Претседателот на Владата Зоран Заев, денеска на барање на еврокомесарот за соседство и проширување на Европската Комисија Оливер Вархеи имаше работен состанок преку видео конференциска врска.

На состанокот беше разговарано за подготовката на економско-инвестицискиот план за Западен Балкан, добрососедската политика, како и за можноста за одржување на прва меѓувладина конференција со Европската Унија.

Како што истакна еврокомесарот Вархеи, Европската Комисија останува посветена на помошта и во човечки ресурси, но и финансиски кон Македонија. Во моментов траат последните подготовки околу економско-инвестицискиот план, чија цел е намалување на финансискиот јаз помеѓу Македонија и Европската Унија. Во планот се предвидени речиси 9 милијарди евра за регионот од Западен Балкан.

Комесарот Вархеи се интересираше и за приоритетите на новата Влада, како и мерките кои во моментов се преземаат кон намалување на последиците од коронавирусот и реформите во клучните ресори во земјата.

Премиерот Заев ја истакна својата благодарност до ЕУ за поддршката во борбата со коронавирус кризата. Истовремено, ги презентираше приоритетите на Владата во следниот четиригодишен мандат и го увери комесарот Вархеи дека како држава остануваме посветени на силна имплементација на европската агенда и техничките процеси кои не очекуваат.

– Реформите во безбедносниот систем, јавната администрација и правосудството се главниот фокус на новата Влада. Истовремено, за Владата претставува стратешки приоритет отворениот дијалог со сите општествени чинители вклучувајќи ја и опозицијата за сите клучни прашања и реформи кои се важни за напредокот на Северна Македонија – додаде Заев.


Заев со рускиот амбасадор Баздникин: Очекувања за натамошен напредок на Македонија

Претседателот на Владата, Зоран Заев, се сретна со Сергеј Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Македонија. На средбата е предадена телеграма со честитки за формирањето на новата Влада, од рускиот премиер Михаил Мишустин, до премиерот Заев и во која се изразени заложби за унапредување на билатералната соработка во иднина.

Претседателот на Владата, Заев, се заблагодари со возвратен поздрав и констатација дека стратешки интерес на нашата држава се членството во НАТО и интеграциите во ЕУ, но нашата земја го почитува традиционалното пријателство со Руската Федерација и соработката во областите од взаемен интерес за граѓаните, како што се економијата и културата.

– Оваа Влада има подобри шанси пред себе да го унапреди квалитетот на живот на нашите граѓани, бидејќи се затворени крупните предизвици коишто стоеја на патот на евроатлантските аспирации. Сега се насочуваме како Влада и јас лично, првенствено кон резултати во економијата. На тој пат сме подготвени на принципиелна економска соработка со сите држави – пријатели на нашата земја. Владината коалиција цениме дека е поставена на стабилни основи и во очекуваниот полн четиригодишен мандат нашите цели се подобар животен стандард на граѓаните и реализација на европските перспективи – рече премиерот Заев на средбата со амбасадорот Бездникин.

На состанокот се потврдени заедничките определби за континуитет во трговската размена и економската соработка.