Неуспешните политики на Зоран Заев и оваа арамиска влада не можат да се премолчат. Оваа влада уништува стандарди и носи лоши резултати, уништувајќи ги животите на граѓаните, рече на прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој констатираше дека факт е оти владата на Зоран Заев не прави реформи, не сака да прави рефрорми и нема план за правење реформи. Додаде дека ваквиот факт е потврден и од ЕУ и Светската банка.
-Светската банка во извештајот кој го издава еднаш годишно, „Дуинг бизнис“, потврдува дека годината најавувана како економска година се претвори во економско цунами. Забележан е пад од 7 места и Македонија сега е позиционирана на 17-то место, а земјата бележи назадување во сите 10 индикатори кои се оценуваат од Светската банка – истакна лидерот на опозициската партија.
Во однос на странските инвестиции, Мицкоски истакна дека иако владата се фали оти успеале да ги триплираат ваквите инвестиции, сепак вкупниот износ е многу помал во споредба со други земји од регионот.
-Поради неспособноста на оваа арамиска влада скратени се и нешто повеќе од 50 милиони евра кои од почетокот на годината беа предвидени за капитални инвестиции и истите беа вратени во буџетот за тековни потреби бидејќи не знаат како да ги потрошат. Приходите во буџетот се на 70 посто од тоа што било планирано, а расходите на 68 отсто од тоа што било планирано. Со други зборови, владата ги собира парите од бизнисот и од граѓаните и наместо да ги троши за капитални инвестиции, ќе се повикаат на краткото помнење на јавноста и ќе ги користат за поткуп за следните избори – обвини партискиот лидер зборувајќи за домашните директни ивестиции.
Мицкоски истакна дека сликата која луѓето од ЕУ ја добиваат за Македонија е дека е земја разорана од поделби и неизвеснот, поради што оцени дека владата е делегитимирана и веќе падната.
Опозицискиот лидер најави дека неговата партија веќе има план за тоа како да ја започне економската обнова на земјата, а тоа, како што рече, граѓаните ќе го почуствуваат уште во првите сто дена од новата влада.
-Доаѓа обнова на Македонија и економски бум, имаме најавени проекти од странски компании кои ќе ги претставиме во наредниот период, а ќе се реализираат во сто дена од новата влада – истакна тој.
Мицкоски исто така посочи дека не гледа пречка за потпишување на договор за предизборна коалиција со некоја од партиите од албанскиот блок доколку се најде заедничко разбирање за заеднички настап на изборите.
-Сите опции се отворени, постојано сме во контакт и разговори со партиите од опозициониот албанки блок и не гледам пречка за предизборно коалицирање, но и за можност самостојно на изборите, па потоа да се прават преговори за коалицирање. Ние сме отворени за соработка со ситее партии – рече тој.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече и дека има индиции дека заводот за статистика фабрикува, пушта во јавност нерелевантни податоци и најави дека овој случај кога ќе дојдат на власт ќе го истражат до крај.
-Имаме дојави од поранешни вработени во Заводот дека оваа институција дава неточни информации и ова е серозен срам за државата. Се работи за класична измама која детално ќе ја истражиме. Ги предупредуваме и вработените во заводот да не наседнуваат на притисоците што им се вршат за да не бидат учесници во кривично дело – кажа Мицкоски.
За него не е спорно до одржувањето на изборите да се донесат измените на законот за Јавно обвинителство, да се избере нов државен ревизор како и измените на изборниот законик за финансирање на партиите доколку се најде прифатливо решение за сите партии.