Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, апелира до владата или да прифати електронски попис или да го одложи за следната пролет. Тој рече дека ќе побараат да биде укинат Законот за попис кој што, според него, бил донесен без консензус и без елементарно почитување на здравјето на граѓаните во услови на тешка пандемија.
– Денеска практично ја отпочнуваме иницијативата формално со која што ќе го доставиме и законот во рамките на собранието до спикерот на парламентот со кој што ќе побараме да биде укинат Законот за попис кој што беше донесен без консензус и без би рекол елементарно почитување на здравјето на граѓаните во услови на тешка пандемија кога за жал властите не успеваат да се снајдат со истата, а Македонија е закована убедливо на дното или на врвот, како сакате наречете го тоа по бројот на лицата кои што се инфицирани и по бројот на луѓето кои што за жал го загубија животот поради неспособноста на власта – изјави Мицкоски.
Лидерот на опозициската партија додаде дека кај нас пописот е невозможно да се случи есента 2021 година поради локалните избори и кампањата која што тогаш ќе се случува, и апелира до владата и собранието на разум, и одложување на пописот за пролетта 2022 година.
– Гледаме дека воопшто не се ни направени пописните тимови, ниту пак обучувачите на истите пописни тимови, имајќи ги предвид пандемските услови во кои што државата се наоѓа и невозможно е истите да бидат обучени а притоа да биде заштитено практично здравјето на тие луѓе кои што ќе бидат дел од тие пописни тимови – рече Мицкоски.
Поддршка за матурантите и за наставниот кадар
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања дали очекува од другите политички партии да ги поддржат измените на Законот за средно образование кои што ги предлага ВМРО-ДПМНЕ, рече дека ги поддржува матурантите и наставниот кадар бидејќи како што вели тој тие се во право и ги повика сите пратеници да го поддржат законот бидејќи на тој начин ќе се надминат сите недоразбирања.
– Очекувам сите политички партии во рамките на парламентот да ги поддржат
матурантите, бидејќи матурантите се во право. Можеби на јавноста не и е јасно, но
сакам еве и јас од името на професорите, не од името на политичарите, да ги
поддржам матурантите, да го поддржам и наставно-образовниот кадар во основните
и средните училишта, кој што негодува практично на т.н реформи кои што се прават
во оваа зграда, во една канцеларија од каде што претпоставувам сега не гледа од
високо, која што абер нема што е образование, ниту пак реформи во
образованието. Ги поддржувам сите нив во нивните намери, затоа што и
матурантите и наставно образовниот кадар се во право. И ги повикувам пратениците
во парламентот да го поддржат законот на опозицијата кој што беше поднесен,
затоа што на тој начин ќе бидат надминати сите недоразбирања – посочи Мицкоски.