Може ли македонската дипломатија да го исползува моментот на острите бриселски критики кон властите во Софија за нивното недемократско дејствување во правец на надминувањето на бесмислените бугарки пречки поврзани со бугарско-македонскиот спор за јазикот.
Изминатиот период Бугарија е предмет на остри критики на меѓународната јавност поврзани со длабоката корупција во државата, невладеењето на правото и практикувањето недемократски принципи на владеење.
Американскиот магазин „Политико“ пишува дека ЕУ не може веќе да ги држи затворени очите пред големиот број проблеми во Бугарија.
– Приближно една декада германската канцеларка Ангела Меркел, но и други лидери на ЕУ, не сакаа да увидат како нивниот сојузник Бојко Борисов навистина раководи со неговата држава – пишува „Политико“.
Според медиумот, сега европските лидери ќе мора да погледнат во начинот на кој дејствуваат бугарските власти и како се практикуваат државната власт и демократските принципи.
Во меѓувреме, домашните политички аналитичари и дипломати, разгледувајќи ја актуелната поставеност на настаните, велат дека секоја можност да се убеди Европа во бесцелноста на спорот за јазикот со Бугарија треба да биде искористена, а актуелните настани во Софија одат во полза на докажување на вистината за настаните.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека овие настани одат во линија и со пресудата во Стразбур, во која се докажа дека македонското малцинство во оваа земја е оштетено од политиките на актуелната власт, која очигледно сега ќе има голем проблем и со самата Европска Унија.
Аналитичарот резимира дека, на крајот од денот, овој спор и оној со Грција не може да се споредат, бидејќи тежината на атинската дипломатија и нејзините моќни сојузници не може да се спореди со онаа на Софија, а со последните настани ЕУ ќе ја види апсурдноста на овој т.н. проблем.
Од друга страна, во своја последна изјава на слична тема, академикот Љупчо Коцарев, кој е претседател на МАНУ, истакна дека светската лингвистичка наука потврдува дека т.н. македонско-бугарски јазичен спор, всушност, не е спор, туку е апсурд.
– Зарем е можно во 21 век да се оспоруваат основните човекови права? При прогласувањето на македонскиот јазик за вештачки, Бугарската академија на науките се потпира на две бесмислени тврдења – сличноста со бугарскиот јазик и политичкиот карактер на македонскиот – вели Коцарев.
Проф. д-р Марјан Марковиќ, дописен член на МАНУ, во обраќањето пред медиумите на темава изрази уверување дека објавените научни факти за македонскиот јазик наскоро ќе ги прифатат и политиката и политичарите и ќе ги имаат предвид при соочувањето со идните предизвици.