Македонија и напредокот во преговорите за името ќе бидат една од главните теми на денешниот Совет на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе се состанат за редовниот министерски совет, неколку недели пред јунскиот самит на кој европските лидери треба да одлучуваат за препораката на Европската комисија за почеток на преговори со Македонија и со Албанија.
Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, ќе ги брифира министрите на 28-те земји-членки за процесот на преговори, додека двајцата министри за надворешни работи на Македонија и Грција треба да продолжат да преговараат во Брисел, по њујоршката рунда.
Најавено е дека Бугарија, која моментално претседава со ЕУ, заедно со Австрија, која го презема кормилото на ЕУ од 1 јули, ќе организираат појадок на кој ќе учествуваат европските министри и министерот за надворешни Димитров.
Ова ќе биде можност за европските министри да го распрашаат шефот на македонската дипломатија за текот на преговорите за името, брифираат европски извори во Брисел.
Од македонското МНР претходно најавија дека министерот за надворешни работи Никола Димитров заминува во дводневна работна посета на Брисел.
Деновиве во јавноста циркулира нацрт-нонпејпер изработен од Франција и од Холандија во ЕУ во кој овие две земји се изјаснуваат против почеток на преговори со Македонија и со Албанија. Како што пренесоа некои од медиумите, дипломатски извори од други земји-членки велат дека не се изненадени од овој документ и дека нивната позиција им е позната на сите во ЕУ, но дека тоа „не нѐ загрижува многу“.
Нон-пејпер во европскиот дипломатски речник е неформален документ, кој се поднесува во рамките на преговарачки процеси, најчесто за да се предизвика реакција или дебата за одредена тема околу која нема согласност. Нон-пејперите секогаш не го рефлектираат официјалниот став на земјата или институцијата што го напишале.
Холандија и Франција се познати по отпорот на нивната јавност кон натамошното проширување на ЕУ, особено со оглед на претстојните европски избори за парламентот, на кои се очекува евроскептичните партии да го засилат своето присуство во оваа институција. Повеќе земји-членки на ЕУ, меѓу кои и Германија, отворено се залагаат за почеток на преговори со Македонија доколку се реши спорот за името со Грција.