Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Ферерика Могерини, синоќа по средбата со претставниците на Западен Балкан изјави дека тие земји остануваат посветени на евроинтеграциите и покрај разочарувањето од одлуката да не им се даде датум на Македонија и Албанија за почеток на пристапните преговори.

И покрај жалењето за таквата одлука на Европскиот совет, сите се согласија дека европската интеграција останува приоритет за сите земји од Западен Балкан и дека тоа е заеднички интерес на регионот и Европската Унија, се вели во писмената изјава на Могерини.

-Во разговорот беше констатирано што сѐ постигнавме заедно во изминатите пет години, а се дискутираше и за заедничките предизвици што претстојат – додаде Могерини.

Таа истакна дека партнерите од Западен Балкан ја потврдиле силната посветеност на европската перспектива и реформите, на прво место во корист на нивните граѓани, како и регионалната соработка и добрососедските односи.


Грабар-Китаровиќ жали што не почнаа преговорите со Албанија и Македонија

Изразувам длабоко жалење што Европскиот совет не успеа да постигне консензус за остварување на преговорите со Албанија и Северна Македонија. Го сметам тоа за голема грешка, погрешна порака, изјави хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ.

Таа вчера се состана со нејзиниот албански колега, Илир Мета, јавува агенцијата „Анадолија“.

Китаровиќ, на средбата истакна дека двете земји го заслужиле датумот, како со реформите на внатрешен план, така и со решавањето на билатералните прашања.

– Хрватска во текот на своето претседавање ќе стори сѐ што е во наша моќ за да го аргументираме членството, како на Албанија, така и на Северна Македонија, односно почеток на преговорите за членство во Европската Унија – порача Колинда Грабар-Китаровиќ

Илир Мета порача дека ја цени заложбата на Хрватска, но и на Бугарија и Грција, по прашањето отворање на преговори со ЕУ.