Пред самиот почеток на учебната година, во јавноста имаше реакција од наставници дека во скратената наставна програма за четврта година (средно училиште) по Македонски јазик и литература се изоставени македонските поети Анте Поповски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски… Како симптоматична коинциденција, кратењето на наставната програма (и по Македонски јазик и литература) поради скратената учебна година и дигиталниот начин на изведба на наставата се случува во време кога токму македонскиот јазик, историја и нација стануваат предмет на безобѕирни негирања и политичка уцена од страна на Бугарија
Симптоматична коинциденција при кратењето на програмата по македонски јазик за матурантите
Штотуку почнатата учебна 2020/2021 година во Македонија, освен што се случува еден месец подоцна од вообичаената првосептемвриска традиција, го има и предизвикот на адаптација на условите и протоколите за заштита од коронавирусот. Дел од решението се гледа во воспоставување на онлајн наставата, што не само кај нас туку и во светот во голема мера е во експериментална фаза, која се соочува со голем број непознати предизвици, од економска, социјална, технолошка природа и, конечно, од образовен аспект. Димензионирањето на наставната програма приспособена за онлајн наставата веќе предизвика реакции во јавноста од страна на носителите на образовниот процес, конкретно на наставниците по македонски јазик. Пред самиот почеток на учебната година, професорот по македонски јазик во средно училиште во Охрид, Перчо Божиновски, реагираше дека во скратената наставна програма за четврта година (средно училиште) по Македонски јазик и литература се изоставени стиховите на македонските поети Анте Поповски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски…
– Во скратената наставна програма за четврта година по Македонски јазик и литература, замислете, изоставени се Анте Поповски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски… Зарем нив најдовте да ги тргнете од лириката во современата македонска литература? Дали затоа што преку нив можеби најдобро учениците ја развиваат и зацврстуваат свеста за значењето на македонскиот јазик и македонската литература како основни белези на националниот идентитет? Сте се излажале, ќе најдеме начин како да се интерпретираат, затоа што вечно ќе одекнуваат нивните стихови – пишува Божиновски на социјалните мрежи, а своите прашања и сомневања понатаму ги аргументира со цитати на легендарни стихови и мисли на најголемите македонски поети, кои се чини дека годинава се избришани од наставната програма.
Како симптоматична коинциденција, кратењето на наставната програма (и по Македонски јазик и литература) поради скратената учебна година и дигиталниот начин на изведба на наставата се случува во време кога токму македонскиот јазик станува предмет на политичка уцена за евроинтеграцијата на земјава од страна на Бугарија. Во актуелниот општествено-политички амбиент во Македонија, создаден по објавувањето на објаснувачкиот меморандум на Бугарија до земјите-членки на ЕУ, повторно преовладува чувството на загрозеност на македонскиот јазик со тврдењето изнесено во меморандумот дека тој е всушност дијалект на бугарскиот јазик. Таквите бугарски тврдења предизвикуваат активна билатерална, но и меѓународна лингвистичко-политичка дебата, кои се ставени во контекст на започнување на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.
Дополнителен аргумент за сомничавост во изоставувањето на конкретните македонски поети од скратената наставна програма може да се пронајде и во фактот што се формирани и работат мешани историско-образовни комисии, кои се резултат на соседските договори со Бугарија и со Грција, а кои треба да усогласуваат токму (историски) прашања и содржини што треба да се ефектуираат во образованието. Сепак, во целата оваа комплексна ситуација, во која се измешани многу претпоставки и факти, ни се чинеше најсоодветно да се постави прашање до Бирото за развој на образованието, каде што се креираат и усогласуваат наставните програми. Прашањето на „Нова Македонија“ до соодветната адреса беше насочено на причината на што се должи изоставувањето на творештвото на неколкумина македонски поети од наставната програма за четврта година средно образование. Односно колку имаат основа размислувањата изнесени во јавноста дека тоа се должи на спроведувањето на добрососедските договори со Бугарија и со Грција во однос на работата на историско-образовните комисии?
– Во воведот на скратената наставна програма по предметот Македонски јазик и литература за четврта година, гимназиско образование, наведено е дека таа се базира на конкретните цели што произлегуваат од наставните единици предвидени за овој наставен предмет што редовно се реализира во согласност со Наставниот план за гимназиското образование. Исто така, наведено е дека при реализацијата на наставните единици од скратената програма наставникот се води од определените поими, методи во наставата и учењето и активностите на учениците утврдени со целокупната (постојната) наставна програма.
Тоа значи, делот именуван како Македонска лирика што стои во скратената програма е скратен назив за сите поети што се дел од сегментот Лирика, a кој се изучува во подрачјето Литература во четврта година гимназиско образование во редовната програма. Во скратената програма во заграда се ставени тројца поети за кои стои потенциран болд за избор и во редовната програма, преостанатите автори, и понатаму означени како македонска литература се дел и од скратената програма за оваа наставна година.
Никакви општествено-политички настани не се поврзуваат со наставата и наставниот предмет Македонски јазик и литература, а за делот во програмата Македонски лиричари и понатаму ќе има простор и часови за изучување – се наведува во одговорот на Бирото за развој на образованието.
Исто така од Бирото апелираат до наставниците за сите прашања што произлегуваат со програмскиот дел од наставата да им се обраќаат и да ги решат дилемите и предизвиците во директна комуникација.