Црковниот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека тековниот Сабор на СПЦ нема да донесе посебни новини во однос на македонското црковно прашање
Можна ли е промена на позициите на Српската православна црква кон Македонската православна црква – Охридска архиепископија на првиот Сабор на СПЦ, кој се одржува изминатите денови во Белград, првпат откако е избран новиот патријарх Порфириј?
Внатрешните состојби во СПЦ се приоритет, но односите во православниот свет сепак нема да изостанат од дебата на овој Сабор.
Црковниот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека тековниот Сабор на СПЦ нема да донесе посебни новини во однос на македонското црковно прашање.
– Тоа го наметнуваат и темите за кои ќе расправаат српските владици. Изборот на новиот владика, кој ќе го наследи починатиот митрополит Амфилохие во Црна Гора, изборот на наследник на патријархот Порфириј во Загреб, изборот на новиот владика во Епархијата ваљевска се сериозни теми. Освен тоа, на СПЦ во епархиите во САД ѝ се случува проблемот што МПЦ го имаше во Австралија, со префрлање на имотите на приватни лица, поради што ќе мора да се менуваат црковните правила – посочува Ѓорѓевски.
Според познавачот на состојбите во СПЦ, освен тоа, на Саборот се очекува и да се расправа и за состојбите во Косово и барањата на косовските власти околу заштитата на српските манастири.
– Сето тоа се големи и важни теми, а македонското црковно прашање (за)сега не е толку актуелно – смета тој.
Сепак, Ѓорѓевски рече дека последна порака што во велигденското интервју ја пратил епископот бачки Иринеј е јасна и децидна, така што, едноставно, нема голема причина СПЦ сега да се занимава со македонското црковно прашање, освен да се повторат веќе познатите позиции.
– Тој рече дека нема преговори додека има судски постапки против приврзаниците на Јован Вранишкоски, се смета дека Вселенската патријаршија реагира „внимателно и воздржано“ во однос на наши барања, а од Цариград сѐ уште нема најави за некој конкретен потег – заклучува Ѓорѓовски.
Новиот патријарх на СПЦ, Порфириј, се смета дека гравитира кон конзервативното крило на црквата, близок на бачкиот епископ.
Порфириј покажа дека е умерен владика, дека не е екстремен во своите ставови, а тоа го потврдува и неговото однесување во главната епархија во Хрватска, каде што покажа умешност да воспостави добри односи со хрватските власти и Католичката црква.
Како што пишуваат српските медиуми, на Саборот се очекува да се разговара за широк спектар на прашања, од позицијата на Српската црква во регионот, канонски прашања на северноамериканскиот континент, избор на нови епископи, до црковно образование и обнова на црквата „Свети Сава“.
Тамошните медиуми потврдуваат и дека овој Сабор започнува без напнатост во јавноста и медиумска хистерија, нешто што било случај сите претходни години.
Српска „Политика“ потенцира дека една од причините зошто ова Собрание на СПЦ не започнува со претходни чаршиски муабети, веројатно, лежи во поддршката што ја доби патријархот Порфириј при неговиот избор за патријарх.
Со тоа се потврдуваат неговите зборови при интронизацијата дека ќе се обиде да го негува помирниот дух „како најважниот цвет на нашето дрво Богочовек“, пишува „Политика“.
Според неофицијални информации на овој медиум, посебно внимание ќе се посвети на позицијата на Српската црква и српскиот народ во Црна Гора, но и на ситуацијата со Српската православна црква на северноамериканскиот континент.
Ова е прва седница на владиците на СПЦ во последните две години, поради пандемијата на ковид-19. Српските архиепископи последен пат се состанаа во мај 2019 година, не сметајќи го изборниот парламент во февруари годинава.