Фото: Архива

Успехот на државните политики и воопшто просперитетот на една земја надвор од своите граници се должи во голем дел и на ефикасноста на дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП). Каков третман имаме кон нив, а каков однос кон лицата што професионално треба да се справуваат со предизвиците за имплементирање на надворешната политика на Македонија? Во нашата анкета со повеќе граѓани, тие велат дека почесто слушаат информации од приватниот живот на амбасадорите и за нивните гафови, отколку за нивниот професионален ангажман или за нивните успеси во дипломатската сфера

Додека Македонија граби напред кон евроатлантските интеграции, а успехот на една земја надвор од нејзините граници во голем дел се темели на ефикасноста на дипломатско-конзуларните претставништва, и земјава во исто време се соочува со речиси испразнета дипломатска мрежа во клучните за нас дипломатско-конзуларни претставништва низ светот, се поставува прашањето дали Македонија има воопшто дипломатски капацитет и може ли да го реши овој проблем од кој запира евроатлантскиот пат за земјава во овие клучни моменти?
Како амбасадорите ја претставуваат нашата држава во белиот свет и колку си ги исполнуваат задачите што МНР им ги доделува при промовирањето на земјава надвор, се дилемите во јавноста што деновиве повторно се актуализираа по препирките меѓу опозицијата и Владата и откако власта го обвини претседателот Ѓорге Иванов дека врши евидентна блокада на назначувањето нови амбасадори во македонските претставништва низ светот.

Во нашата анкета со повеќе граѓани, тие велат дека почесто слушаат информации од приватниот живот на амбасадорите и за нивните гафови, отколку за нивниот професионален ангажман или за нивните успеси во дипломатската сфера. Од друга страна, поранешните дипломати коментираат дека сегашната состојба со надворешната политика може да се опише како обид да се излезе од долгогодишната „глува соба“. Тие додаваат дека честопати се среќаваме со нетранспарентност во дипломатските настани, партиско монополизирање на оваа активност, како и амбасадори што се уплашени да дадат изјава за домашните медиуми, а камоли да напишат текст за медиумите во земјата во која се наоѓаат.
Според нив, не е јасно како може земјава да се надева на успех на политички, економски, но и на безбедносен план во иднина ако не работиме на дипломатијата и на решавање на проблемите во оваа круцијална алатка за нашата држава.

Во моментов, според официјалните податоци што можат да се најдат на сајтот од Министерството за надворешни работи, од вкупно 59 ДКП во светот, четириесетина немаат шефови на ДКП, дури во триесетина од нив нема амбасадор да ја врши функцијата, што е невидена дипломатска хаварија дури и за Македонија. Празни се амбасадите во Белград, Берн, Брисел, Букурешт, Варшава, Доха, Загреб, Каиро, Канбера, Копенхаген, Лондон, Љубљана, Мадрид, Њу Делхи, Осло, Пекинг, Подгорица, Прага, Рим, Сараево, Стокхолм, Талин, Тел Авив, Тирана, Хаг, (амбасадорот од Вашингтон е повикан на консултации), како и мисиите во ОН, во ОБСЕ и во Обединетите нации во Женева (каде што скоро цела деценија нема амбасадор). Во некои од нив нема ниту вршител на должност, како во Италија, а таа земја го бутка најсилно барање за отворање мигрантски кампови во Албанија и во Македонија. Вршител на должност нема ни во Холандија ни во Шведска, две влијателни земји-членки на Унијата, а во Република Чешка, Македонија е претставена само на ниво на прв секретар. Од сите генерални конзулати, кои се осум на број (Солун, Венеција, Минхен, Мелбурн, Торонто, Чикаго, Детроит, Њујорк и Истанбул), само во Чикаго и во Торонто во моментов има генерален конзул.
Поранешниот амбасадор во Москва, Ристо Никовски, коментирајќи на оваа тема вели дека ваквите ситуации во дипломатијата значат нарушување на меѓународниот углед на Република Македонија.

– Немањето амбасадори во дипломатски претставништва е прво сериозен хендикеп за самата земја и второ, ако таа практика долго трае, е порака за земјата-домаќин дека не им се придава некаква важност на односите со неа. Македонија секако има капацитети да ги пополни амбасадорските места, иако нивото на нашата дипломатија во целина не е високо, бидејќи нема соодветна традиција, меѓутоа во конкретниов случај очигледно станува збор за политички проблеми. Ние знаеме дека долго време ДУИ и другите албански партии не го признаваат претседателот на државата и тоа се рефлектира и на изборот на амбасадори, а и кохабитацијата покажува дека во оваа област нема соработка – вели Никовски. Поранешниот дипломат додава дека случајот на неодамнешната посета на Шекеринска на Вашингтон и нејзиното игнорирање на амбасадорот Наумовски, кој мораше да биде вклучен во делегацијата а не беше, покажува дека оваа власт води сметка за сопствените интереси, а не за државата.
Од друга страна, поранешниот дипломат и амбасадор во НАТО, Нано Ружин, вели дека една од причините што придонесе за неквалитетен дипломатски кадар е што амбасадорските столчиња во минатото се делеле како награда за партиските послушници. Според него, постои и друга причина за слабоста на македонската дипломатија.

– Претседателот Иванов нема ингеренции да го кочи процесот на евроатлантската интеграција на земјава кога е познато дека извршната власт е таа што го диктира темпото на политичкото определување на националната политика. Македонија е млада држава и сега се наоѓа во историска пресвртница кон НАТО и отворање преговори со ЕУ каде што во нормална земја-аспирант треба да се екипираат цели тимови, а не само да имаме амбасадор, кој, пак, е единствената личност што може отворено да лобира за нашата политика. Тоа е така бидејќи неговото место е значајно за лобирање со тие надворешни контакти, кои, за жал, министерот за надворешни работи не може да ги прави толку често – вели Ружин.
Тој додава дека од независноста, па до денес, Македонија првпат има најмногу празни места на амбасадори за кои главната вина, според него, ја сноси повторно Иванов бидејќи тој не ги потпишувал агреманите за назначување на новите амбасадори.
– Со неназначување официјални амбасадори на Македонија во странските земји МНР има повеќе опции за пополнување на тие празнини, а една од тие е ресорното министерство да испрати луѓе што имаат звање амбасадори. Но овде сакам да истакнам дека тие лица (дипломати) се во функција вршители на должност и можат да ја поправат сликата во земјата-домаќин, но не и да ја исправат во целост. Истакнувам, ваквите лица не се на исто ниво како амбасадорите во земјата и тоа на извесен начин претставува наш хендикеп во дипломатијата и водењето на надворешната политика – подвлекува Ружин. Правејќи паралела на дипломатијата сега и изминативе 20 години, Ружин дообјаснува дека период од 1990-тите години може да се оцени како успешен во промовирањето на Македонија со оглед на тоа што во тој период беа испраќани професионалци за разлика од сега. Ружин објаснува дека како најголем успех на македонската дипломатија може да се наведе трасирањето на евроатлантскиот пат. Но додава дека работите никогаш не биле сјајни.


МНР: Проблемот со дипломатијата се провлекува од минатото

„Нова Македонија“, за да ја добе вистинската слика за последните случувања и обвинувања меѓу опозицијата и власта околу испразнетата дипломатска мрежа низ Европа и светот во овие клучни моменти за нашата земја пред самитот на НАТО и на ЕУ, побара објаснување од Министерството за надворешни работи (МНР). На прашањето која е причината што се испразнети дипломатските места на клучните позиции низ Европа и како може да се пополни мрежата побрзо, но и да се зголеми процентот на кариерни дипломати, од Министерството само кратко одговорија дека „ваквата ситуација има политичка проблематика, која се провлекува од минатото, и ќе биде потребно време дипломатските дупки соодветно да се пополнат“.