Фото: Архива

Последниот настан отвори мноштво предизвици за домашниот но и меѓународниот правен поредок. Во делот на правната регулатива се поставува прашањето какви мерки ќе превземат институциите внатре во земјата, а како ќе одговорат институциите во Унгарија, односно во Европската Унија.

ПОЛИТИЧКАТА И СТРУЧНАТА ЈАВНОСТ СЀ УШТЕ ВО ШОК ПО БЕГСТВОТО НА БИВШИОТ ПРЕМИЕР ВО УНГАРИЈА

Иако кажано некако воздржано, македонските власти добиле потврда од Унгарија за присуство и престој на нејзина територија на Никола Груевски, поранешен премиер на Владата на Република Македонија, осуден за незаконска набавка на службено возило од 600.000 евра, кој требаше да се јави на отслужување двегодишна казна затвор и против кого се водат уште пет предмети и четири истраги од СЈО. Веднаш по потврдата од унгарската држава, дадена неколку часа откако Никола Груевски самиот објави на Фејсбук дека веќе неколку дена е во Будимпешта и ќе бара политички азил од таа земја-членка на ЕУ, македонското МВР ја активира правната постапка за барање екстрадиција.

Испратен е допис до Министерството за правда, кое ќе ги извести унгарските власти за потребата од екстрадиција на Никола Груевски, кој има правосилна пресуда за двегодишна казна затвор. Интересен момент во односите меѓу Македонија и Унгарија е што овие две земји немаат потпишано билатерален договор за екстрадиција, но, според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, тоа не е пречка за Груевски да биде испорачан од Унгарија. Спасовски наведува дека екстрадицијата би се спроведувала според членот 16 од Европската конвенција за екстрадиција што ја имаат потпишано двете земји.

Во меѓувреме, унгарскиот министер за надворешни работи Петар Сијарто на вчерашната прес-конференција во Будимпешта не одговори, и покрај инсистирањето на новинарите, како Никола Груевски стигнал во Унгарија без пасош. Сијарто рекол дека „нема ниту право ниту овластување да сподели информации за тековна постапка за азил“.

– Претпоставувам дека предметот е во постапка за азил. Дотогаш не можам да ви дадам повеќе информации – рече унгарскиот министер за надворешни работи Сијарто.
Покрај меѓусебното префрлање на одговорноста на неколку институции во македонската држава зошто не го спречиле пребегнувањето на Груевски во Унгарија (без пасош), со одредување на мерката притвор (МВР, Кривичен суд, СЈО), според експертите, посебно искушение за правниот систем на државата ќе претставува како ќе продолжат другите судски предмети во кои е обвинет, или е под истрага Груевски, но и повеќе негови поранешни блиски соработници.

– Очекувам екстрадиција за Груевски. Засега сигурно ќе му се суди во отсуство и ние бараме поинтензивно судење на нашите предмети. Но ова нема да го наруши текот на судењата. Постапката за екстрадиција ќе трае и се надевам дека Европа ќе изврши притисок и за Груевски, и за Грујевски, и за Бошкоски, како и за случајот „Монструм“ – изјави специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Во делот на политиката се поставува прашањето како ќе ја преброди новонастанатата состојба владејачката коалиција, со оглед на најавените граѓански протести пред Владата, но и барањето за оставки и предвремени парламентарни избори на дел од албанските партии што досега ги поддржуваа мерките на Владата

Последиците од бегството на Груевски први ги почувствуваа неговите поранешни блиски соработници Миле Јанакиевски и Кирил Божиновски, кои се исто така обвинети и им се суди за предметот „Титаник“ на СЈО. Речиси истовремено со барањето за екстрадиција на Груевски од Унгарија, на Јанакиевски и Божиновски им беше одреден 30-дневен притвор и веднаш беа спроведени во истражниот затвор во Шуто Оризари. Јанакиески, пред да биде спроведен во истражниот затвор „Скопје“ во Шутка, изјави дека е разочаран и го осудува бегството на Груевски, затоа што негативно ќе влијае врз сите предмети во кои се заедно обвинети. Причина за одредувањето на мерката притвор за овие двајца обвинети за предметот „Титаник“ е тврдењето на специјалното јавно обвинителство дека добило информации оти и Јанакиески и Божиновски планирале бегство на ист начин како Никола Груевски.

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која се жали до Апелацискиот суд за пресудата од шест години затвор за предметот „Тенк“ (поради кој Груевски побегна), се надева дека за неа ќе нема притвор.

– Јас имам определени мерки за претпазливост, ги почитувам и не постои никаква причина да бидат преиначени моите мерки – рече Јанкулоска.

Сепак, во неколкуте одредени притвори, по бегството на Груевски, таква мерка не му е изречена на некогашниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Тој е обвинет во повеќе предмети и е прв братучед на Никола Груевски.

– Доколку постои најмала основа за сомневање дека постои опасност од бегство или влијание врз кој било сведок, веднаш ќе биде поднесено барање за спроведување притвор. Нема недопирливи во оваа држава – изјави Лиле Стефанова, обвинителка од специјалното јавно обвинителство.

Очигледно бегството на поранешниот премиер Никола Груевски од Македонија поради, според него „закани по неговиот живот“, постави многу нови искушенија во функционирањето на правниот систем на земјава, кој е приоритетно поставен во реформите на Владата и во бенчмарковите на Европската комисија.

Сепак, премиерот Зоран Заев е оптимист дека Никола Груевски порано или подоцна ќе се врати во земјата и ќе ја отслужи казната. Според него, Унгарија како држава на ЕУ нема да дозволи прекршување на меѓународните договори. Заев додаде дека министерот за внатрешни работи на Унгарија побарал од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски детали за судските постапки што се водат за Никола Груевски.


Најава за протести

На социјалните мрежи од вчера почна да се објавува најава за протест што треба да се одржи в среда во 18 часот, а протестот е организиран под мотото „Останаа ли прави борци за правдата“.
Според најавите, на протестите ќе присуствуваат припадници на граѓански организации и на политички партии, а ќе се протестира под мотото „Кој му дозволи на Никола Груевски да избега од правдата“.
Имено, вчера попладнето околу 16.00 часот, пред парламентот можеше да се забележи зголемено полициско присуство. Еден од водачите на Шарената револуција, Владимир Христовски, и член на СДСМ, најави активирање на протестите.
– Јас како водач на Шарената револуција ви кажувам дека малку недостига за кратко пак да биде активирана и да подготвен сум да организирам и да водам протести, ова е веќе премногу за да помине така – пишува Христовски на својот профил.
Граѓанската активистка Мери Николовска, пак напиша.
– Ќе го чекам соборецот Заев, заедно да протестираме во 18 ч. под старата парола ,,Нема правда нема мир“, е подобар дил од тоа нема – напиша Николовска.
Слично на Фејсбук вчера напиша и Здравко Савески, граѓанскиот активист и член на Левица.
Нема правда, нема мир! Мора да има одговорност за диловите на корумпираните елити! – напиша Савески на својот профил.


Албански партии бараат одговорност, оставки и експертска влада

Бегството од издржување на затворската казна на Никола Груевски, во Унгарија, предизвика силни реакции на две албански партии, кои имаат свои пратеници во Собранието: Беса на Билал Касами и Алијанса на Албанците на Зијадин Села.
Пратениците од крилото на Беса на Билал Касами бараат одговорност од надлежните институции за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија, односно одговор дали тој навистина побегнал или му било дозволено да си оди.
Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, пак, имаше подрастично барање. Тој побара оставка од премиерот Зоран Заев, но и формирање експертска влада.
– Денеска сите граѓани што веруваа во Македонија на иднината, независно судство, правен систем и правда се разочарани од оваа власт. Ние повеќепати предупредувавме дека е можно вмроизираното судство да премине во сдсмизирано и сега тоа е реалност. Затоа бараме премиерот Зоран Заев и Владата да преземат одговорност и да поднесат оставка, и веднаш да се формира експертска влада – рече Села.

Фото: Игор Бансколиев

ЕК: Судскиот процес не смее да се политизира

Европратеникот Кнут Флекенштајн порача дека е тешко замисливо унгарските власти да му доделат азил на поранешниот премиер во бегство.
– Тешко ми е да замислам дека унгарската влада ќе му додели азил на поранешниот премиер Никола Груевски. Прво затоа што Груевски може да биде сигурен дека ќе добие правично судење во Скопје, а второ, секогаш мислев дека Орбан не прифаќа баратели на азил во неговата земја – напиша европратеникот.
Вечерта откако Груевски се јави на Фејсбук од Будимпешта, Европската комисија побара почитување на владеењето на правото во земјите-членки како и во земјите-кандидати на ЕУ и порача дека судскиот процес не смее да се политизира.