Колку „вакцините може да се изменат“ на начин што целосно ќе ја отстрани можноста за згрутчување на крвта кај вакцинираните, на што се фокусира Светската здравствена организација при имунизацијата и до каде е истрагата за потеклото на глобалната јавно-здравствена криза се некои од прашањата во чии одговори акцентот сѐ уште се става на зборот „веројатно“, со очигледната намера да се избегне грешка

ПО РЕЧИСИ ЕДНА И ПОЛ ГОДИНА ОД ПРОГЛАСУВАЊЕТО НА ПАНДЕМИЈАТА

Решена мистеријата за згрутчување
на крвта кај вакцинираните

Германските научници велат дека ја разјасниле причината за ретката појава на згрутчување на крвта поврзана со вакцините против ковид-19 на „Оксфорд/Астра зенека“ и „Џонсон и Џонсон“. Исто така, тие веруваат дека вакцините би можеле да бидат модифицирани, со цел ваквата реакција да биде целосно избегната.
Професорот од универзитетот „Гете“ во Франкфурт, Ролф Маршалек, кој од март досега го водеше истражувањето на оваа ретка состојба, изјави дека неговата студија покажала дека проблемот лежи во аденовирусните вектори користени во двете вакцини за испорака на клинестиот протеин (spike) на вирусот САРС-КоВ-2 во телото.
Во истражувачкиот труд објавен деновиве, Маршалек и другите научници даваат објаснување во однос на механизмот на испорака. Имено, вакцината го испраќа т.н. клинест протеин во клеточното јадро наместо во цитозолната течност што се наоѓа во внатрешноста на клетката, каде што вирусот нормално произведува протеини.
Откако ќе навлезат во клеточното јадро, одредени делови на овој клинест протеин се спојуваат или, пак, се разделуваат, создавајќи на тој начин мутирани верзии што не можат да се врзат за клеточната мембрана – место каде што се одвива имунизацијата. Според теоријата на Маршалек, слободните мутирани протеини клетките ги излачуваат во телото, што кај приближно еден од 100.000 луѓе предизвикува згрутчување на крвта.
Спротивно на „Астра зенека“ и „Џонсон и Џонсон“, вакцините врз база на мРНА, како оние на „Бионтек/Фајзер“ и „Модерна“, го доставуваат генетскиот материјал на клинестиот протеин во клеточната течност и тој никогаш не влегува во јадрото.
Кога гените на вирусот ќе се најдат во јадрото, може да создадат одредени проблеми – рече Маршалек за „Фајненшл тајмс“.

Германски научници веруваат дека „вакцините може да се изменат“ на начин што целосно ќе ја отстрани можноста за ваква реакција

Ретката реакција на згрутчување на крвта, која резултираше со попречена имунизација со двете горенаведени вакцини, била забележана кај 309 од 33 милиони луѓе што примиле „Астра зенека“ во Велика Британија, предизвикувајќи 56 смртни последици. Во Европа, од 16 милиони приматели на вакцини, најмалку 142 лица добиле згрутчување на крвта.
Како одговор на ваквата ситуација, употребата на „Астра зенека“ беше ограничена или целосно прекината во повеќе од десетина држави. По краткото задоцнување предизвикано од загриженост поради крвните згрутчувања, во април „Џонсон и Џонсон“ започна со воведување на својата вакцина во Европа.
Маршалек верува дека постои директен излез од овој проблем, но само доколку оние што ги развиваат вакцините го изменат редоследот на клинестиот протеин, спречувајќи го така неговото одвојување. Понатаму, тој изјави дека од компанијата „Џонсон и Џонсон“ веќе контактирале со неговата лабораторија и побарале совети и насоки, бидејќи се во потрага по начини за приспособување на својата вакцина.
Според Маршалек, клинестиот протеин во вакцината на „Џонсон и Џонсон“ веќе бил помалку склон кон „спојување“ одошто оној во вакцината на „Астра зенека“, а со тоа и опасната реакција кај првата била поретка. Во САД, кај само осум луѓе од вкупно 7,4 милиони приматели на вакцината на „Џонсон и Џонсон“ биле регистрирани проблеми со згрутчување на крвта.
„Џонсон и Џонсон“ сега се обидува да ја оптимизира својата вакцина. Со податоците што ги имаме во рацете, може да им кажеме на производителите како да ги мутираат тие секвенци, со тоа што ќе го кодираат клинестиот протеин на начин што спречува несакани реакции на меѓусебно спојување – вели Маршалек.
Маршалек изјави дека неговата лабораторија сѐ уште нема разговарано со „Астра Зенека“ во врска со своите наоди.

Од „Астра зенека“ уште немаат контактирано со нас, така што не сме разговарале со нив, но ако го сторат тоа, може да им кажеме што да направат за да развијат подобра вакцина – изјави Маршалек.
Од друга страна, од компанијата „Џонсон и Џонсон“ изјавија дека ги поддржуваат континуираното истражување и анализата на оваа ретка појава, додека и самите работат со медицински експерти и со глобалните здравствени власти. Исто така се радуваат на разгледувањето и споделувањето на податоците, веднаш штом тие ќе станат достапни.
„Астра зенека“ не одговори веднаш на барањето за коментар.
Некои научници предупредија дека теоријата на Маршалек е само една од многуте постојни, како и дека се неопходни понатамошни докази за потврда на неговите тврдења.
Недостигаат докази што би го покажале каузалниот синџир на поврзувањето на клинестиот протеин со тромбозата. Овде сѐ уште се работи за хипотеза што треба да биде докажана со експериментални податоци – смета Јоханес Олденбург, професор по трансфузиска медицина на Универзитетот во Бон.
Маршалек рече дека ги презентирал наодите од својата лабораторија пред германскиот државен институт „Пол-Ерлих“ и националното советодавно тело за вакцинација и имунизација.
Тие беа изненадени од нашите наоди, затоа што никој досега не размислувал за проблемот со спојувањето – истакна професорот од универзитетот „Гете“.


Годинешната Светска недела на вакцинацијата, глобална иницијатива на Светската здравствена организација, се фокусира на доживотната имунизација, истакнувајќи ги предностите од навременото вакцинирање со соодветни вакцини во текот на животот, од раното детство, па до староста. Под мотото „Вакцините нѐ зближуваат“, во 2021 година целта на кампањата е да се изградат солидарност и доверба во чинот на вакцинација, како едно јавно добро што спасува човечки животи и го штити здравјето

Вакцините штитат од најраното детство до староста

Вакцините го подобруваат квалитетот на животот, го продолжуваат животниот век и придонесуваат за глобалното здравје. Со воведувањето на вакцините, децата веќе не заболуваат и не умираат од многу заразни болести за кои е пронајдена вакцина. Болестите против кои се спроведува систематска вакцинација се веќе потиснати, а некои се и елиминирани или искоренети, како на пример дифтеријата и детската парализа.
Пред да се воведат препорачаните вакцини за деца, заразните болести беа водечка причина за смрт во раната возраст. Сега се достапни нови, подобрени вакцини за заштита не само на децата туку и на возрасните. Примателите на вакцини имаат потенцијал за подобрен квалитет на животот, одржување на продуктивноста, но и на финансиската сигурност. Во многу земји, постарите луѓе се вакцинираат за спречување инфекции, вклучувајќи грип, пневмококна болест, херпес зостер и пертусис – за да се спречат развој на пневмонија и хоспитализација, поврзана со ризикот за смрт од срцеви болести, бидејќи е познато дека лицата во третата животна доба имаат зголемена инциденца и потешка клиничка слика при инфицирање со заразни болести.
Меѓутоа, недостигот од познавања во однос на вакцините претставува основна причина зошто некои возрасни лица свесно одлучуваат да не се вакцинираат или, пак, да не ги вакцинираат сопствените деца.

Вакцинирањето спасува животи

И покрај тоа што вакцинирањето секоја година спасува милиони животи и нашироко е признаено како една од најуспешните светски здравствени интервенции, сепак, во светот постојат речиси 20 милиони деца што не ја добиваат потребната вакцина, а голем дел од популацијата пропушта да прими вакцина во текот на адолесценцијата, зрелоста и староста.
Веќе неколку години по ред, на крајот на април се одбележува Европската и Светската недела на вакцинација, каде што во прв план се става фактот дека вакцинирањето е основно право на здравствена заштита на секој поединец, но и наша заедничка одговорност за заштита на јавното здравје и колективниот имунитет.
Годинешната Светска недела на вакцинацијата, глобална иницијатива на Светската здравствена организација, се фокусира на доживотната имунизација, истакнувајќи ги предностите од навременото вакцинирање со соодветни вакцини во текот на животот, од раното детство, па до староста. Под мотото „Вакцините нѐ зближуваат“, Светската недела на имунизацијата ќе поттикне поголем ангажман околу вакцинацијата на глобално ниво, промовирајќи ја така нејзината огромна важност.
Како дел од кампањата во 2021-та, Светската здравствена организација и поединци во светот ќе се здружат заради:
– зголемување на довербата во вакцините, за да се одржи или зголеми прифаќањето на имунизацијата;
– зголемување на инвестициите во вакцини, вклучувајќи и во рутинската вакцинација, за да се надминат пречките за пристап до вакцини;
– обезбедување континуитет во процесот на рутинската имунизација.
Иако светот се фокусира на енормно важните нови вакцини против ковид-19, и понатаму постои потреба за непропуштање на рутинските вакцинации. Во текот на глобалната пандемија, голем број деца не се вакцинираат, што ги става под ризик од сериозни болести, како што се сипаници или детска парализа.
Вакцинирањето штити од болести како што се дифтерија, тетанус, пертусис, мали и големи сипаници, рубеола, менингококна и пневмококна инфекција, детска парализа, гастроентеритис од ротавирус, хепатитис А и Б, ХПВ инфекции и грип. Спроведувањето на вакцинацијата е општо прифатено и претставува клучен приоритет за зачувување на јавното здравје, а се покажа и како многу ефикасно. Вакцинирањето се спроведува во согласност со Националната програма за имунизација на деца и возрасни лица.

Да се следат насоките на СЗО

СЗО издаде упатство за рутинска имунизација за време на пандемијата на ковид-19, предупредувајќи дека треба да се обрне внимание и на намалувањето на прекумерниот ризик од морбидитет и морталитет од болести што може да бидат спречени со вакцинација, нешто што би можело да следува доколку дојде до застој или прекин на имунизацијата.
Секое нарушување на имунизацијата, дури и накратко, ќе резултира со зголемен број ранливи поединци и поголема можност за избивање епидемии на болести што може да се спречат со вакцинирање. Таквите епидемии може да резултираат со смрт, како и со зголемени притисоци врз здравствените системи, кои веќе се оптоварени со епидемијата на ковид-19 – се наведува во упатството на СЗО.
И покрај широката достапност на многу сигурни и ефикасни вакцини во текот на животот, епидемиите, инвалидитетот и смртта од болести (кои може да се спречат со вакцина) и понатаму се присутни, најмногу поради намалената покриеност со вакцини кај сите старосни групи.
Поради пандемијата на ковид-19 и застојот во спроведувањето на имунизацијата, голема е можноста за нови изблици на болеста. Наедно, расте и потенцијалот за истовремена циркулација на грип. Оттука, се апелира до националните политики и влади да ги следат насоките на СЗО и да вложат напори за безбедно продолжување на рутината за имунизација, постигнувајќи што е можно побрзо степен на редовна имунизација, но и давајќи им притоа приоритет на најранливите групи (деца, адолесценти, постари лица, здравствени работници и бремени жени).
СЗО апелира да ѝ се посвети особено внимание на улогата на имунизацијата во заштита на здравјето и општочовечката благосостојба на целата светска популација, истакнувајќи дека вакцинирањето е една од приоритетните здравствени услуги за време на пандемијата на ковид-19.


Во два свои написи „Волстрит журнал“ повторно го отвори прашањето за тоа дали вирусот што предизвика глобална пандемија, сепак, избегал од лабораторија во Вухан, од каде што почна светската јавно-здравствена криза. Кинеското Министерство за надворешни работи реагираше брзо: „САД постојано смислуваат противречни тврдења и бараат истрага во лабораториите на Вухан. Ова е целосна потврда дека одредени луѓе во САД не се грижат за фактите и вистината“

Кој се грижи за вистината, а кој за лажните вести

Кина побара да се истражат раните случаи на болеста предизвикана од ковид-19 во САД. За пишувањето на „Волстрит журнал“, ставовите се дека медиумот „итро го испланира објавувањето на соопштението непосредно пред почетокот на заседанието на Светската здравствена организација, знаејќи дека така ќе наиде на голем одек во јавноста“. На собирот што се одржува во Женева, САД побараа да им се дозволи на меѓународните експерти да ги проценат можните извори на вирусот и „првите денови на избувнувањето на заразата“. Но Пекинг нема да го дозволи тоа – на своја штета, зашто „Волстрит журнал“ објави урамнотежени текстови што отвораат низа прашања, на кои светот нема одговори. А би требало да ги има.

Која е вистината?

Во првиот напис се наведува дека тројца научници од Кинескиот институт за вирусологија во Вухан биле хоспитализирани во ноември 2019 година, пред Кина да ја објави информацијата за избувнување на новата зараза. Извор е досега необјавениот извештај на американската разузнавачка служба. Неименувана портпаролка на Советот за национална безбедност не сакаше да го коментира извештајот објавен во „Волстрит журнал“, но изјави дека администрацијата на Џо Бајден сѐ уште инсистира на „сериозни прашања за најраните денови на пандемијата, вклучувајќи и за нејзиното потекло, кое се поврзува со Народна Република Кина“.
– Нема да даваме изјави со кои ќе ја прејудицираме актуелната студија на СЗО за изворот на САРС-КоВ-2, но јасно е дека меѓународните експерти би требало темелно да ги проценат технички веродостојните теории – рече таа.

Измет од лилјаци

На почетокот на годината, СЗО конечно испрати тим што требаше да спроведе истрага во Вухан, но во текот на работата тој наиде на низа пречки. САД, Норвешка, Канада, Велика Британија и други држави во март изразија загриженост по објавувањето на извештајот на мисијата за утврдување факти. За тоа имаат голем број причини, меѓу кои е и прашањето за криењето на случајот со истражувачите што се разболеле пред 8 декември 2019 година, денот кога, според кинеската влада, без сомнение бил откриен првиот пациент со симптоми на ковид-19.
Еден од истражителите изјави дека Пекинг одбил да му даде на тимот на СЗО какви било податоци за рани случаи на коронавирус во Кина. За ова во февруари извести „Ројтерс“, коментирајќи дека тоа би можело да ги комплицира напорите да се открие како почнала пандемијата. Тимот на СЗО не ги доби ни основните податоци, ниту пак безбедносните и лабораториските извештаи за работата во врска со коронавирусот на лилјаците во Вухан.
Во вториот текст, „Волстрит журнал“ наведува дека во 2012 година се разболеле шест рудари, кои влегле во напуштен рудник во близината на Вухан, за да го исчистат изметот од лилјаците. Сите имале симптоми што одговараат на денешната клиничка слика на ковид-19, а тројца од нив починале во август. Истражувачите екипи од Вухан започнале да работат на вирусите најдени во рудникот, откривајќи дотогаш непознат сој на вирус – сличен на САРС – кој го нарекле РаБтЦоВ/4991. Се покажало дека тој лесно може да разменува генетички материјал со други слични вируси и така да создаде нови, кои би можеле да заразуваат луѓе. Истражувањата биле водени од д-р Ши Зенгли, која резултатите ги објави во 2016 година во списанието „Вирологика синика“, меѓутоа, таа не наведе случаи на инфицирани рудари, споменувајќи го само напуштениот рудник.

Продолжување на истрагата?

Во февруари минатата година, во списанието „Нејчр“, д-р Ши го објави постоењето на вирусот РаТГ13, кој е 96,2 отсто генетски идентичен со САРС-КоВ-2. По тоа, научниците надвор од Кина забележаа неверојатно големи сличности помеѓу овој вирус и РаБтЦоВ/4991. Соочена со нивниот притисок, д-р Ши конечно призна дека се работи за истиот вирус и последователно го исправи текстот во „Нејчр“, додавајќи го и делот за инфицираните рудари.
Во последниот период се зголемува бројот на научници, вклучувајќи ги и оние што порано ја отфрлаа тезата за неконтролиран бегство на вирусот од лабораторијата во Вухан, кои бараат продолжение на истрагата. Како што наведуваат, нивната цел е преку сеопфатна истрага да се отстрани неизвесноста и дополнително да се олесни борбата против вирусот. Меѓутоа, Пекинг е непопустлив и, како што засега стојат работите, нема начин да дознаеме што точно се случувало во лабораторијата во Вухан.
Во мартовскиот извештај, СЗО излезе со заклучок дека вирусот веројатно се пренел од лилјак на човек преку друго животно, како и дека неконтролираното „истекување“ на вирусот од некоја лабораторија е едно крајно неверојатно сценарио за можен извор на заразата. Овде акцентот се наоѓа на зборот „веројатно“ и на намерата да се избегне целосното отфрлање на човечка грешка.