Во колумната што излезе во „Нова Македонија“ на 29 мај 2021 г., ги назначив основните решенија за Македонија: (1) опстојба дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик имаат словенски, не бугарски, карактер; (2) консензуален (пропорционален) модел на извршната власт и (3) приспособување и имплементирање на европските вредности, но без инсистирање, по секоја цена, на полноправно членство во ЕУ. Во овој текст ќе образложам лична процена, заснована на генерална анализа на општопознати факти, за тоа дали и кои од овие решенија нашите „стратегиски сојузници“ ќе ги поддржат?
Денес, геополитичкиот поредок е мултиполарен и се обликува, главно, од меѓусебните односите на трите суперсили (наведени по азбучен редослед) Кина, Русија и САД. Тука, се разбира, не треба да се заборави и ЕУ, но, според некои аналитичари, „без Франција и Германија, ништо не може да се придвижи во ЕУ“, од една страна, а „на Берлин и на Париз им е сè потешко да постигнат компромиси со кои ќе го запалат моторот на Унијата“, од друга страна. Односите меѓу САД и Кина во период по Втората светска војна до денес се карактеризираат од целосно негирање (до 1972 г.), преку соживот и постепено отворање на Кина (периодот од 1972 до 1978 г.), до, последната фаза, целосно економско отворање (периодот од 1978 г.). Во периодот по 1978 година, двете држави (молчеливо) се договорија за меѓусебна поврзаност: САД понудија знаење и технологија (заради задоволување на сопствените бизнис-потреби), додека Кина, за возврат, понуди евтина работна сила.
Така, Кина доби пософистицирана технологија, а американските големи компании (технологии) се научија на софистициран пристап во дигиталниот авторитаризам. Оваа симбиоза доведе до енормен економски подем на Кина, па таа, по финансиската криза во 2008 г., најмногу придонесува за глобалниот економски раст. Последните неколку години, Кина, со различни иницијативи, ефикасно ги спои својата надворешна и економска политика. Во однос на Русија, не треба да се заборават, без разлика на нејзината релативно послаба, во однос на другите две големи сили, економска моќ, следените факти: (1) Русија држи клучни позиции во ООН и нејзините агенции како една од нејзините основачки членки (вклучувајќи го и правото на вето во Советот за безбедност), (2) руското општество има длабоко вкоренето чувство за посебна историска мисија, (3) нејзиниот голем придонес во победата над фашизмот/нацизмот во Втората светска војна, (4) Русија поседува најголема копнена површина од сите земји во светот и (5), според процените на Светската банка, Русија поседува природни ресурси во вредност од 75 трилиони долари.
За повеќето американските геополитички стратези „Америка е остров покрај бреговите на големото копно на Евроазија, чии ресурси и население далеку ги надминуваат оние на Соединетите Американски Држави“. Бжежински во 1997 г. ги формулираше американските геостратегиски императиви: „Европа и Азија се политички и економски моќни. Следува дека американската надворешна политика мора да го користи своето влијание во Евроазија на начин што создава стабилна континентална рамнотежа, а САД се политички арбитер. Глобалниот примат на Америка директно зависи од тоа колку долго и колку ефикасно ќе се одржи нејзината надмоќ над евроазискиот континент.“
Последнава деценија надмоќта на САД над евроазискиот континент слабее. Од една страна, САД ги изгубија клучните бази во „азискиот Медитеран“ ( Јапонско Море, Источно Кинеско Море и Јужно Кинеско Море), откажувајќи се, всушност, од Западен Пацифик и алијансата со Јапонија, последниот остаток на децениската доминација во регионот. Од друга страна, паралелно со јакнењето на економската моќ на Кина, а особено по 2010 г., повеќе постапки укажуваат на плановите Кина, во следните 30 години, да стане најголема светска суперсила. Пекинг не го крие тоа. Така, на пример, во 2019 година, за време на прославата на седумдесеттиот роденден на Народна Република Кина, претседателот Џинпинг изјави: „Ниту една сила не може да го запре напредокот на кинескиот народ и кинеската нација.“
Од овие перспективи треба да се согледа геополитичката положба на Македонија. За жал, и по триесет години, Македонија не успеа да изгради центри за стратегиски истражувања во геополитиката ниту дипломатска академија, што ја остава без автентична надворешна политика и компетентна дипломатија. Мултиполарниот поредок претпоставува флексибилност, особено ако некоја земја не чувствува дека хегемонот на нејзината група не ги штити нејзините витални интереси (што е дури и повеќе од национални интереси). Ако веќе сме се определиле за западниот хегемон, тогаш се поставува прашањето што добиваме од тоа. Целта на членувањето во меѓународни сојузи, особено на малите и послабите земји, е зачувување на сопствените интереси. Ние добиваме воена безбедност под чадорот на НАТО и на САД, но тоа може да биде Пирова победа. Навидум ефемерните и апстрактни вредности како национална самобитност, кои би требало да се жртвуваат за некакви либерални вредности, како што нѐ убедуваат, се сѐ уште исклучително значајни, за што пример ни се токму нашите соседи, но и сите други држави.
За Преспанскиот договор пишувале многумина истакната експерти, но и јас зборував повеќепати на таа тема, па нема потреба од повторување. Одделни последици на Преспанскиот договор укажуваат дека Западот (особено САД) е подготвен да жртвува еден неважен пион за поголем геополитички интерес, дури и ако тоа значи соочување со сеништата на минатото на нашите соседи, што може да доведе до распаѓање на државата и обновување на регионалниот поредок. Двете решенија за коишто пишував пред неколку дена, имено (1) опстојба дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик имаат словенски, не бугарски, карактер и (2) консензуален (пропорционален) модел на извршната власт, ќе го спречат распаѓањето на Македонија. Членувањето во меѓународни сојузи, особено на малите и послаби земји, подразбира зачувување на кредибилитетот и достоинството. Македонските политичари многупати досега се однесувале токму на спротивен начин, потчинето, недостоинствено и сервилно. На пример, тие покажаа недостиг од елементарен „здравствен суверенитет“ во однос на вакцините, па чекавме зелено светло од „сојузниците“. Што се однесува на Преспанскиот договор, застрашувачки се леснотијата и неукоста со кои нашите политичари ја прифатија содржината на Преспанскиот договор. Таму има неколку члена, но за тоа другпат, кои и денес ми предизвикуваат голема вознемиреност.
За да се разбере во целост геополитичката положба на Македонија, треба да се направи детална анализа на односите на Македонија со четирите (ЕУ, Кина, Русија и САД) големи сили, односите пошироко на Балканот, но и односите на Македонија со соседите. Накусо, денешните односи меѓу Бугарија и Македонија се обременети од три работи (по зборовите на Колемишевски): (1) трите изгубени оружени војни за освојување на територијата на денешна Македонија, (2) неуспешните обиди за асимилација на македонскиот народ во минатиот век, (3) тековната четврта (психолошка/хибридна) војна започната од Република Бугарија против истиот народ и територија. Пред речиси еден век, во статијата „Самоопределението на македонците“ објавена во „Мир“, на 25 март 1925, Мисирков ќе напише: „Мислам дека само во слогата, во соработката помеѓу Србите, Македонците и Бугарите е спасот на сите нас.
Србите и Бугарите спореа, печалеа Грците и Романците, ја загубија Македонија, Тракија и Добруџа. Најважниот услов за соработката помеѓу Србите, Бугарите и Македонците е, меѓутоа, полната слобода во самоопределувањето на Македонците. И ете за последново прашање јас го истакнав принципот на македонскиот патриотизам и национализам, како наполно неутрален и задоволувачки и за Србите и за Бугарите и за Македонците; засега можеби поправилно би било да се рече дека еднакво не ги задоволува ни Србите, ни Бугарите, ниту пак Македонците.“
Лидерите на Македонија конечно и еднаш засекогаш треба во одлуките што ги носат да даваат јасна предност на аспирациите на македонскиот народ пред желбите на моќните суперсили. Мудро дејствување на надворешната политика значи реализирање на прифатените обврски, но не и одење чекор понатаму и исполнување повеќе од прифатените обврски. Сè што е надвор од договорените и прифатените обврски, мора да биде исклучиво во интерес на Македонија. Со други зборови, без разлика дали и кои од трите решенија, од почетокот на овој текст, нашите „стратегиски сојузници“ ќе ги поддржат, предлагам тие решенија, коишто де факто не се дел од договорените обврски, да се реализираат по секоја цена, без разлика на притисоците и желбите на другите. Само така ќе опстанеме. Геополитичката карта на светот денес е целосно различна од онаа во 1925 година.
За жал, денес сме соочени со непринципиелни уцени и закани врз основа на ненаучни аргументи, бесмислено барање дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик имаат бугарски корени, и недостоинствено и понижувачко барање Македонија да ја дефинира македонската национална генеза по барање на соседна држава. Македонија, се надевам, нема да отстапи од одбраната на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, тие имаат словенски, не бугарски, карактер. Последиците од четвртата војна, во некои можни сценарија, за жал, можат да бидат штетни и за Македонија и за Бугарија. Така, зборовите на Мисирков се денес многу актуелни, може лесно да се случи други да печалат, а ние, и Македонците и Бугарите, да губиме.