По низа крајно спротивставени изјави на лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, се наметнува дилема дали навистина недостига дијалогот, пред сѐ, за највисоките национални и државни интереси за кои декларативно се залагаат двете страни или на јавноста намерно ѝ се пласираат контрадикторни информации, додека во тајност се водат преговори околу точки што се од заеднички интерес на најголемите политички партии
Ниту празниците макар за кратко не ги тргнаа политичарите од првото место во животот на луѓето. Преку спорот за името, Законот за употреба на јазиците, барањето за амнестија за настаните од 27 април, интерпелацијата за Владата, политичките партии продолжуваат да ги остваруваат своите дневнополитички цели и да собираат поени на домашен терен. Наместо суштински политички дијалог, за кој постојано јавно се говори и се очекува и од власта и од опозицијата, политичките субјекти продолжуваат со своите монолози и со аргументите на силата наместо со силата на аргументите меѓусебно да се оцрнуваат и да го манипулираат народот. Речиси да нема ден, а да не стигне порака од странските политичари и дипломати во која се инсистира на политички дијалог за надминување на состојбата во Македонија.
Наспроти овие повици за релаксација на меѓупартиските односи имаме тајни лидерски средби и целосно контрадикторни изјави на лидерите. Од она што досега е познато во јавноста, политичкиот дијалог е најмногу закочен поради барањето на СДСМ за прифаќање на Законот за јазиците, нешто што ВМРО-ДПМНЕ го смета за крајно неприфатливо. Во меѓувреме, претседателот на Владата, Зоран Заев, минатата недела оцени дека дијалогот со опозицијата се движи во добар правец и ја поздрави одлуката на ВМРО-ДПМНЕ повторно да се вклучи во работата на парламентот, што, како што рече, ќе води кон функционална демократија. Наспроти овие тврдења е изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, кој најави враќање во Собранието, но само заради гласање за интерпелацијата на Владата на премиерот Заев.
Во исто време и покрај јавно изнесените спротивставени изјави и обвинувања за недостиг од дијалог на кој декларативно инсистираат и премиерот Заев и лидерот на опозицијата Мицковски, во оптек се и информациите дека меѓупартиските работни групи веќе работат во Собранието и имаат усогласено голем дел од законските решенија за исполнување на владиниот план 3-6-9. Ова, според стручната јавност, наметнува дилема дали навистина недостига дијалогот, пред сѐ, за највисоките национални и државни интереси за кои декларативно се залагаат двете страни или на јавноста намерно ѝ се пласираат спротивставени информации, додека во тајност се водат преговори околу точки што се од заеднички интерес на двете страни. За да се надминат причините за поделба во оваа состојба полна со фракции, потребно е многу чинители да почнат да соработуваат. Најчесто дијалогот е она што успешно ја издигнува соработката повисоко од конфликтот и напредокот од болните промени кон полошо, додаваат дел од познавачите на состојбите. Ако не сме ги дефинирале заедничките интереси, ако немаме заедничка цел, ако немаме единствена визија за националните и државни интереси, за што тогаш ќе водиме дијалог, се обидува низ поставената теза на овој начин да ги побара причините за тоа што во нашево општество денеска не се води дијалог речиси на ниту една тема, речиси во ниту една област, политикологот Милан Стефановски.
– Европската Унија секогаш преку сите свои извештаи проблемите во Македонија ги дели во две групи. Едната е проблемот за името, а другата се домашните проблеми: владеењето на правото, независноста на судството меѓупартискиот дијалог итн. Ако имаме влада што во предизборието ветуваше дека ќе го нормализира дијалогот во општеството и во политиката, а денеска имаме јавни обвинувања дека нема дијалог додека се одржуваат тајни средби, останува да заклучиме дека народот се манипулира и непотребно се подгреваат тензиите – заклучува Стефановски. Политикологот дообјаснува дека ваквата практика не е новина на домашната политичка сцена и апелира граѓаните да не наседнуваат на дневнополитичките интриги и манипулации од страна на политичарите. Димитар Димов, познавач на состојбите, поздравувајќи ја комуникацијата меѓу лидерите на власта и на опозицијата очекува таа да резултира со хармонизација на односите во Собранието. – Во принцип, со години и едните и другите си тераат по свое и не се слушаат. Клучно е дека доколку се признае тврдењето на една од страните во врска со тоа што е прифатено во преговорите тоа значи сериозен удар за целокупната позиција на партијата во целата оваа политичка дебата што се случува во периодот. И оттука едноставно се игнорира аргументот на другите и се продолжува со сопствена еднонасочна комуникација за која знаеме дека не води кон добро. Дали овој пат тоа ќе помина кај народот особено кога станува збор за прашањата од национален интерес, остануваме да видиме – оценува Димов.
Инаку, и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека за многу прашања за кои јавноста сѐ уште не е известена е постигната согласност и дека наскоро се очекува договор меѓу двете партии да биде готов. Според досега објавените информации од владејачка партија, договорен е пакетот реформски закони во правосудството, Законот за судски совет, претседател на Државната изборна комисија да се избира по предлог од опозицијата, а во меѓувреме да се отвори дебата за Изборниот законик од која ќе произлезе најдоброто решение за составот на комисијата, а било отворено и прашањето за финансирање на партиите од државниот буџет. Истите извори додаваат дека во рамките на политичкиот дијалог, работни групи од двете партии работеле околу усогласување и на законите за следење на комуникациите и за таканаречените укажувачи.