И покрај стандардната констатација за „исполнетите услови од страна на Македонија“, ноторна вистина е дека почетокот на преговорите со ЕУ е заложник на „вградениот дефект“ на консензуалниот принцип на одлучување во Унијата, односно во можноста секоја земја-членка да стави вето поради каква било причина на процесот на проширување
Навидум стивнати во македонскиот политички дискурс, прашањата поврзани со предизвиците на македонските евроинтеграции сепак постојат „меѓу редови“ на секој внатрешнополитички настан во Македонија. Истото тоа може да се каже и за тековните актуелни надворешни (билатерални) комуникации на македонските политичари.
На изглед, таа актуелна „замрзнатост“ на овие прашања е под влијание на нашите престројувања во врска со постизборните политички поместувања во соседна Бугарија, која всушност минатата година истрча како ЕУ-фронтмен за нов условувач за почеток на преговорите на Македонија за членство во Унијата.
За време на португалското претседателство да почнат меѓувладините конференции со Македонија и со Албанија
На седницата на Советот за општи работи на Европската Унија, која се одржа неделава, било разговарано за Македонија и за Албанија во контекст на можноста за скорешно почнување на преговорите. Притоа актуелниот претседавач со Унијата, Португалија, изразил надеж дека меѓувладината конференција Македонија – ЕУ би можела да се одржи до почетокот на јули оваа година. Државната секретарка за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закариаш, информирала дека со поддршка на еврокомесарот Вархеи било разговарано со бугарските власти, иако сепак Бугарија е во постизборен период. Закариаш истакнала дека дебатата за Македонија продолжува за да се дојде до резултат, а тоа е – за време на португалското претседателство да почнат меѓувладините конференции со Македонија и со Албанија. На состанокот повторно било истакнато дека Македонија ги исполнила сите услови и дека по целосното усвојување на преговарачката рамка би можеле да почнат преговорите.
Македонија со вкнижени три вета
И покрај стандардната констатација за „исполнетите услови од страна на Македонија“, ноторна вистина е дека почетокот на преговорите со ЕУ е заложник на „вградениот дефект“ на консензуалниот принцип на одлучување во Унијата, односно во можноста секоја земја членка да стави вето поради каква било причина на процесот на проширување. Уште непочната со преговори за членство, Македонија веќе има вкнижено три вета (од Грција, од Франција, а сега и од Бугарија) при пишувањето на својата современа европска историја. Токму правото на сопствена историја за Македонија се постави како суштинска причина за најновото вето од Бугарија. Иако билатералните комуникации за надминување на причините за бугарското вето се во застој, постојаниот претставник на Бугарија во ЕУ, Димитар Цанчев, на истиот состанок на Советот за општи работи на ЕУ потврдил дека „бугарската позиција за преговарачката рамка на Македонија и Албанија е јасна и конзистентна“.
– Ние ја поддржуваме политиката на проширување на ЕУ при стриктно почитување на сите критериуми. За жал, нашите македонски партнери продолжуваат да не го исполнуваат Договорот за добрососедство со Бугарија, кој беше еден од условите за да се отвори патот на земјата кон започнување на преговорите. Покрај сѐ, остануваме подготвени за дијалог – изјавил бугарскиот амбасадор во ЕУ.
Повеќе бугарски политичари уште пред тамошните избори децидно тврдеа дека Бугарија никако нема да отстапи од позициите (т.е. барањата) за историјата и националниот идентитет на Македонија и Македонците како услов за повлекување на ветото. Но се чини дека во меѓувреме бугарската политика ги надгради своите позиции со нови услови и обвинувања, веројатно проценувајќи дека само инсистирањето на историските прашања е неразбирливо и неприфатливо за другите земји-членки на Унијата. Во последното писмо од името на бугарската вицепремиерка Екатерина Захариева до еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, од 31 март, биле споделени информации за некои наводни дискриминаторски практики од страна на институции во Македонија спрема граѓани со бугарска самосвест.
– Посочени се и конкретни случаи – агресивната кампања спрема пејачот Васил Гарванлиев, недозволувањето донација од бугарски книги пренесени од Виктор Стојанов, полициски испрашувања на членови на културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола, агресивните коментари на градоначалникот на Крушево кон негова сограѓанка затоа што пречекала гости – велат бугарски дипломати.
Во писмото се обрнува внимание и на антибугарската кампања водена од т.н. институт ИФИМЕС во Словенија и неговите врски со РС Македонија – наведуваат бугарските медиуми.
Промена на тактиката со уцените спрема Македонија
Иако предизборно искажани, наводите во последното писмо на претходната бугарска влада до ЕУ навестуваат промена на тактиката во уцените спрема Македонија, со можност дебатите за историјата да останат во сенка на дебатите за добрососедство во сегашноста.
– Шансите за усвојување на македонската преговарачка рамка за време на португалското претседателство не се високи, имајќи ја предвид неизвесната ситуација во Бугарија во однос на креирањето влада. Европската комисија редовно го става ова прашање на агендата на државите-членки на ЕУ, но без функционална влада во Бугарија нема можност за придвижување напред. Истовремено, дискурсот на Бугарија во однос на спорот со Македонија во изминатиот период несомнено се движи кон истакнување говор на омраза, вклучувајќи и кон бугарските државјани во земјата, наспроти историските прашања што беа претходно во фокусот – проценува Симонида Кацарска, директорката на Институтот за европска политика – Скопје.
Рационален пристап во нерационален спор?
Во очекување да се формираат институциите во Бугарија, македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, официјално го одржува оптимизмот во македонската јавност за одржување разговори со бугарската страна за да се постигне консензус за преговарачката рамка на наредниот самит.
-За нас е многу важно што побрзо да се формираат институциите за да може да се продолжи комуникацијата. Независно што е сѐ уште во неформирани институции, јас испратив една официјална покана да ја одржиме меѓувладината комисија, која е инструмент од договорот, чија цел е да направи објективна процена на динамиката на неговата имплементација… Независно од тоа, јас мислам дека постои решение, само треба порационален пристап. Убеден сум дека изборите во Бугарија, па и нашите претходно не помогнаа во создавање доверба помеѓу двете држави или во одржување на довербата. Убеден сум дека во срцевината на проблемот е немањето доверба од двете страни за намерите, за интенциите, за интересите зад ставовите што ги прикажуваат – изјави министерот Османи за македонските медиуми.
Македонската страна е свесна за временскиот теснец од два месеца до крајот на португалското претседателство со ЕУ. Сепак не се исклучува надежта брзо да се формираат институциите во Бугарија и веќе на почетокот на мај да има интензивни активности за да се постигне решение што ќе ги надмине разликите по однос на преговарачката рамка. Втората можност, според Османи, е самитот на ЕУ во ноември-декември, што влегува во текот на словенечкото претседателство со Унијата, па следува француското претседателство. Во сите опции за конкретизирање на македонските евроинтеграции, се чини дека извесни се само новите неизвесности и искушенија.