Стравувањата во врска со злоупотребата на личните податоци дополнително се засилени по последните случувања со кражбата на лични фотографии и други податоци од приватни профили на граѓани од социјалните мрежи. Пред извесно време и лични податоци на некои граѓани беа цел на хакери што упаднаа во банкарски системи во земјава. Кражби на лозинки и лични податоци имаше и во Министерството за надворешни работи, а на удар се најде и Државната изборна комисија… Како што одминува времето, сѐ повеќе се нижат примери со злоупотреба на личните податоци, а се наближува периодот на пописот, каде што масовно се собираат податоци од таква природа
Државниот завод за статистика (ДЗС) и Агенцијата за заштита на личните
податоци (АЗЛП) на усогласување
Огромен број лични податоци ќе се собираат за време на пописот, така што граѓаните со право си го поставуваат прашањето колку се тие безбедни и дали не постои опасност од злоупотреба на таквите податоци.
Ваквите стравувања сега дополнително се засилени, по последните случувања со кражбата на лични фотографии и други податоци од приватни профили на граѓани на социјалните мрежи, но пред извесно време личните податоци на некои граѓани беа цел и на хакери што упаднаа во банкарски системи во земјава.
Кражби на лозинки и лични податоци имаше и во Министерството за надворешни работи, а на удар се најде и Државната изборна комисија.
Поради тие причини се појавува дилемата колку ќе бидат безбедни складираните податоци од пописниот прашалник, ако се има предвид дека во нив ќе бидат внесени буквално сите можни информации за граѓанинот.
Во прилог на ова оди и фактот што месец и половина пред почетокот на пописот, Државниот завод за статистика и Агенцијата за заштита на личните податоци сè уште се усогласуваат за начинот на користење на личните податоци и нивната заштита.
– Станува збор за огромен број лични податоци што ќе се слеваат при пописната операција и се разбира дека треба внимателност при нивното користење за статистичката операција. Затоа, ќе имаме повеќе усогласувања и прецизирања на наредните средби – изјави првиот човек на Агенцијата за заштита на личните податоци, Имер Алиу.
Некои од граѓаните со недоверба гледаат на капацитетите на институциите да ги заштитат нивните лични податоци, а тоа го темелат врз претходни пропусти.
– Не дека и досега не ги имаа нашите лични податоци, но сега ќе им биде собрано сè на купче. Како што ни се порозни институциите, ништо чудно утре сите податоци на граѓаните да се најдат на некој УСБ-стик што ќе се продава по пазарите. Сигурни беа и „бомбите“ од пред некоја година, па потоа се продаваа на цеде, не само низ земјава дури и во соседството – вели Филип Ангеловски, претприемач.
Според него, постои реална опасност некој да ги посака овие податоци и подоцна да ги користи за разни уцени или други нелегални цели.
Поранешниот собраниски пратеник и претседател на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, не го отфрла ризикот од можна злоупотреба на овие податоци.
– Секогаш постои ризик од злоупотреба на службената положба и овластување, затоа и постои Кривичен законик, и покрај уставните гаранции за заштита на приватноста – вели Петров.
Според него, поголем проблем од злоупотребата на пописните податоци би било фалсификувањето на неговите резултати.
– Не е до злоупотребата на личните податоци при претстојниот попис, туку фалсификувањето на неговите резултати со далекосежни последици по државноста на Македонија – смета Петров.
Универзитетската професорка Викторија Кафеџиска вели дека граѓаните речиси секаде оставиле матични броеви, електронски адреси и други лични информации, но надлежните институции се тие што треба да ги заштитат тие податоци.
– Ние во делот на институции и по она што е како во законска регулатива пишано, имаме заштита и можност за тајност на податоците, но надлежност на институциите е тие да останат тајни – појаснува Кафеџиска.
Според неа, нам генерално не ни недостигаат закони, па и во доменот на заштитата на личните податоци, туку прашањето е колку тие закони се почитуваат во практика.