Бројот на извршени тестирања на милион жители во Македонија е 68.235. Од 100 тестирани лица, 9,8 се позитивни на ковид-19. На еден милион население, Македонија има 6.679 заразени лица. Бројот на смртни случаи на еден милион е 277. Микробиологот проф. д-р Никола Пановски од Медицинскиот факултет, за „Нова Македонија“ вели дека е добро што имаме голем број тестови бидејќи само така се откриваат повеќе случаи
Тестирањето за ковид-19 во регионот како ефективна алатка за борба против пандемијата
Пандемијата на ковид-19 во светот е во ек. Ако се погледнат статистичките податоци, нашата држава споредено со земјите во регионот е некаде на средината кога станува збор за бројот на новозаразени лица, како и за бројот на смртни случаи. Најлоша статистика, како што се објавува во истражувањето на „Ал џезеира“, има во Косово, државата што крајот на летото го дочека со убедливо најлоша корона-статистика во регионот. Ако се земат предвид бројот на новозаболени лица и бројот на тестирања што се прават на дневна основа во Македонија, може да се види дека тој процент е паднат под 10 веќе подолго време и тоа е во ред, сметаат познавачите. Микробиологот проф. д-р Никола Пановски од Медицинскиот факултет, за „Нова Македонија“ вели дека е добро што имаме голем број тестови бидејќи само така се откриваат повеќе случаи.
– Кога се работи за Србија, лично не им верувам на резултатите, особено за бројот на починати лица, тие реално имаат поголем број починати пациенти. Не може Србија да има помал процент од Хрватска и од Словенија. Ситуацијата во Косово не ме чуди бидејќи таму имало и денови кога цели 50 отсто од направените тестирања, биле позитивни. Во ред е што ние сме на средината, кај нас е повисок бројот на смртни случаи. Ние имаме и тренд на намалување на бројот на хоспитализирани пациенти што исто така е добар показател – смета проф. Пановски.
Од земјите во регионот, Србија убедливо најмногу тестира. Иако Косово најмалку тестира, односно прави 28 теста на 1.000 луѓе, бележи најголем број на заразени и починати лица од ковид-19 на едeн милиот жители. Во просек, на 100 тестирани лица, 26 се позитивни. Бројките кажуваат дека Хрватска со 38 извршени тестирања на 1.000 лица се наоѓа веднаш зад Косово. Сепак, бројките на заразeните и на смртните случаи не се ни блиску до оние во Косово. Така, на 100 тестирани лица во просек 5,6 луѓе биле позитивни на ковид-19. Бројот на заразени на милион лица изнесува 2.167, а забележана е најниска смртност – 43 смртни случаи на еден милион жители.
Според анализата на „Ал џезеира“, во Македонија 9,8 лица од 100 тестирани се позитивни на ковид-19. На еден милион население, Македонија има 6.679 заразени лица, бројот на смртни случаи во истиот сооднос е 277, а бројот на извршени тестирања на милион жители во државата е 68.235.
Пановски смета дека не можеме да се натпреваруваме или да се споредуваме со Словенија и со Хрватска, но е сосема во ред што ситуацијата е слична со онаа во Босна и Херцеговина и во Црна гора, со оглед на фактот дека ни се слични економската моќ и здравствените системи.
– Јасно е дека сме подобри од Косово во однос на корона-статистиката. Сега сме подобри и од Босна и Херцеговина, бидејќи тие имаат повеќе од 10 починати лица на ден, и тоа трае со денови. Уште е активна кај нив болеста како што беше кај нас во јуни и во јули. Кај нас е добро што малку олабавија и болниците. Еве, во „8 Септември“ имаше над 100 хоспитализирани пациенти, а сега таа бројка е околу 30. Ова е добро да потрае вака како што е, да се одмори малку персоналот, кој беше преморен со месеци – додава професорот.
Во однос на отворањето на училиштата, проф. Пановски смета дека властите требало да овозможат учебната година да започне од 15 август и да трае до 1 ноември, а потоа учениците да појдат на распуст во ладните месеци. Исто така, тој смета дека кога станува збор за Македонија, ќе се исполни најоптимистичкото сценарио, според кое, до 1 ноември бројот на смртни случаи треба да биде 760. Кај нас сега таа бројка е 605.