Состојбата во која се наоѓа нашата држава е неповолна, би рекол повеќе од загрижувачка. Иако имаше многу ветувања, нема резултати. Проблемите се зголемуваат, а многумина во изминатиов период приоѓаат и ми велат „ја губиме надежта“. А, проблемите се на секаде. Тука е невработеноста, земјоделците живеат на работ од егзистенција, докторите се незадоволни, пациентите исто така. Стопанството е во криза, присуството на корупција веќе е констатиран факт, исто како што е и отсуството на борба против криминалот. Екологијата не е тема во државата, но таа не чини затоа што не чини здравјето на нашите луѓе. Иселувањето е огромно поради лошите услови за живот. Младите се најпогодени. Многу нерешени проблеми имаме. И свесен сум дека многу од работите се последица на една системска негрижа присутна 29 години, но сето тоа кулминира последните 3, а нели ветувањата беа поинакви, ќе дошол живо и се требаше да биде поинаку, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според него, многумина не сакаат да продолжат со агонијата приредена од недоговорените политички елити и сакаат нов лист, нов почеток и излез од илјадниците проблеми. Проблемите се големи, но не се нерешливи.
– Изминативе 2 години работев и најголемиот дел од моето време го посветив на средби и комуникација со граѓани и со стопанството. Последната година силно и интензивно работевме на програма и мерки кон кои ќе се обврземе, а кои треба да ја донесат обновата, која пред се е неопходност за нужно рестартирање на нашето општество. Во изработката на нашите мерки и проекти кон кои ќе се обврземе да ги исполниме свој придонес дадоа стратешките соработници, универзитетски професори, експерти од странство од различни области, комисиите во ВМРО-ДПМНЕ, а клучниот сегмент беше мислењето и потребите на граѓаните и стопанството.Презаситени се луѓето од политика на поделби, празни обвинувања, прочитани политичари. Потребни се мерки и проекти, и многу работа.
Затоа отпочнуваме серија на прес конференции каде ќе промовираме мерки и решенија кои ќе бидат дел од обновата која доаѓа, а кои ќе овозможат повеќе за секого. Тоа се мерки и проекти кон кои се обврзуваме и кои ќе треба да донесат повеќе пари, повеќе средства, повеќе надеж, повеќе насмевки. Повеќе за пензионерите, повеќе за работниците, повеќе за стопанството и бизнисот, повеќе за граѓаните и стандардот, повеќе за Македонија. И слободно можам да кажам дека ова пред се ќе биде економска обнова, обнова заоснована на економски темели за кои најважен услов ќе биде правдата.За да имаме развој ни треба повеќе во економијата, почитување на законите и повеќе во стандардот кај граѓаните – рече Мицкоски и додаде:
– Се обврзуваме за обнова која ќе овозможи зголемување на просечна плата во државата за минимум 25% во еден мандат. Ќе пораснат платите за минимум 25% во следните 4 години. Тоа ќе значи повеќе пари за работниците или во просек за 6.500 денари повеќе од платата која што ќе биде исплатена просечна во државата во декември месец 2019-тата година. Ќе се бориме жилаво за силен економски стандард за секој еден работник.Се обврзуваме за обнова која ќе овозможи зголемување на просечната пензија на пензионерите за минимум 20% во еден мандат или тоа ќе значи повеќе од 3.000 денари повеќе за секој еден пензионер. За повеќе пари, за повеќе достоинство на пензионерите. За мирен живот се обврзуваме во првите 100 дена Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да го промени Законот за пензиско и инвалидско осигурување и согласно новото законско решение пензиите ќе се прилагодуваат во двата основа, порастот на трошоците за живот и со просечниот раст на нето платите.
Во однос на невработеноста, тука нема да има пораст. Туку драстично ќе ја намалиме. Се обврзуваме за обнова која ќе донесе Невработеност под 10% – едноцифрена невработеност. Повеќе работни места, повеќе среќни лица, повеќе работа за младите, повеќе работа за способните, повеќе работа за стручните. Под 10 проценти невработеност за помала сиромаштија и решавање на проблемите.Се обврзуваме за обнова која ќе донесе повеќе работа за младите, 0% персонален данок за млади до 29 години. Ова ќе значи ослободување од персонален данок за вработување на млади до 29 години кој имаат годишен нето приход до 6.5 илјади евра. Младите да имаат шанса тука да ја градат иднината. Дополнително, преку градење на модерна иновациска инфраструктура која подразбира отворање на иновациски центри, бизнис инкубатори и акцелератори, научни и технолошки паркови ќе им овозможиме на младите и креативните луѓе целосна поддршка во реализација на нивните бизнис идеи. Ние сме силно убедени дека Македонија има млади талентирани луѓе кои имаат силни претприемачки и иновативни идеи и затоа ќе работиме на создавање најповолни услови за искористување на нивниот потенцијал.За стопaнството, бизнисот и граѓаните ќе има повеќе пари.Ќе паѓаат даноците, а тоа значи повеќе пари за стопанството и граѓаните. Целосно ќе го напуштиме концептот на прогресивен данок и ќе воведеме рамен данок до 8%. Ќе стартуваме од 10%, од кој за 1% ќе имаме намалување во првите 100 дена, што значи рамен данок од 10 на 9%, а во период од две години уште за дополнителен еден процент ќе дојдеме на 8%.Се обврзуваме за обнова кој ќе донесе нов модел на реиндустриализација. Тоа значи нов економски модел кој ќе биде базиран на модерна реиндустријализација и зголемување на извозната конкурентност на македонската економија – додаде тој.
Мицкоски вели дека се обврзуваат на обнова која ќе донесе 4 милијарди евра домашни и странски инвестиции за еден мандат. Ова значи повеќе поддршка од државата за домашната економија и компании и привлекување на странски директни инвестиции преку реформиран модел кој ќе биде привлечен за светски големи компании.
– Можам да кажам дека веќе водиме разговори со неколку големи европски компании кои се одвратени поради корупцијата, беззаконието и лошата бизнис клима во овие три години да инвестираат во државата. Чекаат и тие поволна клима после 12-ти април да започнат со инвестирање.Се обврзуваме за обнова која ќе донесе раст на БДП за минимум 4% годишно. Се обврзуваме за обнова која ќе донесе повеќе пари за бизнисот, помалку давачки и бирократија. Ова значи намалување на парафискални давачки за фирмите кои што се резултат на анализата и средбите со стопанските комори и стопанствениците кои што ги имавме изминатиов период, но не само за парафискалните давачки, тука имаме и детална анализа за сите оние административни бирократски процедури. Дел од нив целосно ќе бидат напуштени, а за дел од нив роковите на одговор на институциите ќе биде намален. Се обрзуваме за повеќе од 90% реализација на планираните капитални државни инвестиции годишно, внимателно планирање и испорака на тоа што е испланирано. Сега имаме историско најниско ниво кое се движи околу 69 проценти и тоа после ребалансот на буџетот. Над 90 проценти реализација на капитални државни инвестиции подразбира повеќе работа во градежништвото, повеќе работа во трговијата и повеќе бизнис за претприемачите – додаде тој.
Сите 11 проекти, според него, се дел од програмата која што ќе биде мотив плус за граѓаните да ја поддржат ВМРО-ДПМНЕ во периодот кој што следува и на предвремените парламентарни избори на 12-ти април.