Фото: Игор Бансколиев

Не е тајна, во нашите служби, особено во некои сегменти на Агенцијата за разузнавање, имаме луѓе што воопшто не се за оваа западна ориентација на Македонија. Тие се поврзани евентуално со други безбедносни системи, а не со западната алијанса. Зборуваме за луѓе на кои не им е драго што Македонија ќе стане членка на НАТО и на ЕУ и работат сѐ изминативе неколку години, а и денес го прават тоа, за да ја одвратат Македонија од тој пат, предупреди националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски

Има ли структури во македонската армија и полиција што се против наше членство во НАТО и во ЕУ и што активно работат на тоа? Оваа дилема стана актуелна во домашната јавност веднаш по посетата на помошник-генералниот секретар за разузнавање и безбедност во НАТО, Арнт Фрајтаг фон Лорингхофен, и по изјавата на националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, кој во телевизиско гостување истакна дека во нашите безбедносни структури има луѓе што не се за НАТО и за ЕУ. Ваквите изјави лансирани пред домашната јавност во време кога договорот со Грција е ратификуван во парламентите на двете земји и се очекува потпишување на протоколот, со што нашата земја би се приклучила како 30-та членка на НАТО, оставаат многу прашалници.

Имено, националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, неодамна во телевизиско интервју зборувајќи за посетата на Фрајтаг фон Лорингхофен и дали таа посета има поврзаност со очекувањата за потребата од прочистување или „ветинг на безбедносните служби“, неочекувано ја обелодени и информацијата за постоење структури против НАТО во нашите безбедносни служби.

– Тоа е прашањето што веројатно прво ќе дојде на агендата од аспект на класифицирани информации. Кога ќе влезете во заедничкиот систем за разузнавање на НАТО не можете да оставите луѓе, кои немаат баш чисто педигре, во професионална смисла, кои се врзани, евентуално со други безбедносни системи, а не со западната алијанса, да имаат контакт со тие информации бидејќи може да ги дисеминираат таму кај што не треба.

Не е тајна, во нашите служби, особено во некои сегменти на Агенцијата за разузнавање, ние имаме луѓе што не се поминати низ тој ветинг-процес и воопшто не се за оваа западна ориентација на Македонија. Службите ги знаат тие луѓе. Зборуваме за луѓе на кои не им е драго што Македонија ќе стане членка на ЕУ и на НАТО и работат сѐ изминативе неколку години, а и денес да го прават тоа, за да ја одвратат Македонија од тој пат. Има луѓе и од приватниот сектор и од регионот, и тие луѓе беа мошне активни и за време на референдумот и со финансирање на тие структури, кои не сакаат да одиме кон Западот. Сега откако поминаа договорот и уставните промени, тој ентузијазам и енергија им спласнаа, но не значи дека се завршени – рече Пендаровски. Претходно, на почетокот од месецот, и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски имаше свое обраќање на оваа тема при што истакна дека во тек е процес на прочистување во МВР и нагласи дека целта е пред сѐ да им се врати довербата на граѓаните во полицијата.

– Очекуваме врз основа на строго утврдени правила и критериуми да се изврши процесот на ветинг на секој вработен во МВР. Тоа значи да има професионални полицајци, декриминализирана, департизирана полиција, која ќе го штити интересот на граѓаните, полицајци, кои професионално и одговорно си ја вршат својата задача – нагласи Спасовски. Во контекст на актуелните случувања, од АРМ велат дека овој процес е неопходна алатка, која помага поефикасно да се достигнат и спроведат НАТО-стандарди на дејствување на армијата.

– Министерството за одбрана и МВР ја имаат надлежноста за тоа како се води овој процес, кој е поврзан со функционирањето на војската во професионална смисла на зборот. Имено, сите професионални припадници на армијата се подложни на проверка од државата дали тие ги исполнуваат неопходните стандарди. Кога започнуваат со работните обврски професионалните војници се подложни на безбедносна проверка, а офицерите пак дополнително во зависност од работните обврски и позицијата се должни да поседуваат и безбедносен сертификат и сето кажано е во состав на спроведување ветинг – објаснија оттаму.

Од друга страна, пак, од Министерството за одбрана, вчера до затворањето на весникот не добивме одговор на прашањето поврзано со процесот за прочистување и како тој се спроведува во армијата, која најдиректно ќе биде инволвирана по влезот на земјата во НАТО. Но едно е процесот за прочистување што се споменува како стандардна процедура за исполнување на неопходните стандарди, а нешто сосема друго идеолошката определба на поединци кон одредена цел како што се НАТО или ЕУ.

Во таа насока во политичката јавност беше отворена дилемата дали, можеби, користењето прочистување (ветинг) е „во функција на исполнување на одредени стандарди или, пак, може да се (зло)употреби како алиби за чистка на политички неистомисленици од безбедносните служби?“. Но уште поголема дилема во јавноста отвора вака формулираното прашање, бидејќи и политичките неистомисленици всушност имаат заеднички политички именител во НАТО и во ЕУ?! Оттаму оваа јавно изнесена информација изгледа збунувачки и нејасно, кои се тие структури против НАТО во АРМ и МВР, во чија функција се и како се случува да се откриваат токму сега. Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски вели дека констатациите за неопходноста за прочистување (ветинг) во безбедносните структури на земјата на Пендаровски и Спасовски се сосема исправни и издржани.

– Тука пред сѐ верувам дека ветинг-процесот ако се спроведе темелно најмногу се ќе одрази во функционирањето на разузнавачките служби и агенции во МО и МВР, иако ништо помалку значаен нема да биде ни во целосната проверка на кадрите во армијата и полицијата – вели Марковски. Познавачот на случувањата објаснува дека станува збор за т.н. проветрување на кадрите, кои во своето дејствување најбенигно можат да се објаснат како „непрофесионални во работата“. Од друга страна, во најлош случај, тие би можеле да бидат активни „кртови“, кои се занимаваат со шпионажа, односно оддавање тајни податоци и информации со што ги загрозуваат интегритетот и уставниот поредок на Република Македонија. Во таквиот контекст, според Марковски, прочистувањето во некакво преносно или дескриптивно значење означува проверка, а во контекст на реформите такви проверки се вршат во сите земји во Европа и претставуваат само редовна формалност на одредување на капацитетите, перформансите и способностите на вработените во безбедносниот апарат. Марковски објаснува дека овие луѓе, кои ќе бидат предмет на прочистувањето, слободно речено, се неквалитетен кадар во безбедносниот апарат на Македонија, а кои на своите работни места најверојатно стигнале партиски, а не по нормален пат по систематизацијата на земјата за овие работи и логично на тоа тие непрофесионално дејствуваат во безбедносниот сектор и се водат по партиски заложби, а не по овластувањата и законите на државата.

– Овој проблем во Македонија се провлекува долги години и верувам дека сега би можел да се анулира токму во моменти кога сме на дофат на членството во НАТО. Со успешно спроведување на ветингот ние ќе си ја осигуриме професионалноста во безбедносните органи, ќе го зголемиме нивниот квалитет, а со тоа и ќе порасне довербата на граѓаните во државните институции – вели аналитичарот.


Вирусот во АРМ сѐ уште се истражува

Предупредување за штетните ликови или вируси, кои го нарушуваат безбедносниот апарат во Македонија, беа неодамна регистрирани од сите медиуми во земјата и во странство. Како бомба одекна веста дека припадник на АРМ раководел сајтови со лажни вести и публикувал информации со невистинити содржини. Од АРМ информираат дека наскоро се очекуваат резултати од истрагата за овој случај, која сѐ уште е активна.