Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, осврнувајќи се на преговорите за законот за јавно обвинителство, во видеопорака на Фејсбук порачува дека за правдата не планира никаков компромис и оти препознава задни намери кај власта. Тој на власта ѝ порачува „да не се надева на ново Пржино и некаков нов договор на кој ќе се повтори реприза на ослабеното ВМРО-ДПМНЕ, кое ќе потпишува сѐ и сешто“.
– Еднаш Заев ќе се пофали дека имал две третини за обвинителството, па кога ќе види дека нема, тогаш министерката ќе каже дека, еве, ќе го менуваме Советот за јавни обвинители, зашто таму не ни требаат две третини. Но сами си ги кажуваат задните намери, кои имаат две цели. Првата е политичка – да се пресметаат преку инсталациите во обвинителството со политичките неистомисленици. Втората е да го заштитат криминалот, кој ќе го стават зад себе, а обвинителскиот систем да им биде слуга. Тоа не може така, и тоа нема да помине така – рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на власта уште ѝ порача и „да не се надева на некакво ново Пржино, на некаков нов договор“.
– Затоа што ВМРО-ДПМНЕ, јас како негов претседател вам и на сите низ Македонија ви ветувам правда, а за правдата не планирам никаков компромис – додава тој.