Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања денеска кажа дека ќе продолжат со разговорите за законот за Јавното Обвинителство, откако вчера преговарачката тројка од ВМРО-ДПМНЕ го напушти состанокот на партиските работни групи, барајќи да присуствува и Јавниот обвинител, Љубомир Јовески.
– Апсолутно во сето она што е во интерес на граѓаните и процесите, ние ќе учествуваме и тука сме да соработуваме – одговори Мицкоски запрашан дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на состаноците со работните групи кои што се однесуваат само на политичкиот дел.
Тој потврди дека наредната надела ќе бидат дел и од јавната дебата.
– Еве следната недела како што вие велите ќе има јавна дебата на која што ќе можеме да дискутираме околу текстот на овој закон на експертско ниво, на стручно ниво. Ќе бидеме дел и од политичките преговори, но ќе бидеме дел и од оваа експертска дебата – рече Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ не е против носењето на законот, уверува Мицкоски и вели дека основа за преговори постои, но треба да има и другата страна желба за да се постигне решение, односно да се прифатат аргументираните забелешки од нивна страна.
– Ние сме тука. Подготвени сме да преговараме и разговараме. Но априори ниту отфрламе, ниту прифаќаме. Ова е демократија, ние имаме различни мислења, ние имаме како политичка партија своја цел. Ние се стремиме кон таа цел, нашата цел е иста со целта на огромно мнозинство граѓани во оваа држава, а тоа е да имаме не само добар закон на хартија, туку да имаме имплементација во пракса – рече Мицкоски.
По најавата дека јавниот обвинител Љубомир Јовески ќе учествува наредната недела на јавната расправа и за неговото тврдење дека предлогот е добар, Мицкоски вели дека е нормално Јовевски да да го промени мислењето и да каже дека сега дека законот е добар, откако за тоа добил инструкции од Медарски.