Европратеници порачуваат
Претседателот на Делегацијата на Европскиот парламент за односи со Македонија, Андреас Шидер, вели дека Македонија и Бугарија треба да се оддалечат од контроверзните идентитетски и историски прашања.
– Не сум сигурен дека пренагласувањето на историската дебата, евентуално со лажни аргументи, е добро решение за иднината – рече австрискиот социјалдемократ Андреас Шидер, претседател на делегацијата на Европскиот парламент за односи со Македонија, на виртуелниот брифинг за Македонија, пренесуваат медиумите во регионот.
Шидер рече дека како дел од неговата функција тој морал да научи повеќе за историјата, дури и повеќе отколку што сакал.
„Политичарите почнуваат да заплетуваат прашања за идентитетот, кога не можат да одговорат на основните животни прашања“, рече Шидер.
„Се плашам дека е така кога станува збор и за ова прашање“, додаде тој.
Шидер истакна дека зеленото светло на Бугарија за пристапни разговори е „најдобро за решавање на соседските односи“.
„Оставете ги на страна прашањата за идентитетот и работете на други прашања“, порача тој.
Слична порака, како што пишуваат агенциите од регионот, испратил и бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, исто така известувач за Македонија.
„Историчарите нека дискутираат за историјата, а политичарите да бидат храбри“, рекол Ќучук.
Билатералните односи не треба да влијаат на пристапот на регионот во Европската Унија, додал тој.
Медиумите анализираат дека во ноември минатата година, Бугарија одби да прифати рамка за преговори за Македонија, блокирајќи го почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ.