Можете ли да бидете задоволен од развојот на науката и научната мисла во Македонија, во текот на изминатата 2020 година? Кои би биле научните достигнувања на македонската наука што би ја обележиле 2020 година?
Љупчо Коцарев – претседател на МАНУ
– Изминатата 2020 година со ништо не се разликува од претходните години. Последните две децении, високото образование и науката во Македонија се во исклучително тешка состојба, а особено се изразени проблемите во научноистражувачката дејност. Во Македонија, со години постои хроничен недостиг од јавно и приватно финансирање на науката и истражувањата. Финансирањето на науката е екстремно мало, далеку под еден отсто од БДП и уште подалеку под прифатената цел во многу земји да се достигнат два отсто. Тоа оневозможува нови вработувања, придонесува за стареење на институциите и за намалување на истражувачкиот потенцијал на земјата, не дозволува обнова на лабораториската и истражувачка опрема, ниту минимална набавка на списанија и современа литература. Тоа што шест македонски научници (Љупчо Коцарев, Леонид Грчев, Валентин Мирчески, Рубин Гулабоски, Трајче Стафилов и Иван Грозданов) се најдоа на листата на топ два отсто најцитирани и највлијателни научници на светско ниво од сите области, публикувана од универзитетот „Стенфорд“ од САД за 2020 година, е исклучиво резултат на нивниот ентузијазам и финансирање однадвор, најчесто од ЕУ и од САД.
Во однос на вториот дел од прашањето, немам увид во научните достигања на сите научници во Македонија, па, така, секое издвојување на некои научни достигнувања ќе биде пристрасно и нефер.
Како се справи науката со ограничувачките услови на сите полиња во општеството поради пандемијата? Но и колку македонската наука придонесе за справување со предизвиците на ковид-19?
– Повторно немам увид за работата на сите научници во Македонија и нивниот придонес во справување со пандемијата на ковид-19. Ќе кажам малку повеќе за МАНУ.
Деновиве од печат треба да излезе книгата во која се поместени истражувачките активности на МАНУ за справување со пандемијата на ковид-19. Претседателството на МАНУ, на 512. седница, одржана на 13 април 2020 година, упати соопштение до јавноста за научен осврт и анализа на состојбите во врска со пандемијата на ковид-19, во согласност со општествената одговорност на МАНУ, а заради обезбедување соодветен научен придонес во институционалните напори за справување со оваа пандемија. МАНУ, по предлог на Одделението за медицински науки и на Одделението за општествени науки, упати до Владата предлози со конкретни мерки за справување со последиците од кризата во јавното здравство и во економијата.
Темите на истражувањата поврзани со пандемијата на ковид-19, кои се работат со користење холистички пристап, интегрирајќи ги природните, техничките, општествените и хуманистичките науки, вклучуваат: (1) биомедицински истражувања (со посебен осврт на секвенционирањето на целиот геном на селектирана група вируси, изолирани од различни пациенти заради утврдување на различните поттипови присутни во нашата популација); (2) економски истражувања (со посебен осврт на монетарните политики и на осигурувањето на стабилноста на македонскиот финансиски систем, и на фискалните политики во времето на глобалната пандемија и нејзините влијанија во Македонија); (3) истражувања во врска со ширењето на ковид-19 и влијанието на нефармацевтските интервенции во Македонија; (4) истражувања поврзани со геополитичките, општествените и економските последици од пандемијата на ковид-19.
Во еден заеднички проект на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Клиниката за хематологија, Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Ефремов“ при МАНУ (ИЦГИБ-МАНУ) и Министерството за здравство, финансиски помогнат од Меѓународниот центар за генетско инженерство и биотехнологија во Трст, Италија, се истражува комплетниот геном на вирусот што ја предизвикал болеста, како и големиот број генетски и имунолошки маркери што потенцијално можат да дадат објаснување за различната клиничка слика на болеста ковид-19. Целта на истражувањето е да се откријат потенцијални маркери што би се користеле за стратификација (поделба) на пациентите спрема ризикот за развој на болеста, како и маркери што би се користеле како предиктиви параметри за индивидуализација (персонализација) на лекувањето (специфичен лек за различни форми на болеста и различна генетска конституција на заболениот).