Последниот Извештај на Европската комисија за земјава претставува најсилен доказ за посветеноста на Владата да ја трансформира Северна Македонија по европски терк и да овозможи еднаков пристап до правдата, еднакви можности за сите и еднаквост пред законот, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ од денешната прес-конференција.
– Во Извештајот нѝ оддадоа признание за добриот напредок на реформите во правосудството и борбата против корупцијата, и се констатира усогласеност на законската рамка за заштита на човековите права со европските стандарди во најголема мера. Зголемени се напорите на Северна Македонија и остварени се видливи резултати како во судството, така и во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Ќе искористам зборови од Извештајот кои се издвојуваат како најзначајни за постигнувањата на Владата: Како резултат на нејзините реформски напори во последниве години, Северна Македонија воспостави механизми за обезбедување независност и одговорност на судството, како што се правила за именувања засновани врз основа на заслуги, проверка на имотот и судир на интереси и дисциплински постапки. Воедно, се оддава признание за добриот напредок на имплементацијата на Стратегијата за реформи во правосудството во која се адресирани Итните реформски приоритети на Прибе, како и препораките од Венецијанската комисија – кажа министерот.
Маричиќ нагласи дека Европската комисија има пофални зборови за проактивната улога на Судскиот совет, особено во делот на примената на новите правила за именување и унапредување на судиите, како и за утврдувањето на дисциплинска одговорност и разрешувањето на судиите.
– Како успех се забележува и усвојувањето на Законот за Советот на Јавните обвинители, Законот за Јавното обвинителство и продолжувањето на постапките на СЈО преку кои ќе се утврди одговорност за злосторствата што произлегуваат од и околу незаконското прислушкување. Воедно, се испраќа и една порака дека нѝ се потребни повисоки стандарди на однесување, а дека законите нѝ требаат и во пракса, а не само на хартија, цитирам: Ефективната имплементација на законската рамка, како и зголемените напори на сите засегнати страни да покажат преку сопствениот пример, ќе придонесат кон зголемување на довербата на јавноста во судството – истакна министерот за правда.