Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања најави дека доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите, тоа не мора да значи дека ќе коалицира со победникот од албанскиот блок, откако оваа пракса – „победник со победник“, беше прекршена од страна на ДУИ на претходните парламентарни избори.
– Знаете, животот не е игра и во животот има принципи коишто ако еднаш се скршат веќе не се принципи. И во име на тоа можам да ви кажам дека политиките што ги води ВМРО-ДПМНЕ се темелат на принципи и бидејќи овој принцип еднаш е прекршен, во едно телевизиско интервју кажавме дека идната коалиција ќе биде на база програма со програма и тој принцип не го менуваме – рече Мицкоски прашан за коментар по изјава на Бујар Османи дека за нив е важно победниците да коалицираат.
Во однос на тоа дали ако победат размислуваат за коалиција со Алијанса и Алтернатива, Мицкоски одговори дека размислуваат да освојат 61 пратеник на 12 април.
– Според нашите анализи, ние сме многу блиску до таа бројка, а веднаш по завршување на изборите ќе бидат возможни разговори со сите политички чинители во државата, вклучително и со оваа коалиција којашто вие ја споменавте, тоа е коалицијата помеѓу Алијансата на Албанците и политичката партија Алтернатива – рече Мицкоски.
Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, коалиција ќе биде можна со секој чијашто политичка програма ќе биде компатибилна со програмата на ВМРО ДПМНЕ.
– Ако вие во еден оркестар свирите на различни ноти тогаш логично е дека оркестарот нема да биде допадлив за ушите на слушателите. Затоа велам ако тие програми без разлика на која политичка партија се допрат со програмите на ВМРО-ДПМНЕ и обратно, тоа не треба тоа да биде еднонасочна улица. Сите политички партии доаѓаат предвид, вклучително и политичката партија ДУИ – одговори Мицкоски.