Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека законот кој го предлага СДСМ, не е во интерес на бробата со криминалот и корупцијата, туку со цел да се пресмета со политчките неистомисленици и воедно да ги амнестира од одговрност политичарите од врхушката на СДСМ.
За ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо, како што рече, шефицата на СЈО да биде унапредена во новото обвинителство за гонење криминал и висока корупција, ниту пак е прифатливо решението обвинителите и истражителите да се префрлат во новото обвинителство.
– Никогаш нема да прифатиме Катица Јанева за која има индиции дека е вмешана во случајот „Рекет“, да биде унапредена со две скали повисока функција. Сите обвинители треба да се вратат во матичните обвинителства. Освен тоа потребна е детална истрага за срамниот случај „Рекет“, проверка на инволвираноста на Катица Јанева, нејзината релација со осомничените и определени псевдоними, истрага и за директната или индиректна вмешаност на сите обвинители кои беа нејзини помошници. Од друга страна оваа решение ги става во нееднаква позиција другите обвинители кои чесно работеле, наспроти привилегираните. Обвнителите треба да се бираат транспарентно, на распишан конкурс, на кој може да се пријават сите кои се сметаат за квалификувани – рече Мицкоски.
Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ има предлог решение кое е пред крај и кое наскоро ќе биде презентирано во јавноста. Според него, нивното решение навистина е на патот за борбата за криминалот и корупцијата. Предлага предметите кои се започнати од СЈО да ги преземе новото обвинителство и да ги распредели на соодветно ниво.
ВМРО го повика и државниот обвинител Јовески по допрен глас да отвори постапки, затоа што тоа законот му го дозволувал.
– Го пшовикувам државното обвинителство да отвори истраги за најмалку 10 предмети по допрен глас, за кои има индиции за криминал. Не е важно кој е инволвиран од која политичка структура, корупцијата да се истражи до крај – порача Мицскоски.
Коментирајќи го предлогот на СДСМ со кој се предвидува финансиска независност само на новоформираното обвинителство, Мицкоски рече дека тоа е навреда за останатите обвинители од државното обвинителство. ВМРО-ДПМНЕ предлага финансиска независност на целокупнато државно обвинителство со издвојување на 0,8 до 1 отсто средства од буџетот на Македонија.