Според аналитичарите, нема да има никаков застој во договореното од грчката страна

Во контекст на нејаснотиите што се актуелни во домашната јавност кога во Собранието деновиве се очекува да мине и последната трета фаза од уставните измени, обврска што произлегува од спогодбата со Грција, се наметнува уште едно прашања, а тоа е дали и покрај нашата завршена задача, Грција ќе си ја заврши својата работа докрај. Дали истите механизми на меѓународен дипломатски притисок со кои се соочуваше земјава изминатиот период, но и проблемите околу владеењето на правото во однос на имплементирање на фазите од спогодбата од Преспа ќе се применат со ист критериум сега и во Грција? Можно ли е Грција да не го ратификува договорот во тамошниот парламент, со оглед на тоа дека годинава во земјата претстојат избори, рејтингот на партијата на Ципрас е во опаѓање, а неговиот коалициски партнер Панос Каменос најави дека ќе се повлече од Владата кога договорот ќе дојде во грчкиот парламент. Ваквата дилема, која се наметна во домашната јавност, произлезе по пишувањата во грчките медиуми дека официјална Атина може да потфрли и покрај меѓународниот притисок што се создава за ратификација на договорот, откако топката ќе се префрли на нивната страна. Грчкиот весник „Катимерини“, во свој текст посветен на оваа тематика, вели дека евентуалното отфрлање на договорот во грчкиот парламент, би се сметало за пораз на западните сојузници, а на тој начин, Грција би станала црна овца во Алијансата.

– Притисокот од западните сојузници врз Атина да избегне проблеми во парламентот, формално ќе почне со пристигнувањето на Меркел, а ќе се засили како што ќе се приближува гласањето. Европејците и Вашингтон ги водеа двете земји до оваа точка, и се надеваат дека ќе го видат договорот финализиран. Тие отворено го поддржаа Заев во референдумот и за уставните амандмани. Нема да се двоумат да го сторат истото тоа со Грција, за да го доведат овој бесцелен спор докрај. Отфрлањето на договорот од грчкиот парламент ќе се смета за пораз од страна на сојузниците, а Атина ќе стане црна овца на трансатлантскиот сојуз – пишува „Катимерини“. Сепак за ваквата констелација на работите за професорот по меѓународно право Љубомир Фрчковски, иако отвора сомнеж во целиот процес, тој е убеден дека нема да има никаков застој во договореното од грчка страна, а овие сценарија што се пласираат во јавностите во двете земји се помалку вистинити отколку реални.

– Она што се очекува од наша страна е дека тие ќе го завршат договореното во целост, а поткрепа за ваквата моја теза е што владата на актуелниот премиер Алексис Ципрас го има потребното мнозинство во грчкиот парламент. Оттука шпекулациите што се однесуваат на дневна основа кај нас дека Грција можеби ќе нѐ изигра во однос на спогодбата и дека таа нема да си го сработи нејзиниот дел, откако ќе минат уставните измени во нашето Собрание, во целост се небулози. Исто така сакам да додадам дека ваквата лажна слика што се обликува во домашната јавност дека Атина нема да си го заврши својот дел од работата, повторувам се дневнополитички игри на кратки патеки од страна на поединци и на опозицијата, кои намерно сакаат да креираат манипулативна слика во јавноста за уривање на спогодбата. Сега кога нашиот дел е сработен и извесно е дека договорот ќе оди на ратификација во грчкиот парламент, нема простор за лажни сценарија и калкулации за кои зборуваат некои домашни политичари – вели Фрчковски.

Запрашан во однос на тоа дали е можен дополнителен меѓународниот притисок врз Атина, во деновиве што следуваат, за кој пишува грчкиот печат во однос на спроведување на договореното од Мала Преспа, професорот по меѓународно право, Фрчковски, додава дека тоа тешко може да се предвиди. Според него, Грција е земја на дипломатија со искуство и таквите прозивки на таа основа се тешко остварливи и спроведливи.

– Посетите на странците на официјална Атина во следниот период убеден сум дека ќе одат во насока на давање поддршка на целиот договор слично како што беше и кај нас. Иако тоа можеби ќе се совпадне во периодот пред изборите таму нема да има многу влијание кај власта, која повторувам засега има стабилно мнозинство и искрени намери договорот да го спроведе во целост за време на нејзиниот мандат – завршува Фрчковски.

Слично размислува и поранешниот амбасадор во НАТО, професорот Нано Ружин. Тој во однос на евентуален меѓународен притисок врз Грција околу ратификувањето на договорот таму коментира дека тоа сепак е можно, но не со исти механизми како кај нас, бидејќи според него Македонија и Грција не се на иста позиција на меѓународната сцена.

– Прво треба да се прави разлика во временскиот рок, кој го изоде владата на Зоран Заев со онаа на Ципрас. Македонија беше соочена со поголем број предизвици од Грција. Грчката страна треба единствено да собере просто моминство да го изгласа договорот по завршувањето на патешествието на уставните промени, кои беа присутни кај нас. Второ, Грција односно владата на Ципрас е сигурна дека ќе го изгласа договорот од Преспа со 151 пратеник со оглед на тоа дека за тоа е потребно просто мнозинство. И третиот елемент што сакам да го истакнам е дека во Грција, и покрај официјални реакции на десницата во земјата, најавите за излегување на Каменос од владата на Ципрас за време на ратификувањето на договорот е невистина бидејќи, според оние што се познавачи на тамошната политика јасно е дека и тие но и сите од опозицијата би биле среќни оваа влада на Ципрас да го усвои договорот, бидејќи на тој начин може да очекуваат да дојдат на власт на претстојните избори односно со еден проблем помалку – објаснува Ружин.

Поранешниот амбасадор додава дека Скопје изработи и понуди сѐ што можеше, сега на ред е Атина, која, според него, можно е да биде ставена под одреден меѓународен притисок во однос на ратификација на договорот од Преспа, но не како што беше Македонија во изминатиот период.

– Ангела Меркел, која е мотор на ЕУ и на Германија и има значајно политичко влијание врз Грција и Ципрас, не случајно оди во Грција за да поразговара за прашања поврзани со внатрешната, а особено и со надворешната политика. Не можеме да очекуваме дека и таму ќе бидат применети истите механизми на меѓународниот фактор како кај нас, за да се поттикне гласањето на пратениците за договорот, но мислам дека желбата во рамките на ЕУ и на НАТО за договорот да успее се еднакво силни и нема да се дозволи какво било друго сценарио освен успешно. Практично во Европа не најдовме земја-членка што се противи на договорот, па оттаму убеден сум дека Атина ќе си ја заврши целата работа докрај и Грција нема да биде црната овца во ЕУ и во НАТО-семејството – завршува Ружин.

Различно размислува поранешниот дипломат Ристо Никовски, кој, сепак, тврди дека последниот потег ќе го има Грција.

– Не е првпат грчката страна да најавува дека кај нив ратификацијата ќе биде спроведена во март-април, иако кај нас, според договорот, процедурата требаше да се заврши до крајот на декември. Ваквиот грчки став сигнализира дека Ципрас настојува по секоја цена што подолго да ја задржи својата влада. Познато е оти Каменос најави и повторуваше дека ако договорот дојде во парламентот дека тој ја напушта Владата и по автоматизам таа паѓа. За нас е клучно дали е точно тоа што го кажа Димитров дека сите наши процедури во Собранието за промена на Уставот ако се завршат нема да влезат во сила додека и Грција не ја заврши процедурата. Мора да се инсистира на вакво наше однесување бидејќи во поинаков случај може лесно да се случи ние да се прекрстиме и да останеме со прстот во уста. Тешко е да се прогнозира што сѐ може да се случува околу договорот со Грција, во тоа се кријат и сериозни опасности за нас меѓутоа и надеж дека целиот проект ќе пропадне – оценува Никовски.

Во меѓувреме пријателството меѓу Македонија и Грција, придобивките од Преспанскиот договор како и за процесите во македонскиот и во грчкиот парламент, беа темите на кои се осврна премиерот Зоран Заев во интервјуто за грчкиот весник „Ефимерида“. Тој истакна дека Македонија и Грција и нивните граѓани можат да бидат искрени пријатели, а договорот од Преспа не може да се промени во иднина.


Каменос пред одлука?

Портпаролката на Нова демократија и европратеничка, Мариа Спираки, во интервју за грчкото радио Њуз 247, уште еднаш повторува дека Нова демократија нема да го ратификува договорот од Преспа ниту во овој, ниту во следниот парламент.
– Повлекувањето на господин Каменос и неговите министри од Владата, неопходно е да го одведе господин Ципрас во парламентот за да побара ново мнозинство. Во спротивно, за нас нема никаков легитимитет – вели портпаролката на Нова демократија. Според најавите, токму за денес е свикана и вонредна седница на партијата на Каменос, на која партијата ќе ги обелодени и своите идни чекори.