора да се почитуваат мерките за заштита од ширење на вирусот.
Кои се, според вас, трите клучни работи што треба да се сменат во македонскиот здравствен систем, а кои беа научени како лекција од оваа пандемија?
ПАНОВСКИ: Прво, коректен однос кон матичните лекари, рамноправен со оние во болниците, тие се најзначајниот дел од јавното здравство. Беа оставени сами, без да им се додели заштитна опрема, без да имаат протоколи за лекување од ковид-19, без финансиска награда.
Второ, уште еднаш на дело се виде погубноста од начинот на избор на раководни функции во здравството. Тоа чини животи. Без авторитетен раководител нема успех, а тој можат да го изберат само членовите на стручниот колегиум на здравствената установа, а не министерот, не премиерот, не партиите. Директорот треба да потекнува од установата во која работел со години, која ја чувствува како своја, кој дише заедно со своите вработени, а не да се носат однадвор лица што честопати и не се специјалисти по областите што таа здравствена установа ги покрива. Значи, членовите на стручниот колегиум да се изјаснат кој сакаат да ги води, нека се изјаснат за двајца, па и тројца кандидати што го заслужуваат тоа, а министерот нека назначи некои од нив.
Трето, превентивата е најважна. За жал, мораше ова да се случи за да се види колку превентивните медицински гранки беа потценети. Исто така и лабораториската дејност беше потценета. Не само од страна на државата туку и од страна на самите дипломирани лекари. Епидемиологијата, микробиологијата, особено вирусологијата, биохемијата, имунологијата, генетиката, хигиената, медицината на трудот, доживеаја ренесанса. Сите ние се афирмиравме на некој начин. Клиничарот спасува живот, но ние спасуваме животи.
СТОЈАНОВ: Капацитетите во здравството мора да се зајакнат во смисла на болничките капацитети, и тоа со нови апарати, со отворање нови лаборатории и, секако, кадровски, со континуирана едукација и вработување на неопходен медицински персонал.