Со инсистирањето македонската страна со декларација, во некаков анекс на Договорот за добрососедство, да се откаже од своето малцинство, Бугарија ја наведува Македонија со сила да ги признае „своите бугарски корени“. Тоа неверојатно потсетува на едни мрачни времиња од поновата наша национална историја кога фашистичкиот окупатор со мачења, притисоци, физички и психички тортури извлекувал признанија од младите македонски антифашисти и борци за национална самобитност и се обидувал да ги преобрати… Но минато е времето кога ја имавме улогата на жртва… Токму овде и токму сега е моментот кога треба да се направи широка меѓународна контраофанзива за вистината!

Откажување од македонското малцинство во Бугарија води кон бришење
и на Македонците во Македонија

Во фонот на „изненаденоста“ на бугарскиот премиер Бојко Борисов од резолуцијата на Комитетот на министри во Советот на Европа со која ѝ се наложува на Бугарија до 1 јуни 2021 година да ги регистрира македонските здруженија во својата држава, уште еднаш е илустрирана решеноста на бугарската политика преку декларативното откажување на Македонија од македонското малцинство кај источниот сосед, имплицитно да ги признае и бугарските корени на Македонците во македонската држава. Во интервјуто за германскиот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Борисов е категоричен дека нема македонско малцинство во Бугарија и дека е загрижен што неодамнешната резолуција на Европскиот парламент за Бугарија го отвори прашањето за наводно македонско малцинство во Бугарија.
– Единствената земја што би сакала почеток на пристапни преговори со нашата соседна република дури и повеќе од Германија е Бугарија. Но за мене беше големо изненадување што неодамнешната резолуција на Европскиот парламент за Бугарија го отвори прашањето за наводно македонско малцинство во Бугарија. Во Бугарија нема македонско малцинство. Какво македонско малцинство треба да има во Бугарија? И бидејќи социјалистите во Бугарија гласаа за резолуцијата во Европскиот парламент, тие очигледно исто така веруваат дека такво малцинство живее со нас. Наместо да водиме позитивна дебата за европскиот пат на Македонија, сега одиме кон една сосема поинаква дебата. Морам да кажам дека навистина сум загрижен за овие случувања – вели Борисов во интервјуто за ФАЦ.

Децениската бугарска политика (и тоа во сите општествени системи на државата) на одрекување на постоењето на македонско малцинство во Бугарија произлегува од нивната закоравена увереност за бугарски корени на македонската нација. Таквата неоснована политичка позиција спрема Македонија и Македонците, актуелно Бугарија настојува да ја наметне како услов за македонските евроинтеграции, кои моментално се под вето токму од источниот сосед. Како еден од клучните услови за повлекување на ветото, бугарската страна го наведува токму откажувањето на Македонија од процесите пред европските институции за правата на македонското малцинство во Бугарија. Имено, според резолуцијата на Комитетот на министри на Советот на Европа, донесена на 20 октомври, годинава, Бугарија треба да постапи според пресудите на Европскиот суд за човекови права за повеќе предмети поведени од Македонците во Бугарија и да овозможи регистрација на македонските организации. Во вака создадениот контекст на политичко проблематизирање на македонското малцинство во Бугарија, како пречка за членство на државата Македонија во ЕУ, се наметнува прашањето дали евентуална декларација на македонската влада (во евентуален анекс на Договорот за добрососедство) би имала влијание на спроведување на резолуцијата на Советот на Европа и би ги избришала обврските на Бугарија пред телата на ЕУ и европските институции.
– Резолуцијата на Советот на Европа, односно на Комитетот на министри, е многу јасна и е во императивна форма. Република Бугарија до 1 јуни 2021 година мора да ги регистрира сите македонски организации во својата држава, кои добиле пресуда од Европскиот суд за човекови права, за предмети во периодот од 2005 до периодот од 2019 г.. Тоа претставува многу прецизно изразена мултилатерална обврска на Република Бугарија спрема европските институции и конвенции, каде што е јасно наведено дека овие организации, кои во својот статут имаат изразено етничка македонска припадност и каде што кажуваат дека тие се организации на македонското малцинство, дали за културни посебности итн. Никој не може да преговара во името на овие организации. Значи, во овој случај, овластувањата на македонската влада се надвор од нејзиниот мандат и секаков билатерален договор би бил ништовен во ваков случај – вели адвокатот Тони Менкиновски, правен застапник на „Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија“.

Менкиновски нагласува дека Македонија, како држава нема право, ниту легитимитет, со никаков билатерален договор да се откаже од правата на Македонците во Бугарија, загарантирани според меѓународното право и многубројни акти на Европската Унија. Односно, македонската влада нема легитимитет да се откажува од правото на другите.
– Ние на Балканот треба еднаш да разбереме дека малцинските права се обврска на секоја држава и дека доколку постојат Бугари во Република Македонија никој не смее да им го ограничи нивното право на слобода на изразување. Истото важи и за Бугарија, доколку постојат, а постојат Македонци во Бугарија, тие треба да имаат право на слобода на изразување и слобода на здружување – потенцира Менкиноски.
Според него, Бугарија е во многу неповолна ситуација, бидејќи ако не ги исполни до први јуни овие обврски на Комитетот на министри, во согласност со Европската конвенција може да биде исклучена од Советот на Европа, поради непочитување на Европската конвенција, и дека таква меѓудржавна постапка може да поведе која било држава што не мора да биде Македонија.
Загриженоста на бугарскиот премиер Борисов, изнесена во интервјуто за германскиот медиум, произлегува и од таквата евентуална можност за исклучување од Советот на Европа, со оглед на бугарското немање желба и интерес за признавање македонско малцинство во рамките на својата држава. Но со каква било форма на признавање на бугарските корени од страна на македонската влада, на Македонците што живеат на територијата на денешната македонска држава, Бугарија смета дека го решава својот проблем со малцинствата пред ЕУ.

Всушност, со инсистирањето, македонската страна со декларација во некаков анекс на Договорот за добрососедство да се откаже од малцински побарувања, Бугарија ја наведува Македонија да ги признае „своите бугарски корени“. Навидум, ваквата логика личи на дилемата „дали е постаро јајцето или кокошката“, односно во бугарска верзија „нема македонско малцинство во Бугарија, зашто сите Македонци се со бугарски корени“, но политичка декларација во таква насока од македонска страна е сериозна стапица за суштината на македонскиот идентитет и за позицијата на Македонија како членка на ЕУ.
– Спроведувањето на резолуцијата на Советот на Европа, за регистрирање на македонските организации во Бугарија, секако не зависи од билатерална спогодба, туку пред сѐ е спроведување на обврската што произлегува од правилата на сојузот (ЕУ) во кој членува Бугарија. Постоењето на Македонците во Бугарија не зависи од билатерален договор, но откажувањето на македонската држава од нив, преку некаква евентуална декларација, или анекс на Договорот за добрососедство, го отвора патот и за признавањето на бугарските корени на сите Македонци, на што постојано инсистира Бугарија со ветото за нашите евроинтеграции. Треба да се биде многу внимателен и да се потсетиме дека Бугарија, исто преку уцени за евроинтеграциите успеа да издејствува и една можеби „Пирова победа“ во Албанија. Како и да се нарече таа победа, сепак успеа да го вметне бугарското малцинство во Законот за заштита на малцинствата во Албанија, секако пледирајќи на македонското малцинство таму – вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.
Во однос на сѐ погласните шпекулации во македонската и бугарската јавност за подготовка на анекс-декларација на Договорот за добрососедство, Петров предупредува дека секое дополнување на меѓународен договор подлежи на ратификација со закон во Собранието.

– Се шпекулира дека Владата ќе склучи анекс на договорот Заев – Борисов од 1 август 2017 година или декларација за негово спроведување и нивно објавување во „Службен весник“ без негово/а ратификација. Анекс на ратификуван меѓународен договор или декларација за негово спроведување не важи, доколку повторно не биде ратификуван во Собранието со закон-анексот на меѓународниот договор или декларацијата за негово спроведување, а законот прогласен со указ потпишан од претседателот на Републиката. Ако Владата планира исклучување на Собранието од ратификацијата на анекс на меѓународен договор или декларација за негово спроведување, врши кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, заслужува недоверба во Собранието. На таков начин, Владата врши грубо кршење на Уставот и суспензија на уставноправниот поредок на државата Македонија – предупредува Тодор Петров.


Демократскиот сојуз не сака бугарски „патокази“ во преговарачката рамка на ЕУ

Во соопштението на партијата Демократскиот сојуз, со кое излезе во јавноста и се обраќа до македонскиот преговарачки тим со Бугарија, се вели дека „врз основа на анализата на актуелните односи помеѓу Македонија и Бугарија, бугарските барања се сведуваат на три клучни работи: прво, да прифатиме дека корените на македонскиот народ се бугарски, второ, дека македонскиот јазик е бугарски дијалект и трето, дека во Бугарија нема Македонци“
– За да ги оствари овие цели, Бугарија ја блокира Македонија да ги почне пристапните преговори со Европската Унија. Тоа е класична уцена и нема поголема навреда за еден народ, да се негира или да се тврди дека тој е вештачка творба и да се употребуваат други потешки квалификации, кои не е пристојно ниту да ги споменеме. Впрочем, бугарскиот премиер Бојко Борисов за влијателниот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ призна од што се плаши: од признавање македонско малцинство во Бугарија!
Демократскиот сојуз му препорачува на преговарачкиот тим на Македонија јасно, гласно и недвосмислено да му соопшти на бугарскиот државен врв дека македонскиот народ е посебен и дека живее и опстојува на овие простори со векови, дека македонскиот јазик е автентичен, како и дека во Бугарија живеат Македонци (национално малцинство).

Ако се тргне од тие позиции, тогаш може да се разговара за други прашања и да се дадат гаранции дека немаме никакви територијални барања и претензии, дека не се мешаме во внатрешните работи на Бугарија, дека сакаме да се олесни движењето на граѓаните (границата да се минува само со лични карти), инфраструктурно да се поврземе, да се отвориме за слободно движење на капиталот, да ја продлабочиме соработката во областа на безбедноста и одбраната, здравството, образованието, туризмот итн. Малцинствата во нашата земја и Македонците што живеат во соседните држави, треба да се мост за подобро меѓусебно разбирање и почитување на различностите. Затоа Демократскиот сојуз повикува на претпазливост за какви било нови договори или „патокази“ што на каков било начин долгорочно ќе го доведат во прашање македонскиот идентитет. Да не се направи грешка што ќе ја платиме со губење на државата, затоа што нема држава без народ, јазик, територија и суверено владеење – се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.