Независно од претседателските избори, останува предизвикот за размислување околу придобивките и ризиците од предвремени парламентарни избори во овој миг за Македонија, од аспект на политичките партии, но секако и од гледна страна на рефлексиите врз граѓаните
Идејата, односно барањето за предвремени парламентарни избори, што лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја изнесе како директна и инстантна реакција на изгласаната одлука за уставни измени во Собранието, е една од темите што се наметнаа за анализа во политичкиот контекст на постпреспанска Македонија. Во изминатите неколку дена околу ова изборно фрлање на ракавицата на опозицискиот лидер се изјаснија речиси сите засегнати политички фактори, пред сѐ од владејачката коалиција. Главно ставот на владејачките СДСМ и ДУИ е дека иако нивната процена е дека рејтингот им е сосема задоволителен за победа и на парламентарни избори, сепак по свежо изгласаниот Преспански договор, сега Владата треба да се посвети на економскиот прогрес на државата, како и на исполнување на сите услови за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ. Во секој случај, барањето на ВМРО-ДПМНЕ сериозно и процедурално треба да биде земено предвид, а со оглед на особено сензитивниот политички момент во земјава, се поставува прашањето како евентуалните предвремени парламентарни избори ќе се одразат на сите условени политички процеси што претставуваат предизвик за државата.
И конечно што би значеле двојните избори од гледна страна на интересот и просперитетот на граѓаните.
Гледано од економски аспект, изгледа навидум оправдано да се спроведат претседателски и предвремени парламентарни избори во ист термин. Со оглед на најавата на претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека на 2 или 3 февруари ќе ги распише претседателските избори за да биде запазен законски предвидениот рок за избор на нов претседател на државата до крајот на мандатот на претседателот Иванов, останува краток временски период за одлука за предвремени парламентарни избори.
Теоретски, истовременото спроведување парламентарни со претседателски избори може да помогне во постигнувањето цензус за избор на претседател (40 отсто од регистрираните гласачи во единствениот избирачки список), но во практиката тоа и не мора да се реализира.
– Парламентарните избори не се директна гаранција за постигнување цензус на претседателски избори. Конкретно, во нашава ситуација, ВМРО-ДПМНЕ може да се мобилизира и да гласа на парламентарните избори, но да ги бојкотира претседателските избори, што не е нереално за очекување – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Независно од претседателските избори, останува предизвикот за размислување околу придобивките и ризиците од предвремени парламентарни избори во овој миг за Македонија, кои не би се сведувале само на казна (или награда) за власта и евентуално политичко профитирање на опозицијата. Всушност, колку се реални и потребни предвремени парламентарни избори во овој момент, кога веќе претставува политичка реалност изгласаната спогодба од Мала Преспа?
– Не е нелогично во ситуација кога државата ќе направи пресврт од 180 степени во својот конститутивен курс да се спроведат парламентарни избори за да се потврди таквата политичка одлука и да се потврди новиот политички капитал, за потоа полесно да се спроведат сите реформи што треба да произлезат од таквиот пресврт. Затоа и премиерот Заев и СДСМ велат дека би одговориле на предизвикот на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ смета дека ќе профитира од мигот кога темата и националните емоции околу изгласувањето на спогодбата од Преспа се свежи, но бенефициите сѐ уште ги нема. И двете страни, власта и опозицијата имаат логичен мотив и интерес за спроведување предвремени парламентарни избори, но проблемот е што тие би се случиле во најлош момент за земјата, кога е неопходен економски напредок и мобилизација за добивање датум за преговори за членство во ЕУ – размислува Арсовски.
Во поглед на мотивите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за барање предвремени парламентарни избори, професорот по политички науки Јове Кекеновски смета дека тие се плод на желбата на партијата да го ублажи негативниот резултат од недоследната политика и лабавиот однос по прашањето за името на државата, во целиот период на спроведување на спогодбата од Преспа.
– Факт е дека ВМРО-ДПМНЕ немаше дециден став по прашањето за името и спроведувањето на спогодбата од Преспа, од референдумот, па преку одлуките што се гласаа во Собранието. Ако ВМРО-ДПМНЕ сакаше предвремени парламентарни избори, требаше да ги бара порано, а не сега, кога е завршена целата процедура и веќе се усвоени уставните измени. Факт е дека кога веќе е отиден возот, треба да се остави сегашнава власт да си ја заврши работата. Но, од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Мицкоски знаат дека СДСМ нема да дозволи предвремени парламентарни избори, со оглед на тоа дека владејачката партија сепак не може да се повикува на поддршка на народот. Познато ѝ е на јавноста, а познато му е и на СДСМ дека СДСМ не ја доби поддршката на референдумот за уставните измени што ги спроведе. Мислам дека и едните и другите (СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ) глумат дека сакаат предвремени парламентарни избори – вели професорот Јове Кекеновски.
Што се однесува за опцијата преку парламентарни избори да биде постигнат цензусот за претседателски избори, Кекеновски смета дека тоа не е потребно, зашто потребниот одзив на гласачите за избор на претседател сепак е низок и доколку опозицијата е обединета и понуди добар кандидат, доследен и принципиелен, лесно може да извојува победа. Од друга страна, желбата за консензуален претседател, тој ја смета за фикција на СДСМ и на ДУИ.
– Познато е дека за консензус е потребна општа согласност на политичките фактори и на јавноста. Но таква согласност во овој миг во Македонија не може да се постигне – вели Кекеновски.
Во однос на рефлексиите од двојните избори врз граѓаните, аналитичарите се согласни дека во принцип кои било изборни циклуси негативно се одразуваат врз економските текови и во тој период постои одреден застој на започнатите процеси, инвестирањето и развојот. Во секој случај, за граѓаните е пресудно и со каква понуда и програма би излегле партиите, колку таа програма е реално остварлива и дали потоа цврсто ќе се држат за неа или програмата ќе им служи како и многупати досега, само како список на желби за лов во матно, односно за лов на гласачи.