Македонија треба целосно да ги спроведе реформите неопходни за полноправно членство во Европската унија. Земјата нотира огромен напредок по години поминати во чекалницата на Унијата и сега е пред важен момент за нејзината иднина, по низата политички случувања.
Ова се дел од препораките по завршувањето на 15. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет меѓу Македонија и Европската унија, на кој фокусот беше ставен на односите меѓу Македонија и ЕУ, реформите во судството, работата на СЈО, борбата против корупцијата и организираниот криминал, изборните реформи и реформите во системот на разузнавање.
Потпретседателот на Европскиот парламент и шеф на еврогрупата на СИРИЗА, Димитрис Пападимулис, на прес-конференцијата истакна дека сите партии во ЕП виделе напредок и отворен пат на она што е европска ориентација за земјава.
– Доаѓам од Грција и морам да кажам во Европскиот парламент по Преспанскиот договор и по Договорот меѓу вашата земја и Бугарија, поддржувачите на европската ориентација и на вашата интеграција во НАТО станаа уште попозитивни и поголеми поддржувачи затоа што по повеќе години кога немаше напредок и по повеќе години на вашата држава во чекалницата, сега сме подготвени сите ние политички партии во ЕП и од десничарските и од левичарските, да ја поддржуваме вашата европска ориентација – рече Пападимулис.
Посочи дека говорот на премиерот Зоран Заев во ЕП, кој следел два дена по обраќањето на премиерот на Грција Алексис Ципрас, бил поддржан од сите политички групи.
– Тоа само покажува и дава добар сигнал на поддршка на нашите интереси и покажува дека е постигнат добар компромис. Тоа е исто така знак на мирна соработка, на помирување, на победа на дипломатијата. Тоа е она што ни е потребно во Европската унија, затоа што се соочуваме со опаснста на порастот на национализмот, така што сите мирни дипломатски решенија за долгорочните проблеми се поздравуваат – рече Пападимулис.
Копретседавачот на МПК, европратеникот од Словенија Алојз Петерле, рече дека важно е Македонија да го забрза процесот на целосна имплементација на реформите што се потребни за членство во ЕУ.
– Македонија наближува до важен момент по низата политички случувања. По повеќе години поминати во чекалната без придвижување, што беше фрустрирачки не само за вашата земја, сега има нови случувања што можат да ни овозможат побрзо движење во вистинската насока кон ЕУ и кон НАТО – рече Петерле.
Во врска со претстојниот референдум, истакна дека како европратеници ќе ја почитуваат волјата на граѓаните на референдумот, што е највисок демократски чин.
Петерле, на прашањето каков впечаток добил во однос на тоа дали пратениците од опозицијата ќе гласаат за уставните измени, рече оти имал долг состанок со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски каде тој потврдил оти како лидер на партијата ќе ја почитува одлуката на народот.
– Тој не беше јасен со неговата лична позиција, но на средбата беше кажано дека резултатот ќе се почитува. Има членови на партијата кои се јасно „за“ договорот. Но како што кажав ние тука не сме посредници во целата приказна, останува на политичките партии да гласаат, да го изразат својот став и пред сė да го почитуваат резултатот – рече Петерле.
Копретседавачот на МПК, пратеникот Горан Милевски, на прес-конференцијата по завршувањето на состанокот, рече дека е нотиран огромниот напредок што Македонија го постигна во интегративниот процес, како во ЕУ, така и генерално во евроатлантскиот процес.